fbpx

„Охрид СОС“: Општина Охрид перфидно го турка проектот „Медитеранска плажа во Лагадин“

-

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, преку писмо до медиумите, ја обвини Општина Охрид дека перфидно и расцепкано го турка проектот „Медитеранска плажа во Лагадин“, замаскиран како поставување урбана опрема на овој дел на Охридско Езеро.

– Станува збор за фрапантно и отворено незаконско однесување од страна на државните институции и покрај официјалниот приговор против градење медитеранска плажа што го потпишаа 99 отсто од сопствениците на имоти во населбата Лагадин, а месната заедница го достави до Општина Охрид уште во мај минатата година – велат од „Охрид СОС“.

Оттаму нагласуваат дека со оваа процедура се избегнуваат и потребните градежни дозволи, како и водостопанската дозвола што претставува чиста манипулација со правото и противзаконско избегнување на учеството на јавноста. Од граѓанската иницијатива велат дека со ова однесување, носителите на одлуки повторно, по којзнае кој пат, ја покажале својата посветеност кон немилосрдното силување на граѓанските права и усвојувањето одлуки кои се во целост спротивни на желбите и на потребите на граѓаните.

Од „Охрид СОС“ прашуваат дали Министерството за животна средина и просторно планирање е запознаено со сево ова и дали стои зад ова и го поддржува.

– Наместо буџетот на Општината рационално и домаќински да се насочува кон суштински проблеми, надлежните безобѕирно се расфрлаат со парите на граѓаните, насочувајќи ги кон финансирање на популистички проекти. Ваквите проекти запакувани во нивните светкави машнички лажно ја наведуваат јавноста дека се прават за нејзино добро, кога навистина се прават за нечии финансиски интереси и за лично богатење – стои во реакцијата на „Охрид СОС“.

За да се создаде такнаречената „морска плажа на езеро“, треба да се исечат стотици метри појас трска. Охридско Езеро е заштитено подрачје во категоријата споменик на природата и затоа задолжително е да се води сметка за заштита на биодиверзитот (растителен и животински), зачувување на природните пејзажи и естетски вредности на крајбрежниот регион, односно за заштита на природното наследство.

Трската, како исклучително важен дел од езерото, е под посебна заштита со Законот за заштита на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро, Законот за заштита на природата, Законот за рибарство и аквакултура на Република Македонија, Законот за заштита на природни реткости, Законот за заштита и унапредување на животната средина и природата, Законот за животна средина и Законот за води.

– Покрај десетина наши закони, со ваквата замисла прекршени се и десетина меѓународни конвенции, меѓу кои е и Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство, односно Конвенцијата за биолошка разновидност на ОН – стои во реакцијата на „Охрид СОС“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...