fbpx

Судството и владеењето на правото на стаклени нозе во европскиот извештај

Во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава се критикува работата на Судскиот совет, но и застарувањата на судските случаи како последица на измените во Кривичниот законик

-

Не беше постигнат напредок. Со ваква реченица Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава ја оценува борбата против корупцијата во Македонија. Се критикува и работата на Судскиот совет, но и застарувањата на судските случаи како последица на измените во Кривичниот законик.

„Корупцијата останува распространета во многу области и ова прашање е загрижувачко. Се зголемија одложувањата и пресвртите на судењата за случаи на корупција на високо ниво, што резултираше со застарување на предмети. Кривичниот законик беше изменет во скратена собраниска процедура. Максималните казни за конкретни кривични дела поврзани со корупција беа намалени, што имаше импликации врз примената на застареноста и запирање или дури прекинување на судските случаи со корупција на високо ниво, вклучително и од поранешното Специјално јавно Обвинителство (СЈО)“, се вели во Извештајот.

Судскиот систем, според извештајот, е „помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка“.

„Нема напредок во однос на судството во текот на извештајниот период“, се нотира во извештајот и се додава дека Судскиот совет треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и треба да се спротивстави на надворешни влијанија.

„Контроверзното разрешување на претседателот на Судскиот совет изрази загриженост за несоодветно политичко влијание. Доцни усвојувањето на нова Стратегија за реформи во правосудството насочена кон подобрување на работата на институциите“.

Во Извештајот се оценува дека Државната комисија за спречување на корупцијата била проактивна при обезбедувањето на насоки за јавните институции за спречување на корупцијата. Комисијата отвори повеќе случаи, но треба да се следат нејзините препораки, стои во извештајот.

Понатаму, за секторите кои се најранливи на корупција се бараат конкретни проценки за ризици и посветени акции.

Во Извештајот се нотира дека земјава има одредено ниво на подготовка во борбата против организираниот криминал, добро ниво на оперативна соработка со земјите-членки на ЕУ и со соседните земји кои не се членки на ЕУ.

Дополнителни активности се бараат во однос на ефикасноста на спроведувањето на законите во борбата против одредени форми на криминал, како што се перењето пари и финансискиот криминал.

За работата на парламентот се заклучува дека бил обременет со политичка поларизација поради која, пак, било одложено усвојувањето на многу реформски закони и значајни именувања.

„Процесот на преговори за пристапување во ЕУ бара широк консензус од главните политички партии. Сите партии треба да се вклучат во конструктивна и инклузивна политичка дебата за да се зајакне улогата на Парламентот. Парламентот и владата се обврзаа да започнат и да ги постигнат, како приоритет, релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите“, се заклучува во извештајот на ЕК.

Во однос на слободата на изразување, пак, се констатира „ограничен напредок“, а општиот контекст дека има медиумска слобода и дека се дозволува критичко известување.

„Беа забележани голем број напади, закани и застрашување кон новинари. Потребна е поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии“, се вели во извештајот.

Во делот на економските критериуми се смета дека Македонија имала „некаков напредок“ и дека има добро ниво на подготвеност во создавање функционална пазарна економија.

Извештајот дава позитивен преглед за усогласеноста на земјата со европската надворешна и безбедносна политика и дека со тоа „Северна Македонија се покажала како сигурен партнер на меѓународно ниво“.

Во однос на зелената агенда и одржливото поврзување, Северна Македонија, според извештајот, има добро ниво на подготовка за трансевропските мрежи и одредено ниво на подготовка за животната средина и климатските промени. Во него се нотира дека земјата е „умерено подготвена“ за транспортната и енергетската политика со одреден напредок во енергетиката, особено во однос на регионалните гасни интерконекции и за обновливите извори на енергија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Палестинските новинари се добитници на наградата на УНЕСКО за слобода на медиумите

Палестинските новинари беа добитници на наградата за слобода на печатот која ја доделува УНЕСКО за 2024 година по одлука на меѓународното жири составено од медиумски професионалци. Доделувањето на наградата се...