fbpx

Беголи: Пандемиjaта направи новинарите во Косово да се под силен финансиски, физички и психолошки притисок

-

Гентиана Беголи, претседателка на Здружението на новинари на Косово (ЗНК), во интервју во рамките на низа интервјуа од земјите од регионот во врска со ефектот на пандемијата врз медиумите зборуваше за тешкотиите со кои се соочуваат новинарите на Косово. Во интервјуто за Portalb.mk, Беголи го потенцира негативното влијание на пандемијата врз финансискиот аспект на медиумите, што резултира во нивно затворање или отпуштања на вработените.

 

Како КOVID-19 го трансформира новинарството во Косово? 

Улогата на новинарите во информирање на јавноста никогаш не била покритична, бидејќи нивната мисија продолжува да биде една од најсуштинските во глобалната борба против пандемијата на ковид-19. Во целиот свет, како и во Косово, новинарите се под силен финансиски, физички и психолошки притисок за време на оваа пандемија. Овие елементи се предизвикани од ограничувањата во работењето, како и од штетите врз медиумскиот бизнис, што потоа влијаеше врз трансформацијата на новинарството во земјата.

И покрај засилените мерки (изолација, ограничено движење), за сите граѓани, новинарите беа должни да продолжат да работат. Во зависност од позицијата во редакцијата, покрај известувањето за ковид-19, тие известуваа и за политичките случувања во земјата; обете работи се одвиваа паралелно, така што бројот на новинари кои беа на должност беше поголем.

Предизвиците со кои се соочуваат нашите колеги новинари на терен не се незначителни, со оглед на условите во кои мораа да работат. Процесите на подготовка на вести се променети затоа што, сепак, движењето на другите беше ограничено.
Некои институции работеа со скратено работно време, додека други се затворија на неодредено време, што им отежнуваше на новинарите да си ги извршуваат своите обврски. Како резултат на оваа состојба, новинарите беа фокусираани на дигиталните технологии за собирање, обработка и објавување информации.

Кои дигитални алатки/методи ги користат новинарите за да комуницираат со нивните извори и дали мислите дека сега тие се поотворени за комуникација со користење на дигитални алатки во споредба со периодот пред пандемијата?

За време на пандемијата, генерално се користеа социјалните мрежи, како што се Viber, WhatsApp, Facebook, Instagram, Twitter, додека за интервјуата беа користени и платформите Skype, Zoom, Jitsi Meet и Google Meet. Од појавата на првите случаи на ковид-19, употребата на овие социјални мрежи и други алатки од страна на новинарите стана секојдневна практика. Овие методи се користат на терен (директна врска со студиото) или дури и со гости кои немаа можност да бидат физички присутни во студиото. Бидејќи немаше други попрактични опции за време на пандемијата, технологијата ѝ овозможи на јавноста брз пристап до информации. Но колку и да беа корисни овие алатки на новинарите, не им е секогаш лесно.

 

Институциите и натаму даваат само генерални податоци

Од ваша гледна точка, дали институциите и компаниите објавуваат повеќе податоци на интернет од порано и дали забележавте разлика во квалитетот на податоците и информациите?

Објавите на социјалните мрежи во текот на овој период на пандемија се почести од порано, бидејќи тоа е единствениот начин за информирање на граѓаните. Така, има многу платформи преку кои новинарите обезбедија податоци од институции. Сепак, пристапот до јавните документи е голем предизвик за новинарите, што создаде тековни проблеми за реализација на истражувањата и анализите. Кога се поставуваат прашања во врска со пристапот до службени документи, многу ретко се добиваа одговорите што беа барани, одговорите се многу генерализирани и ги нема деталите за коишто се заинтересирани новинарите.

Каков е вашиот впечаток – дали довербата на јавноста во известувањето на медиумите е зголемена, намалена или остана непроменета за време на пандемијата?

-Со оглед на фактот дека за време на пандемијата и изолацијата, медиумите беа единствениот извор на информации – без пристап до јавниот живот или можност за средба со други извори, интересот за читање, слушање и гледање на вестите беше поголем. Довербата, може да се каже, остана непроменета, бидејќи публиката цело време се соочува со нови информации, но и со информации што „се менуваат“. Со оглед на фактот дека сите, не само медиумите во Косово, се соочија со вакво нешто за прв пат, информативните практики и изборот на информации беа новини и за новинарите. Новинарите генерално се осврнаа на релевантните актери во случајот, како што се Министерството за здравство, Националниот институт за јавно здравје, Светската здравствена организација и други.

 

Новинарите се видливо загрозени поради пандемијата

Како влијаеше КOVID-19 врз одржливоста на медиумите и безбедноста на работата на новинарите во Косово?

За време на пандемијата во Косово, печатените весници на Косово беа блокирани (16 март 2020 година); „Епока е Ре“, „Коха Диторе“, „Зери“ и „Бота Сот“. Дневните весници поминаа на онлајн изданија, но тоа влијаеше врз нивниот буџет поради евтиното рекламирање. Поради оваа, весникот Зери беше затворен, па беа отпуштени околу 22 вработени, вклучително и две бремени жени.

Исто така, бидејќи пандемијата влијаеше врз економската состојба на медиумите, има случаи кога новинарите делумно се плаќаа преку медиумот, а платата беше комбинирана со приходите од Владиниот пакет за итни случаи; новинарите, иако работеле (дури и повеќе од предвиденото работно време), биле платени само од пакетот, или има дури и случаи кога медиумите биле принудени да ги отпуштаат новинарите, без разлика дали се работи за неплатено отсуство или дури и раскинување на договорот. Ковид-19 влијаеше на сите јавни сфери, но проценуваме дека има поголемо влијание врз новинарите, со оглед на фактот дека новинарите влегуваат во првите пет најзагрозени професии за времето на пандемија.

Кои аспекти од работата и животот на новинарите се најмногу погодени во текот на пандемискиот период?

-Професионалниот и личниот живот на новинарите се смениja и се директно засегнати од пандемијата. Финансискиот притисок врз медиумите, директната изложеност на ризик, нефлексибилни распореди, недостиг на основни услови (заштитна опрема), како и товарот на професионално и етичко известување за пандемијата и политичките случувања се некои од придружните предизвици за новинарите. Има такви новинари кои биле присилени да земаат неплатен одмор. Од друга страна, сите дежурни новинари работеа под ризик да ги заразат и членовите на нивните семејство ако случајно се заразат за време на прес-конференциите и работата на терен.

Кои методи во борбата против дезинформациите се практикуваат во косовските медиуми?

-Со оглед на фактот дека мисијата на Здружението на новинари на Косово, меѓу другото, е и промовирање на квалитетно новинарство, објавивме две упатства за медиумско покривање на пандемијата и други упатства во врска со известувањето за чувствителни теми, како што е самоубиството. Преку нашите јавни изјави, ги повикавме новинарите и медиумите да ги почитуваат етичките правила во својата работа и да не придонесуваат за ширење на лажни вести и јавна паника. Исто така, осудивме и непрофесионалните известувања во овој период.

Но, покрај тоа, Ковид-19 како феномен е нов за медиумите, така што имаше случаи на дезинформации, но релевантните институции, покрај користењето на класичните медиуми, користеа и нови медиуми (социјални мрежи), за точно да информираат за тоа што се случува. Истото го сторија и експерти за пулмологија, специјалисти за инфективни болести и други, што им помогна на медиумите во повеќето случаи да известат правилно. Исто така, ЗНК во соработка со UN WOMAN спроведе две обуки преку Интернет со новинари на локално и централно ниво, со тема „Ризиците од дезинформации во време на пандемија“.

Дали интензитетот на дезинформациите е ист како и пред почетокот на пандемијата и какви се всушност дезинформациите споделени во овој период?

Бидејќи ова е прво искуство со известување од ваков профил, не можеме да кажеме дека интензитетот на пласирање невистини е ист како кпорано. Новинарите се „бомбардирани“ со многу информации, а во исто време и незнаењето околу ковид-19 (не само од новинарите), како и големата побарувачка за повеќе информации од јавноста, доведе до објавување дезинформации. Не може да се каже дека ова е направено намерно или со која било агенда, освен дека се работи за тоа кој прв ќе ја објави веста. Тоа се информации што обично се добиваат од други светски медиуми и како такви се користат за нашата публика. Бидејќи изворите на информации се „класифицираа“ со текот на времето, интензитетот на дезинформации се намали.

Новинарите беа соочени со напади и опструкции 

Какви закани врз слободата на медиумите се појавија за време на пандемијата?

За време на пандемијата (т.е. почетокот на оваа година) во однос на првата половина од минатата година, забележани се повеќе опструкции во работата на новинарите. Здружението на новинари на Косово реагирашее за 13 случаи, додека случаите кои се директно поврзани со известувањеот за пандемијата се вкупно 3 случаи. Вербалните напади и опструкциите во вршењето на должноста се само две од опструкциите со кои се соочуваа новинарите, кои покрај притисокот од одредени лица (физички или правни лица), се соочиле и со притисокот на пандемијата.

За жал, иако нашите колеги од целиот свет се занимаваа исклучиво со пандемијата, нашите колеги во Косово од почетокот на пандемијата се соочија и со политички развој во земјата, поточно соборувањето на владата и создавање на нова влада. Заради овој факт можеме да заклучиме дека зголемувањето на нападите од секаков вид врз новинари е зголемено. Како резултат, работното време е продолжено и работата е извршена во исклучителни услови.

Дали има случаи на напади/навреди/закани кон новинари од појавувањето на ковид-19 и, ако е така, во кои случаи? Сметате ли дека за време на пандемиската криза има зголемување на нападите/навредите/заканите во однос на минатата година?

Има неколку случаи на пречки при вршење на должности во време на пандемијата и при известувањето за пандемијата. Тоа се новинарите Илка Ахметѓекај (Перископи), Татјана Лазаревиќ (КОССЕВ),  и тим на весникот Блиц. Притискот врз новинарите, освен од ситуацијата на известување за пандемијата и во полициски час и со разни промени на работните распореди, се зголеми во однос на  известувањето за политичките настани во земјата за време на пандемијата. Бројот на напади е зголемен во овој период од годината, за разлика од истиот период лани.

Автор: Дрен Гргури

 

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...