fbpx

Денеска им е годишнина: Груевски ги врати во игра „странските служби и држави“

-

Денеска е точно една година откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и доскорешен премиер, Никола Груевски, во обраќање кон нацијата (на 31 јануари 2015 година) обзнани дека странска разузнавачка служба е вмешана во обидот за преврат во земјава. Сега, повторно тој, во говорот пред унијата на жени на партијата, по неколкумесечно затишје, ги извади од фиока и ги врати на сцена странските служби, кои, според него, преку СДСМ сакале на „валкан начин“ да го урнат ВМРО-ДПМНЕ и да ја дестабилизираат Македонија.

Груевски, како главни налогодавци кои стојат зад аферата „Прислушување“ ги „осомничи“ странските служби веднаш по случајот „Пуч“ и пред почетокот на објавувањето на „бомбите“ од страна на опозицијата.

Странските служби беа редовна реплика на Груевски и на претставниците на неговата партија на прес-конференциите на кои опозицијата ги објавуваше прислушуваните разговори, за во месеците кога колминираше политичката криза и на сцена стапи меѓународната заедница, односно Европската унија и САД, целосно да исчезнат од реториката на тогашниот премиер, сè до вчера.

Сепак, и овојпат Груевски не ја именуваше „странската служба и држава“ што ги обвинува дека стојат за обидот за преврат во земјава.

„Поминавме година во која некој користејќи го СДСМ сакаше на најможно валкан начин да ја урне ВМРО-ДПМНЕ, да ја дестабилизира Македонија и да ја промени по терк како што налагаат неговите интереси. Сè беше совршено подготвено, но, како што знаеме, не постои совршено злосторство. Во овој случај недостигаше една сериозна финеса, која како и многупати низ историјата се покажа клучна за нашиот опстанок, која ја заборавиле или, во најмала рака, ја потцениле, а тоа е народот. По сите игри, по сите местенки, по потрошени толку многу години во подготовки за преврат и за остварување на некои други интереси, денеска, на 24 јануари 2016 година, точно три месеци пред предвремените избори, ВМРО-ДПМНЕ и Македонија се посилни и пообединети отколку кога и да било досега. Мислам дека по тоа, по оваа лекција која ќе дојде на изборите преку општонародното масовно гласање, ќе помине долго, многу долго време, пред на некој политичар повторно да му падне на ум да се обидува на власт да доаѓа со голема измама, со соработка со странски разузнавачки служби, со соработка со криминалци, со фалсификатори, со Чауши, со Ванхојтовци, со Катици и со продавачи на магла на типови чија главна цел е да ги изрекетираат бизнисмените во нивниот град“.

(Груевски, 24 јануари 2016 година)

Тој првпат ги спомена странските служби на 31 јануари минатата година, кога Министерството за внатрешни работи, под раковдство на Гордана Јанкулоска, поднесе кривични пријави против Зоран Верушевски, Зоран Заев и уште четири лица, за случајот „Пуч“.

Во своето обраќање пред јавноста, уште истиот ден Груевски рече дека обвинетите во „Пуч“ одработувале за странска разузнавачка служба и како во својство на јавен обвинител соопшти како било прислушувано.

„Според досегашните сознанија кои ги добив од МВР, зад снимањето стои странска разузнавачка служба, чиј главен соработник во Македонија е Зоран Верушевски (лицето З.В.) кој развил своја агентурна мрежа во Македонија… Според сведочењето и признанието пред истражните органи во павосудната постапка на двајцата од притворените, лицето З.В. врбувал две лица кои му помогнале во снимањето на материјалите за што добиле паричен надомест… Вториот начин е со т.н. тактичка опрема. Откако Заев почна да ги упатува заканите кон мене, МВР покани врвни експерти за оваа проблематка од позната странска компнанија, која со своја опрема утврди дека повремено на различни локации, главно во центарот на Скопје, непознат сторител врши нелегално прислушување и снимање телефоснки разговри, користејќи мобилна опрема чија локација постојано се менува, а функционира по принцип на клонирање на базни станици“.

(Груевски, 31 јануари 2015 година)

На 25 февруари, минатата година, Груевски на прес-конференција ги повтори овие наводи.

„Македонија била цел на прислушување од странска служба, а кон средината на 2014 година, за овие материјали се заинтересирало и лицето Зоран Заев, кој најпрво со нив се обиде да изнуди техничка влада. Директните извршители се уапсени. За другите ќе следува судска постапка“, посочи Груевски на прес-конференцијата.

На новинарско прашање која странска тајан служба прислушувала, Груевски тогаш рече дека таа им била позната на нашите служби, но во интерес на истрагата не може да го соопшти тој податок.

За тоа дали ќе бидат поднесени кривични пријави за странските служби и дали нејзините дипломати ќе бидат протерани, Груевски одговори: „Јас тоа што го имав го објавив“. На прашањето, пак, дали некој ќе понесе одговорност затоа што дозволил некој да ни упадне во безбедносниот систем, односно дали ако ова го направиле странски служби, тоа не е доволно за некој да поднесе оставка зашто власта „дозволила да нè прислушуваат и не нè заштитила“, Груевски рече дека „важно е тоа што сторителите се откриени“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш во својство на премиер, уште неколкупати ги споменуваше странските служби, но никогаш не ги именуваше.

Тајните служби на друга земја се и во основата на случајот „Пуч“, во кој дел од обвинетите се товарат за шпионажа.

На седницата за оцена на обвинителниот акт за „Пуч“, адвокатите на обвинетите пред судот рекоа дека обвинението е неиздржано, меѓу другото и поради тоа што во него никаде не се спомнува за која странска служба и држава одработувале осомничените.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...