Поради говор на омраза, „Фејсбук“ ги затвори страниците на партијата „Британија на прво место“


Лондон, 16 март, 2018 - 13:44 (META) 

„Фејсбук“ со официјално соопштение извести дека ги избришала официјалните страници на партијата на екстремна десница „Британија на прво место“ (Britain First) и на нејзините лидери поради говор на омраза.

Според лондонски „Гардијан“, „Фејсбук“ ги отстранил главната страница на партијата, која имала над 2 милиони фанови, како и страниците на партиските челници Пол Голдинг и Џејда Франсен поради „ширење говор на омраза наменет да предизвика омраза против групи во нашето општество“.

Од социјалната мрежа наведуваат дека според нивните стандарди, говорот на омраза е неприфатлив, односно, како што стои во образложението, на оваа социјална мрежа политичките ставови мора да се изразуваат без омраза. Од „Фејсбук“ велат и оти постапуваат и ги отстрануваат содржините во кои таквиот говор е присутен секогаш кога ќе им биде предочен таков случај. Истовремено, се потенцира дека нема да се дозволи екстремистичката група да отвори нови страници.

Вонпарламентарната партија „Британија на прво место“  е озлогласена поради своите кампањи против мултикултурализмот и директни акции од т.н. „христијански патроли“ против џамии низ Велика Британија. Групата е често квалификувана како фашистичка, и е позната по тоа што интензивно користи онлајн активизам.

Заменик-претседателката на партијата, Џејда Франсен, чие судење за говор на омраза на јавен митинг во Белфаст е во тек, стана меѓународно позната откако претседателот на САД Доналд Трамп ретвитна неколку нејзини исламофобни твитови на почетокот на март. Овој потег на Трамп беше критикуван и од британската премерка Тереза Меј.

Од„Фејсбук“ наведуваат дека наспроти тоа што повеќепати испратиле предупредувања до администраторите на сега затворените страници, тие продолжиле да објавуваат содржини кои ги прекршуваат правилата на платформата.


Сирени и затворање раскрсници кај амбасадата на САД утре поради вежба


Скопје, 29 септември, 2017 - 17:53 (META) 

Сирени за тревога ќе се огласат утре претпладне во Скопје, а раскрсниците кај амбасадата на САД ќе бидат затворени, поради заедничката вежба што ќе ја вршат припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР) и персоналот од амбасадата на САД во рамките на амбасадата.

Како што соопшти МВР, сирените ќе може да ги чујат граѓаните на Скопје, а со затворањето на раскрсниците ќе се направи само кус застој во сообраќајот.

„Целта на заедничката вежба е поефикасна координација меѓу МВР и Американската  амбасада при преземање активности за справување со кризни ситуации“, нагласува МВР.


Кина нареди затворање на севернокорејските компании поради санкциите на ОН


Пекинг, 28 септември, 2017 - 15:54 (META) 

Кина нареди затворање на поголем дел од севернокорејски компании кои имаа бизниси во оваа земја, поради санкциите на Обединетите Нации кон Северна Кореја, јавуваат светските агенции.

Фирмите во сопственост на севернокорејски комапнии и поединци мора да бидат затворни во рок од 120 дена од усвојувањето на санкциите, било наведено во одлуката на кинеското министерство за трговија.

Кина е најголем трговски партнер на Пјонгјанг, а севернокорејските компании чии бизниси се во Кина, и помагаат на Северна Кореја да дојде до странски пари.

Советот за безбедност на Обединетите нации на 11 септември ги заостри санкциите против Северна Кореја, откако земјата ја изведе шестата најголема нуклеарна проба досега.

Новите санкциите на ОН вклучуваат ембарго на нафта, забрана за увоз на текстил, мерки поврзани со севернокорејските иселеници и инспекција на сомнителни бродови.


Илјадници демонстранти побараа затворање на Златна зора и апсење на нејзините членови


Атина, 17 септември, 2017 - 12:12 (META) 

Околу 3.000 левичарски активисти и мигранти вчера маршираа низ центарот на Атина во знак на сеќавање на рапертот и активист Павлос Фисас, кој пред четири години беше убиен од симпатизери на неонацистичката партија Златна зора.

Полицијата го спречи обидот на учесниците на маршот да стигнат до седиштето на партијата, поради што дел од демонстрантите почнаа да фрлаат молотови коктели врз полицајците, кои одговорија со солзавец. Како што јавуваат грчките медиуми, поради нередите уапсени се петмина демонстранти.

Медиумите објавија дека едно од барањата на учесниците на маршот, кој тргна од централниот плоштад во Атина – Синтагма и продолжи покрај зградата на амбасадата на САД во Грција, е и затворање на седиштето на оваа ултрадесничарска партија и апсење на нејзините членови.

Маршот беше одржан и во знак на сеќавање на Хедер Хејер, левичарската активистка која минатиот месец беше убиена во нередите во Шарлотсвил, во американската сојузна држава Вирџинија.


ВМРО-ДПМНЕ обвинува за селективност при затворање на локалите од УЈП


Скопје, 4 септември, 2017 - 13:16 (META) 

Хајката против угостителите во Скопје што ја води Управата за јавни приходи (УЈП) мора да престане, изјави Милош Милошевски од ВРМО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека недозволиво е селективно „само затоа што некој не поткелкнува под притисоците на султанизмот на Заев“, да биде казнуван и затворан, а други без проблем да го заобиколуваат законот „и за тоа влакно да не им недостига“.

– Како поинаку да се толкува фактот што некои фирми кои важат за блиски до СДС и до Заеви не ги исполнуваат законските обврски и тоа се толерирани, а други без никаква опомена ригорозно се казнувани. Наместо опомени, како што зборуваа, прва антиреформа е „затвори сè што не е поткелкува под притисоците на СДС“. Прва задача на инспекциите е да укажуваат, а не да казнуваат, а така ветуваше и Заев пред изборите, а сега се прави сè спротивно – изјави Милошевски.


САД ѝ наредија на Русија да го затвори конзулатот во Сан Франциско


Вашингтон, 31 август, 2017 - 21:38 (META) 

Американскиот Стеј департмент денеска соопшти дека генералниот руски конзулат во Сан Франциско и уште две канцеларии во Вашингтон и во Њујорк мора да бидат затворени до 2 септември.

Ваквата одлука била донесена како одговор на наредбата на официјална Моксва САД да го редуцираат дипломатскиот персонал во Русија.

„Во духот на еднаквоста (во дипломатските мисии) на кој се повикува Русија, бараме од руската влада да го затвори генералниот конзулат во Сан Франциско, како и канцеларијата во Вашингтон и конзуларната зграда во Њујорк“, се наведува во соопштението на Стејт департментот, од каде додаваат дека сега и двете земји ќе имаат по три конзулати.

На одлуката на САД веднаш реагираше министерството за надворешни работи на Русија.

„Министерот (Сергеј Лавров) жали поради зголемената напнатост во билатералните односи што не ја инициравме ние и смета дека новите американски мерки ќе бидат внимателно проучени во Москва“, се наведува во соопштението на руското МНР.


Катар ги отфрли барањата на арапските земји, оценувајќи ги како максималистички


Доха, 2 јули, 2017 - 13:29 (META) 

Катар ги отфли барањата на арапските земји, поставени како услов за деблокада на дипломатските односи, оценувајќи ги како максималистички и насочени против суверенитетот на земјата.

Списокот со барања, меѓу кои се и затворање на телевизијата „Ал Џезеира“, прекин на односите со Иран и затворање на турската воена база во Катар, ѝ беше доставен на Доха на 22 јуни, со рок за одговор од 10 дена, кој истекува вечерва.

„Барањата се така напишани за да бидат одбиени“, изјавил синоќа во Рим катарскиот министер за надворешни работи, Мохамед Абдурахман ал-Тани, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

По неговата изјава, во печатените медиуми во Обединетите Арапски Емирати денеска се појавиле написи, со наслови „Катар го избра непознатото“ и „Катар се фрли во прегратките на Иран“.

Саудиска Арабија, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Египет на 5 јуни оваа година ги прекинаа дипломатските односи со Катар, обвинувајќи ја Доха дека го поддржува тероризмот и дека е премногу блиска со Иран.

Катар ги отфрли ваквите наводи и соопшти дека никој нема право да ѝ диктира на земјата каква надворешна политика ќе води.

„Целиот свет е свесен дека целта на барањата е да се ограничи суверенитетот на Катар“, рекол шефот на катарската дипломатија.

Катар, во конкретниот случај, ја има поддршката на Иран и на Турција, додека од САД стигнуваат контрадикторни пораки. Американскиот претседател Доналд Трамп од Катар побара да прекине со финансирање на екстремистички движења, додека Стејд департментот повика на дијалог за решавање на кризата.

Досега како посредник во кризата дејствуваше Кувајт, а помош понудија и САД, Турција, Франција и Русија.


Трифун Костовски: Не се обидов да си го вратам „Утрински весник“


Скопје, 26 април, 2017 - 17:30 (META) 

Последниот број на „Утрински весник“ ќе излезе в сабота, на 29 април, тврдат новинарите кои се вработени во овој медиум. Официјален став од издавачот „Медија принт“ за затворањето на „Утрински весник“ сè уште нема.

Не е познато ниту дали весникот претходно бил понуден на продажба на друга компанија или лице.

Бизнисменот Трифун Костовски беше мнозински сопственик и заедно со уште неколку уредници го основа весникот.

На прашањето на „Мета“ дали се обидел да си го врати некогашното сопствеништво врз весникот, Костовски вели изрично „не“.

– Времињата се променија, поминаа многу години и сега еден таков обид за враќање на брендот би предизвикал бурни реакции, пред сè политички – вели Костовски.

Тој е запознаен со случувањата во овој медиум и жали за целата ситуација, бидејќи, како што вели, „Утрински весник“ го основале со чиста намера и со чисто срце.

Според новинарот Бранко Тричковски, кој е еден од основачите на „Утрински весник“, „смртта на „Утрински“ е тажен крај на еден голем новинарски, издавачки и културен проект“.

„Во својата агонија, весникот ја следеше агонијата на Македонија како национална и државна идеја. Тоа што ќе умре пред да умреме сите како заедница, можеби и не е толку лош редослед за еден весник“, вели Тричковски.

Според него, неколку фактори, кои биле меѓусебно поврзани, го одредиле драматичниот крај на „Утрински“.  Тој ја споменува „глобалната драма на пишаните медиуми како резултат на технолошките пробиви, односно развојот на новите медиуми“.

„Второ, тоа е општата културна деградација на македонското општество во политичкиот проект на ВМРО-ДПМНЕ. Трето, тоа е институционалната и правна деградација на општеството и на државата, повторно во режија на ВМРО-ДПМНЕ. Четврто, уништување на вредносните ориентири на општеството, односно моралната дезориентација, губитокот на знаковите што е добро и убаво, а што е лошо и грозно. Петто, разорувањето на редакциската структура и културната, информативна и општествена мисија на весникот. За таа работа не се без вина и многу колеги што продефилираа низ весникот, но главен виновник е еден монструм кого го оставив во посебна точка“, вели Тричковски.

Првичните сопственици во 2004 година својот дел му го продадоа на германскиот ВАЦ, кој во пакет со „Утрински весник“ ги купи и „Вест“ и „Дневник“.

Во 2012 година, весниците ги презеде „Орка холдинг“, а по низа промени на сопственичката структура, на 12 декември лани, компаниите „Орка Холдинг“ и „Интернет груп инвестмент“ ги продадоа своите удели.


СДСМ: Здравството е во колапс, а ВМРО-ДПМНЕ упорно ги кочи демократските процеси


Скопје, 30 март, 2017 - 14:51 (META) 

„Затворањето на одделенијата за пулмологија со ендокринологија и за општа и ургентна хирургија, во болницата „8 Септември“, поради недостиг од медицински кадар, за жал, е првата конкретна последица од блокирањето на демократските процеси и на формирањето на нова реформска влада,“ се вели во соопштението на СДСМ.

Од партијата велат дека доколку имаше нова реформска влада, ќе се решеше проблемот со кадарот во болницата „8 Септември“ и таа немаше да има затворени одделенија, па ќе работеше со полн капацитет.

– Доколку ВМРО-ДПМНЕ не ги спречуваа демократските процеси, денеска веќе ќе се разгледуваше предлогот за зголемување на платите на лекарите и на специјализантите, а лекарите ќе беа ослободени од дополнителни административни обврски на работното место и ќе се посветеа на лекувањето. ВМРО-ДПМНЕ десет години го уништуваше здравството и тоа уништување продолжува и денес, кога како опозиција ги кочи промените што треба да донесат квалитетно и достапно здравство и подобар живот за сите – велат од СДСМ.


Се продава штипската фабрика „Брилијант“


Штип, 12 јануари, 2017 - 18:22 (META) 

Штипската фабрика за производство на масло за јадење „Брилијант“ е на продажба. Поголем дел од работниците не се на работа, а фабриката работи со минимален капацитетет. На работа се петнаесетина работници, кои го филтрираат и го пакуваат маслото за јадење, кое стигнува од фабриката во Србија. Комплетниот погон – рафинерија е затворен.

Инаку, денеска беше комплетирана и продажбата на терминалот со ресторан и на управната зграда на компанијата „Балеко“, која е фирма сосед на „Брилијант“.

За причините за продажбата на една од најстабилните штипски фирми, од компанијата не дадоа конкретен одговор. Оттаму официјално потврдија дека работниците во моментов не работат, но дека можат да бидат распределени на други работни места во компанијата. Целиот капацитет за производство на масло за јадење е на продажба, но дали ќе биде продаден, како што изјавија од „Брилијант“, ќе зависи од понудата, „од некои други услови за работа и од евентуална промена на ситуацијата“.

Работењето на „Брилијант“ во изминатите години постојано беше следено од Управата за јавни приходи и од Финансиската полиција. Како се засилуваа контролите и казните, така сопственикот Мите Николов отвораше нови фабрики, но не во родниот Штип, ниту во Македонија, туку во соседните Србија и Бугарија.