fbpx

Лавров најде нацисти во Кијив и балтичките земји, делегации го напуштија неговиот говор

Меѓу оние делегации што ја напуштија салата, потврдена е естонската, украинската и чешката делегација

-

Конфронтирачка реторика во своето излагање имаше рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. За време на неговиот говор, неколку делегации ја напуштија сесијата во знак на протест против говорот на Лавров, кој ја претставува земјата-агресор во војната против Украина. Меѓу оние делегации што ја напуштија салата, потврдена е естонската, украинската и чешката делегација.

Лавров денешното излагање на Пленарната сесија го започна со објаснувањето дека перспективата на ОБСЕ останува нејасна. Во пропагандната мантра, тој најде нацисти во Украина и во балтичките земји, именувајќи го украинското раководство како „киевски режим“.

Рускиот министер за надворешни работи рече дека нема поента постоењето на НАТО со распаѓањето на Варшавскиот пакт, а ја нарече и како „груба агресија“ интервенцијата врз Југославија во 1999 година. Во својот пропагандистички говор, Лавров се спротивстави и на прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година.

„Can you leave me alone, please?“, во еден момент нервозно рече Лавров за време на неговиот говор, очигледно реагирајќи на останатите претставници на делегациите присутни за време на Министерскиот совет на ОБСЕ.

Лавров упати сериозни критики и кон Молдавија, но и кон невладиниот сектор во источноевропските земји.

„Секоја земја, каде што сега се активни западните емисари, фондови и т.н. невладини организации вреди да размислат“, изјави Лавров.

Тој додаде дека членките на НАТО со поддршка на САД ги изигнорирале сите руски предлози за контрола над системите за вооружување во Европа.

Лавров рече и дека лидерите на НАТО не го почитуваат ОБСЕ, додека ЕУ продолжила да игра лоша улога во корист на САД за уништување на партнерството со Русија.

Во Европа, првенствено во Украина и балтичките земји се гледа развој на нацистичка идеологија и форми на религиозна нетрпеливост, рече Лавров, додавајќи дека ги славеле соработниците на Хитлер и ги рушат спомениците на ослободителите.

Пропагандниот говор на Лавров продолжи со обвинувачки тонови кон украинското легално избрано раководство, нарекувајќи го „киевски режим“, кој дејствува против православната црква во оваа земја, обвини за заземање на цркви, прогон на верници и на свештеници на Украинската православна црква.

Според него, сето ова претставува прекршување на човековите права кои започнале по смената на украинското раководство во 2014 година, додавајќи дека „неонацисти“ ја зазеле тогаш власта во Украина.

Притоа, тој се запраша за што служи ОБСЕ и за чии интереси, при што обвини дека ОБСЕ е доминирано од западните земји кои ја користат Организацијата и го рушат принципот на консензус во рамките на ОБСЕ. Лавров рече дека проблем со објективноста постои во ОБСЕ.

Тој ја обвини и Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Тереза Рибеиро дека молчела кога биле прекршени новинарските права на медиумите кои не биле од Западот.

„Особени поводи за оптимизам денес нема“, изјави Лавров во својот говор, додавајќи дека ОБСЕ се наоѓа во моментов на работ на пропаст.

„Постои едноставно прашање, има ли смисла да се прави напор за негово оживување“, праша Лавров, додавајќи дека ОБСЕ треба да претставува форум за дискутирање на регионалните безбедносни прашања кои биле наведени во Финалниот акт на ОБСЕ.

Има повеќе прашања отколку одговори во моментов, изјави Лавров, прашувајќи се дали има смисла да се инвестира во ОБСЕ.

„Повод за оптимизам нема“, изјави Лавров.

Откога заврши со својот говор, Лавров се одлучи да го напушти Министерскиот совет на ОБСЕ.

По неговиот говор, данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изрази жалење што Сергеј Лавров веднаш по излагањето го напушти Министерскиот совет и не ги сослуша другите колеги.

Данскиот министер за надворешни работи одговори на обвинувањата на Лавров, додавајќи дека пред руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, имале многу разговори за Украина, но сепак Русија избрала да ја нападне оваа земја.

„Негирано е правото на Украина независно да одлучува за нејзината надворешна политика, исто како што за тоа одлучува и Русија“, изјави данскиот министер Расмусен.

Тој, како и повеќето министри за надворешни работи, на Министерскиот совет порача Русија треба веднаш да ги повлече сите сили од Украина.

И амбасадорката на Постојаното претставништво на ЕУ во ОБСЕ, Раса Остраускаите во својот говор недвосмислено ја осуди руската нелегална и непровоцирана воена агресија врз Украина, заедно со прекршувањето на меѓународното право и принципите на ОБСЕ.

„Уште еднаш ја повикуваме Русија веднаш да ја сопре војната во Украина и без услови да ги повлече сите свои сили и воена опрема од целата територија на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници“, порача амбасадорката на ЕУ, Раса Остраускаите.

За разлика од Русија, амбасадорката на ЕУ порача дека ќе продолжат да даваат силна поддршка на ОБСЕ и во иднина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поминаа 23 години од масакрот кај Вејце

Денеска се навршуваат 23 години од масакрот кај Вејце, кога во 2001 година, од заседа беа убиени и масакрирани осум припадници на посебната единица при СВР Битола и припадници...