Американскиот Конгрес со нов предлог-закон за принудна продажба или забрана на ТикТок

Законодавците во САД велат дека сопственикот на ТикТок, компанијата „БајтДенс“, има врски со Кинеската комунистичка партија - нешто што го негираа и „БајтДенс“ и ТикТок

Photo by Solen Feyissa on Unsplash

Американски конгресен панел одобри нацрт-закон кој ќе ја принуди кинеската матична компанија на социјалната мрежа ТикТок да ја продаде апликацијата во рок од шест месеци или ќе се соочи со забрана за користење во САД, јави Би-би-си.

Мерката е воведена од комисија на Претставничкиот дом и е поддржана од Белата куќа поради загриженост за националната безбедност.

Од ТикТок велат дека предложеното законодавство ќе им наштети на слободата на говорот и малите бизниси кои се потпираат на апликацијата.

Апликацијата побара од своите корисници да ги повикаат претставниците на Конгресот да се спротивстават на мерката.

Предлог-законот се очекува да биде ставен на гласање во Претставничкиот дом следната недела.

Нацрт-законот беше предложен од меѓупартиска група од 20 пратеници кои го сочинуваат Избраниот комитет за Кинеската комунистичка партија. Предлогот вчера беше одобрен едногласно од страна на Комитетот за енергетика и трговија.

Ќе треба да го одобри и Сенатот пред да стане закон.

Нацрт-законот се обврзува да ја „заштити националната безбедност на Соединетите Држави од заканата од апликациите контролирани од странски противник“.

Законодавците велат дека сопственикот на ТикТок, компанијата „БајтДенс“, има врски со Кинеската комунистичка партија – нешто што го негираа и „БајтДенс“ и ТикТок.

Предлогот, конкретно, упатува на „БајтДенс“, која според условите на законот ќе биде принудена да го продаде ТикТок или да се соочи со отстранување од продавниците за мобилни апликации во САД.

„Најголемиот противник на Америка нема зошто да контролира доминантна медиумска платформа во Соединетите Држави“, рече претседателот на комитетот Мајк Галагер, републиканец од Висконсин.

Раџа Кришнаморти, демократ од Илиноис, рече дека ТикТок претставува критична закана за американската национална безбедност, бидејќи од нејзината матична компанија се бара да соработува со политичкото раководство на Кина.

Поддржувачите на законот негираат дека потегот значи отворена забрана за ТикТок, тврдејќи дека на „БајтДенс“ ѝ се дава рок од околу шест месеци да се усогласи.

Но, во изјавата објавена на социјалната мрежа „X“, од ТикТок го опишаа потегот како директна забрана, без разлика колку авторите се обидуваат да се прикријат.

Американската унија за граѓански слободи (АУГС) се согласи, велејќи дека овој потег претставува обид да се освојат евтини политички поени за време на изборна година и дополнително истакна дека многу Американци се потпираат на апликацијата за информации и комуникација.

Предложената легислатива го претставува последниот обид на американските законодавци да го ограничат ТикТок.

Апликацијата е забранета на уредите во сопственост на американската влада, иако кампањата за реизбор на претседателот Џо Бајден отвори корисничка сметка на оваа социјална мрежа.

Обидите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да ги забрани ТикТок и „WeChat“ кои се во кинеска сопственост наиде на правни пречки и никогаш не стапија на сила.