fbpx

ЕК препорачува почеток на преговорите со Молдавија и Украина, членките треба да одлучат

По денешната прес-конференција во Европската Комисија, следни на потег се лидерите на земјите од ЕУ, кои на 12 декември ќе се соберат на Самитот на Европскиот совет. Токму тие ќе треба да одлучат дали Украина и Молдавија ќе ги отпочнат преговорите за членство со ЕУ, како и да утврдат дали Грузија и Босна и Херцеговина ќе постанат кандидатки за членство во ЕУ

-

Европската комисија предлага отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија, но останува во декември Европскиот совет, односно самите земји-членки на ЕУ да одлучат дали овие две земји ќе отпочнат со преговорите. За ова денеска информираше претседателката на Европската kомисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен на прес-конференција во Брисел.

Фон дер Лајен дополни дека ЕК му препорачува на Европскиот совет да ѝ додели на Грузија статус на земја-кандидат за членство во ЕУ, доколку спроведе одредени реформи. ЕК препорача отворање на преговорите за пристап во ЕУ на Босна и Херцеговина „кога ќе се постигне потребниот степен на усогласеност со критериумите за членство“.

Претседателката на Европската kомисија во својот говор се фокусираше на Украина, Молдавија, БиХ и Грузија, но помалку се задржа на останатите земји од Западен Балкан. Затоа пак, на останатите земји од овој регион се фокусираше европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, кој изјави дека Европската Унија на земјите од Западен Балкан им нуди можност за порана интеграција во Унијата, пред тие де факто да се приклучат кон неа. Тој говореше за Планот за раст за Западен Балкан, за којшто посочи дека се состои од четири точки.

Вархеји рече дека целта на Планот за раст подготвен од ЕУ за Западен Балкан е да се намали нееднаквоста меѓу земјите-членки и земјите од регионот, на полето на социјалните и економските прашања. Европската Унија нуди помош на земјите од Западен Балкан кои се заинтересирани да ги реализираат реформите, а би биле овозможени и 6 милијарди евра како дополнителна поддршка од ЕУ кои може да помогнат во зголемувањето на бруто-домашниот производ.

Сепак, Вархеји надополни дека Планот за раст на земјите од Западен Балкан е наменет за оние кои се заинтересирани да работат на евроинтеграцијата.

„Во оваа смисла сакаме да им помогнеме и заедно со нив да креираме реален план за секоја година за забрзување на реформите“, рече Вархеји.

Урсула фон дер Лајен на крајот од својот говор сумираше дека проширувањето на ЕУ е уникатна можност за самите земји кои сакаат да пристапат во ЕУ, но и за самата Европска Унија.

По денешната прес-конференција во Европската kомисија, следни на потег се лидерите на земјите од ЕУ, кои на 12 декември ќе се соберат на Самитот на Европскиот совет. Токму тие ќе треба да одлучат дали Украина и Молдавија ќе ги отпочнат преговорите за членство со ЕУ, како и да утврдат дали Грузија и Босна и Херцеговина ќе постанат кандидатки за членство во ЕУ.

Јуроњуз пишува дека извештајот за напредокот на Украина на патот кон ЕУ покажува дека земјата успеала да исполни четири од седумте предуслови за отворање на преговорите, забележувајќи дека треба дополнителни напори да се вложат за антикорупцијата, деолигархизација на земјата и почитување на правата на малцинствата. Молдавија пак мора да ги заврши судските реформи. Сепак, одлуката за почеток на преговите со двете земји мора да дојде со заедничка согласност на сите 27 земји-членки на ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Постигнат цензусот за претседателските избори

Излезноста во вториот круг на претседателските избори до 17 часот е 42,32 отсто, изјави претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. Процентот на излезност до 17 часот, како што...