Студентите мета на фишинг напад – не кликајте на лажни мејлови и линкови за субвенциониран оброк!

Студентите да бидат внимателни и да не отвораат сомнителни линкови. Аплицирањето за субвенциониран студентски оброк се врши исклучиво на страницата „е-услуги“ на МОН, по што само се ажурираат податоци на платформата на Шпаркасе. Меѓутоа, никаде не се бара од студентот да внесе број на банкарска картичка на родителот

фото: Mika Baumeister на Unsplash

Фишинг напад претставен како наводен линк од „Шпаркасе банка“ од утрово ги демне македонските студенти со ветување дека ќе добијат пари. Нападот кој се споделува преку мејл и како линк што води до лажна веб-страница на банката бара од студентите да ги внесат своите податоци за да се регистрираат за „членство на студентски оброк“.

Покрај личните податоци и податоци за универзитетот, на линкот се бара студентите да наведат и број на банкарска картичка од родител.

Фишинг нападот се појави утрово, а целта е преку лажно аплицирање за студентски оброк да се повлечат пари од картичката на родителите на студентите, објави порталот ИТ.мк.

За нападот прва објава сподели профилот @spirovskib на социјалната мрежа „Х“.

Со цел да ги збуни студентите и да извлече пари од картичките, лажниот линк го содржи логото на Шпаркасе банка, а URL-адресата наликува на онаа каде студентите навистина ги ажурираат податоците на платформата на Шпаркасе.

фото: Принтскрин / @spirovskib на „Х“
фото: Принтскрин / @spirovskib на „Х“

Страницата која лажно се претставува како платформа на Шпаркасе банка за аплицирање за субвенциониран студентски оброк во моментов е оневозможена.

Попладнево со соопштение излезе и Шпаркасе, од каде велат дека со измамничката кампања бил креиран линк кој не е во сопственост на банката.

„Кога примачот ќе ги внесе податоците, преку „бот мрежа“ напаѓачите прават трансакции преку интернет, со податоците од картичката додека има расположливи средства, или до достигнување на лимитот за интернет трансакции. Доколку студентите кликнале на линкот од електронската пошта или порака, преку системите за електронско или мобилно банкарство, треба да ги постават интернет лимитите на 0 и веднаш да го контактираат контакт центарот на Шпаркасе Банка 02/15050 за да ја блокираат картичката“, велат од Шпаркасе банка.

Студентите да бидат внимателни и да не отвораат вакви и слични линкови. Аплицирањето за субвенциониран студентски оброк се врши исклучиво на платформата „е-услуги“ на МОН, по што студентите ги ажурираат своите податоци на платформата на Шпаркасе. Меѓутоа, никаде во процесот на аплицирање за субвенциониран оброк не се бара внесување на број на картичка од родител.

Рокот за аплицирање за субвенциониран студентски оброк за месецов истече вчера. Следниот рок е од 1 до 7 декември.