Владата по барање на Општината Штип донела акт, со кој се забранува работа на компаниите во текстилниот и кожарскиот сектор за време на претстојниот празник и викенд, а се забранува и издавање на дозволи за движење, рече на прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.
Според Бочварски, ова е начин да се превенираат потенцијални случаи на Ковид-19, во ситуација кога во текстилните компании се појавија жаришта на болеста, која изминатите денови се прошири во неколку други фабрики и до сега затвори седум капацитети.
– Со владиниот акт официјално се забранува работа на сите текстилни и кожарски капацитети во Штип за време на полицискиот час. Најстрого ќе бидат санкционирани од инспекциите сите компании кои нема да постапат по овој акт. Упатувам апел до граѓаните да пријават секакво поинакво однесување до инспекциите и до Општинскиот кризен штаб – изјави Бочварски.
За време на полицискиот час, кој за Штип ќе важи од вечерва во 21 часот па до понеделник во осум часот, ќе може да се транспортираат само работниците, кои ќе се носат на тестирање. Утре треба да бидат тестирани околу 200 работници, а во сабота и недела дополнително околу 230 работници. Во моментов, надвор од работниот процес се околу 850 работници од седум текстилни фабрики.
Бочварски одговори на прозивките, зошто не се затворени сите над 70 текстилни компании.
– Има две причини за тоа – прво, затоа што таква одлука не носам јас или општината и второ, пандемијата трае веќе три месеци, а може да трае уште неколку месеци. Во време кога се прилагодуваме сите на новите услови, невозможно е да се бара сите да затворат, да се затвори комплексниот текстилен сектор. Тоа би било крах, а 7.000 луѓе во општината да останат без работа – одговори Бочварски.
Во Штип денеска има 16 заболени со Ковид-19. Тоа се работници од текстилните фабрики, но и нивни семејства. Денеска нема работници од други конфекции, што дава зрак надеж дека кластерите се локализирани, иако е рано тоа да се тврди. Вкупно 343 луѓе се ставени во изолација.
Иако генерално може да се види дека деновиве по растот на бројот на заболени, во Штип речиси и да нема човек без маски на улиците, сепак загрижува собирањето на младите по кејот на реките, парковите, околу сендвичарниците, како и денешното одење на гробишта. Иако утре е Духовден, поради полицискиот час граѓаните побрзаа денеска да ги посетат гробовите на покојните и да ги направат обичаите.