Агелер: Анѓушев има право да најми адвокати во САД

„Кочо Анѓушев и неговиот тим беа едни од најпосветените и најспособни луѓе и кабинет во Владата во периодот додека бев јас премиер. Голем дел од економските успеси на Владата беа директна заслуга на Анѓушев“, се вели во реакцијата на Зоран Заев кој попладнево ја испрати до медиумите

Фото: Влада на РСМ

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер денеска на брифинг со новинарите ги објаснуваше причините за назначувањето на Кочо Анѓушев на американската „црна листа“, поради вмешаност во повеќе случаи на корупција. Таа кажа дека негово право е да најми адвокати во САД и да се обиде да промени одлуката, но, одлуката за ставање на црна листа е донесена по разгледување на значителни докази.

„Има и други лица чии случаи се процесуираат во Вашингтон. Не сакам да шпекулирам кога тие ќе бидат објавени, но ви ветувам дека ова не беше последното име“, рече амбасадорката.

Со оглед на тоа дека тој важеше за близок човек на поранешниот премиер Зоран Заев, таа не даде одговор на прашањето, дали можеби тој е следен на списокот.

Попладнево, со своја реакција се огласи Заев, во која е наведено дека стои на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања околу основата за сомневањата кон Анѓушев.

„Кочо Анѓушев и неговиот тим беа едни од најпосветените и најспособни луѓе и кабинет во Владата во периодот додека бев јас премиер. Голем дел од економските успеси на Владата беа директна заслуга на Анѓушев. Северна Македонија ретко кога имала вака висок функционер кој е и професор, но, пред сè, и успешен деловен човек со огромно практично искуство во економската проблематика и предизвиците на државата во економијата. Како премиер, ми беше чест што имав таков соработник кому економијата и државата му беа секогаш на прво место. Знаеше да каже и покаже дека неговите фирми и капитал вредат онолку колку што ни вреди државата и дека само со успех на државата може да имаме сите надеж дека ќе успееме во сопствените приватните деловни планови“, наведено е во реакцијата на Заев.

Тој кажа дека Анѓушев е негов пријател и соработник и дека во 2017 година го замолил да прифати и да одработи одреден период за македонскиот народ и за државата.

„Тоа го правеше чесно, одговорно и посветено. Денеска, ја има мојата подршка во докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави“, се додава во реакцијата.