Младите од Охрид организираа еко акција за чистење на плажите

Фото: Општина Охрид

Млади од Охрид викендов организираа голема еко акција за чистење на плажите покрај Охридското езеро, под мотото „Чисто езеро-светла иднина“. Заедно со волонтерите на Црвениот крст, исчистени биле повеќе локации на крајбрежјето, откако претходно било реализирано и подводно чистење на езерото од страна на професионални нуркачи.

Од Здружението на граѓани „Нова порта“ велат дека ова е четврта акција за чистење на најкритичните места покрај брегот на Охридското езеро.

„Интересот кај младите за да се вклучат во акцијата е голем. Изминатиов месец на повеќе локации се собираше отпадот, а беше спроведена и креативна акција „Не фрљај ѓубре смрдиТ“ на која преку типичен охридски дијалект беа изработени транспаренти со еколошки пораки за заштита на Охридското езеро. Целта, пред се, е подобрување на состојбата на животната средина и подигнување на свеста за зголемена заштита на Охридското езеро и крајбрежјето, истакнуваат од здружението.

Информираат дека за подигнување на еколошката свест, во рамките на проектот, ќе биде изработен и видео спот преку кој младите ќе испратат силни и јасни пораки за здрава и чиста животна средина, а исчистените плажи ќе бидат обележани со еко-знамиња како еколошко-чисти плажи.