сабота, 11 април, 2026
Meta.mk

Правото на глас го искористиле 723 заболени од ковид-19 и лица кои се во самоизолација

Според информациите на Државната изборна комисија (ДИК), вкупно 723 лица го искористиле правото на глас во рамки на вчерашното гласање на лицата заболени од ковид-19 и оние кои се во самоизолација.

Иако било утврдено дека треба да гласаат 759 лица, според претседателот на ДИК, Оливер Дерковски разликата што се јавува во бројките кои ги соопштиле претходно е од причина што тие одлучувале и прифатиле одредени приговори од граѓани.

Од вчерашното и денешното гласање на болни и изнемоштени лица, ДИК не објавува резултати, туку само бројка на излезност.

Борис Кондарко, член на ДИК, изјави дека ливчињата од гласањето ќе останат запечатени во пликоата, кои се наоѓаат во гласачките кутии. Тајноста е загарантирана и не постои начин да се отворат овие ливчиња, ниту да се провери кој за кого гласал. Сите ливчиња од гласањето на 13 и 14 јули ќе бидат отворени по завршувањето на гласањето на 15 јули.

Владата најостро ги осуди нападите врз новинарката Милевска и повика МВР и ЈО итно да ги расчистат бруталните закани

Владата најостро ги осуди нападите со говор на омраза врз новинарката Тања Милевска, дописничката на МИА од Брисел, и врз кој било друг новинар и граѓанин воопшто.

„Владата цврсто стои зад слободата на говор и слободното новинарство и има нула толеранција за заплашување и закани кон новинарите. Безбедно известување и слобода на мисла, говор и делување во медиумите е наша суштинска, сегашна и долгорочна заложба, на која посветено работиме. Родово базираното насилство е друг, но подеднакво важен општествен проблем на кој сите заеднички и солидарно треба да му се спротивставиме и со кој ќе се избориме,“ се вели во соопштението на Влада.

Од таму ги повикаа МВР и Јавното обвинителство веднаш да постапат за расчистување на бруталните закани и родово базираните повици на насилство кон новинарката.

Европската комисија исто така изрази остра осуда по повод вербалните напади и говорот на омраза на социјалните медиуми кон Тања Милевска.

„Секој напад врз новинарите е неприфатлив и треба да биде осуден. Новинарите треба да бидат во можност да ја работат својата работа ослободени од насилство, вознемирување и заплашување,“ реагираа од ЕК.

Претходно и Здружението на новинари (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) најостро реагираа и побараа институциите да го расчистат случајот.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нови 88 заразени со ковид-19 од 973 тестирања, 123 оздравени и тројца починати

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 973 тестирања, а регистрирани се 88 нови случаи на ковид-19 во: Скопје-30, Куманово-8, Дебар-1, Штип-13, Прилеп-5, Тетово-3, Струга-11, Велес-1, Битола-1, Охрид-2, Кавадарци-1, Гостивар-1, Пробиштип-1, Кратово-1, Свети Николе-1 и Кичево-8.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 123 оздравени лица од: Скопје-70, Штип-6, Прилеп-4, Тетово-31, Велес-3, Кочани-2, Пробиштип-1, Кичево -1, Ресен-4 и Неготино-1.

Починати се три лица, двајца пациенти од Скопје и еден од Штип. Во ГОБ „8 Септември“ починати се пациенти на возраст од 43 и 72 години, додека во клиничката болница во Штип е почината пациентка на 76-годишна возраст.

Во скопските општини бројот на активни случаи со корона вирусот речиси е непроменет, освен што има намалување на бројот на активни случаи во Општина Чаир.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 8.197,  бројката на оздравени пациенти е 4.326, на починати е 385, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.486.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 5 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 92 пациенти. На кислородна поддршка се 52 пациенти, нема пациенти на респираторна машина.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 23 возрасни пациенти позитивни на ковид-19, 5 деца позитивни и 1 дете суспектно на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ примени се 8 нови, вкупно хоспитализирани се 88 пациенти. На респираторна машина се 4 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 28, а во болницата во Штип се хоспитализирани 54 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар и Струмица се хоспитализирани 110 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска истакна дека на утринскиот состанок со Комисијата за заразни болести се анализирале податоците за ковид-19 од претходните две недели.

– Трендовите се сѐ уште во насока на тоа да е приближно ист бројот од вкупно дијагностицирани од вкупниот број на тестови направени, ист процентот на хоспитализирани пациенти од вкупниот број на новодијагностицирани. Капацитетите во болниците добро се менаџираат и во однос на кадарот со ротација и во однос на слободни кревети – изјави Филипче.

Тој додаде дека слободни кревети има и во ГОБ „8-ми Септември“, но и на Инфективната клиника и на другите инфективни одделенија во општите и клинички болници ширум државата, додавајќи дека здравствените власти не очекуваат поголем наплив на пациенти за прием во болница.

Горивата поскапуваат за половина и еден денар за литар

Регулаторна комисија за енергетика и водени ресурси ги зголеми малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,53 проценти, во однос на минатата недела.

Малопродажната цена на бензинот „еуросупер БС-98“ се зголемува за половина денар за литар и со тоа новата цена изнесува 63,50 денари.

Малопродажните цени на бензинот „еуросупер БС-95“ и дизелот се зголемуваат за еден денар за литар, и со тоа малопродажната цена на „еуросупер БС-95“ ќе изнесува 61,50 денари за литар, додека малопродажната цена на дизелот ќе изнесува 53,50 денари за литар.

 

Корона вирусот влезе во пет нови текстилни компании во Штип

Работници од пет текстилни компании и нивни блиски деновиве ги чинат новите бројки на заболени лица од ковид-19 во Штип. Вчера имаше 14 потврдени случаи, денеска бројката е близу десет, но не се комплетирани резултатите од тестирањата од уште две лаборатории, потврдуваат од Центарот за јавно здравје од Штип.

Сите компании, освен една, редовно работат. На лекување се болните, додека нивните контакти се во самоизолација, меѓутоа, прекин на работниот процес, нема.

Засега нема план за организиран скрининг, како што тоа беше случајот пред два месеци, кога по појавата на ковид-19 во една текстилна компанија, беше направен скрининг во шест компании.

Од денеска на еднонеделен одмор се стотина работници од текстилна компанија, каде изутрината се потврдени два случаи на ковид-19, а десетина се појавиле на работа со симптоми. Сопственикот најавил дека сите работници ќе бидат тестирани, по што ќе продолжат со работа.

Во Центарот за јавно здравје велат дека повеќе во Штип не може да се зборува за кластери. Вирусот е раширен насекаде. Инфицираните не знаат точно од каде заболеле, а кога им се прави епидемиолошка анкета, даваат податоци во просек за 15 други луѓе, што според епидемиолозите, зборува дека имале интензивни контакти.

Во Клиничката болница во Штип има 53 хоспитализирани пациенти, од кои неколку се со потешка клиничка слика.

Граѓаните за повреда на нивното избирачко право може да се обратат на 0800-54321

За пријавување на повреда на избирачко право, граѓаните ќе може да се обратат на бесплатната телефонска линија 0800-54321 во канцеларијата на Народниот правобранител, информираат од таму. Телефонската линија ќе функционира на денот на предвремените парламентарни избори во периодот од 7 до 21 часот.

Покрај на бесплатната линија, граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се јават и на следниве телефонски броеви: Тетово: 044 344-082, Струмица: 034 329-996, Кичево: 045 228-586, Битола: 047 242-310, Штип: 032 389-701 и Куманово: 031 431-488.

„Народниот правобранител потенцира дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и дека никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, а повредата на слободата на определување на избирачите и другите повреди на избирачкото право се казниви дела,“ се вели во соопштението.

Оттаму апелираат во текот на изборниот процес да се почитуваат здравствените протоколи утврдени за начинот на гласање.

ССНМ, ЗНМ и СЕММ остро ги осудуваат заканите кон дописничката Милевска

Здружението на новинари (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) најостро реагираат на говорот на омраза и директните закани по живот упатени преку социјалната мрежа Твитер, до новинарката Тања Милевска, дописник за државната агенција МИА од Брисел.

„Како новинарски организации упатуваме на фактот дека и говорот на омраза и ваквите директни закани се опфатени со Кривичниот законик, со што должност е на институциите, првенствено на МВР и на Јавното обвинителство, итно да ги истражат и процесуираат. Потсетуваме дека безбедноста на новинарите и правото на слободен говор одат рака под рака, заедно со демократските обележја на една држава. Ваквиот јавен дискурс во којшто најбезобразно се напаѓаат новинари, и тоа со најотворени закани по живот е недозволив и незамислив за едно демократско општество,“ се вели во соопштението.

Во него се додава дека „фактот што Македонија е во предизборна кампања само дополнително потенцира апелот да биде упатен и до политичките партии како директни генератори на овој опасен тренд преку толеранција на овој наратив од нивни поддржувачи, ботови и лажни профили по социјалните мрежи.“

„Од институциите бараме итна реакција и будно следење на сите вакви појави, а од партиите јавна осуда на нападите и поддршка на новинарските заложби за слобода на говор и заштита на медиумските работници,“ се додава во соопштението.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

МВР се уште трага по поранешниот претседател на Кривичен суд, Панчевски на кој му е одреден притвор

Министерство за внатрешни работи се уште не го пронашле поранешниот претседател на Кривичниот суд Скопје, Владимир Панчевски, кому, Основниот суд Велес му одреди 30 дена притвор поради отсуство на рочиштето за судскиот предмет „АКМИС”, во кој е обвинет.

Обвинетиот Пачевски и неговиот правен застапник, не се појавиле на вчерашното рочиште за предметот „АКМИС”, кој се води во Основниот Велес.

Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО Скопје) на 8 јули 2019 година соопшти дека поднело обвинение против Панчевски, кој се товари за злоупотреба на информацискиот систем за автоматско управување со судски предмети (АКМИС).

 

Почина 24-годишен пациент од ковид-19 и уште седум други, 199 се новозаразени, а 120 oздравеа

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1.545 тестирања, а регистрирани се 199 нови случаи на ковид-19 во: Скопје-90, Куманово-17, Дебар-6, Штип-9, Прилеп-3, Тетово-12, Струга-12, Битола-2, Охрид-4, Кавадарци-2, Гостивар-5, Струмица-2, Радовиш-1, Крушево-1, Пробиштип-3, Демир Хисар-1, Свети Николе-24, Кичево-3, Ресен-2.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 120 оздравени лица од: Скопје-94, Дебар-1, Штип-4, Прилеп-1, Тетово-9, Струга-1, Охрид-6, Гостивар-2, Крушево-1, Македонски Брод-1.

Починати се осум лица, еден пациент од Скопје, еден од Штип, четири од Тетово и двајца пациенти од Струга.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починати се тројца пациенти на возраст од 24, 63 и 64 години. Во ГОБ „8 септември“ почина пациентка на возраст од 54 години. Во КБ Тетотво починати сe двајца пациенти на возраст од 70 и 74 години.  Во Струга во Завод за нефрологија е починат пациент на возраст од  56 години, во Општата болница во Струга почина пациентка на возраст од 83 години,“ информираат од Министерство за здравство.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 7.975,  бројката на оздравени пациенти е 4.080, на починати е 376, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.519.

АВМУ: Од утре по полноќ почнува изборниот молк

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги известува радиодифузерите дека од утре по полноќ, од 13 јули, заклучно со 21 часот на 15 јули, важат правилата за изборен молк за време на Предвремените парламентарни избори 2020 година.

 

За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануват сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.

„Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта,“ велат од АВМУ.

 

Mладите од политички партии со различни идеи за образованието, не се одзваа на поканата на УСМ

Унијата на средношколци разговараа со учениците, ги истражуваа проблемите на училиштата и наставниците за конечно да дојдат до документот „Пет точки за образованието“ со единствена цел, истиот да биде потпишан од политичките партии кои учествуваат на изборите, а потоа да се имплементираат.

Тие заедно со евроамбасадорот Самуел Жбогар ги чекаа партиите во Скопје за да кажат дека ќе се заложат за да ги донесат потребните и неопходни измени во областа на образованието, но поддршка добија само од две политички партии, пишува „Порталб.мк“.

Петте точки на документот се однесуваат на тоа да се поправат грешките во учебниците и навремено да се обезбедат учебници за учениците, да се ​​намали административната работа за педагошкиот и психолошкиот персонал во средните училишта, да се ​​инвестира во развој на вештини за информатичка технологија на наставниот кадар за истите поефикасно да се справат со предизвиците на оналјн учењето и за време на непредвидени природни или други кризи, да се ​​прилагодат наставните планови во основните и средните училишта, земајќи ги предвид образовните методите што се користат во земјите со прогресивно образование на Европската унија, училиштата да имаат доволно хигиенски услови за да го заштитат здравјето на учениците и наставниците.

Претседателот на УСМ, Бленди Ходаи рече дека овие точки се исклучително важни за основните потреби на учениците во образованието, бидејќи училиштата немаат ниту хигиенски услови во училиштата, ниту учебници.

„Пет точки за образовниот систем е многу важен документ за посветеност за основните потреби на учениците во образованието. Трагично е што во 2020 година, училиштата немаат хигиенски услови, учебници, психолози, а образованието нема стратегија за дигитализација “, рече Ходаи.

Во меѓувреме, за политичките партии кои не го потпишаа документот, тој вели дека „со овој чин тие покажаа дека не придаваат приоритет на образованието и на потребите на учениците“. Сепак, тој информира дека оваа иницијатива ќе продолжи и по изборите на 15 јули, и партиите што се заинтересирани, а кои не го потпишаа документот ќе можат да се приклучат.

Што велат младите од политичките партии?

Омер Ајдини од коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива, го оправдува не учеството во потпишувањето на овој документ со недостиг на координација внатре во партијата. Сепак, ветува дека, доколку ја преземат власта, ќе се погрижи секоја точка од тој документ да се реализира.

„Во време на кампања, дополнително оптоварено со пандемијата, понекогаш правиме непотребни пропусти како овој. Затоа се извинуваме и бараме разбирање од УСМ. Ние сме целосно подготвени да го прифатиме документот и да го потпишеме“, рече Ајдини.

Според него „образованието е еден од секторите кои се најзагрозени од политизирање и лошо управување“ од страна на како што вели „владата во заминување во последните две децении.“

„Состојбата со квалитетот во нашето образование најдобро ја покажаа резултатите од Програмата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за меѓународно оценување на учениците (ПИСА), при што Северна Македонија беше рангирана двапати по ред како една од земјите со најслаби резултати во светот,“ додава Ајдини.

Михаил Новковски, од младински форум на коалицијата „Обнова“ рече дека документот не е потпишан затоа што имаат забелешки за четвртата точка на документот, додавајќи дека образованието во земјата треба да се заснова на традиционалното и на македонското.

„Што се однесува до петте точки што ги подготви Унијата на средношколци, ние како коалиција имаме забелешки само на четвртата точка, но лицемерно е истиот да го потпише Владата која за три години не мрдна со прст за образованието во земјата, туку се грижеше само за сопствениот џеб. Во однос на четвртата точка, ние сме против копирање книги од странство, за кои и во минатото видовме дека не се во прилог на нашето образование „примерот со Кембриџ“, а  македонското образование треба да се базира на традиционалното, да биде автохтоно креирана од наши експерти, зошто да копираме нечии книги кога имаме наши експерти чии дела се препознаваат и се ценети ширум светот“, истакна рече Новковски.

За жал, иако се обидовме неколку пати, не добивме одговор од младите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за тоа како ги оценуваат петте споменати точки, и зошто не го потпишаа документот. Од оваа политичка партија, покрај тоа што не го потпишаа документот, исто така одбиваат да дадат образложение.

Документот на УСМ е потпишан од коалицијата „Можеме“ помеѓу СДСМ-БЕСА и Демократската партија на Албанците  (ДПА) и истите ветија дека веднаш по предвремените парламентарни избори ќе ги засукаат ракавите за да ја реализираат секоја точка од документот.

Во најновите резултати од меѓународното тестирање ПИСА, кое беше спроведено во 79 земји, средношколците од Северна Македонија се рангираа на 67. место во читање и математика, а на 62. место во природните науки, со што останаа на дното на списокот на земји во регионот.

И покрај ова, министерот за образование и наука Арбер Адеми не сметаше дека треба да преземе одговорност, и наместо тоа, резултатот го оцени како позитивен чекор бидејќи, како што рече, земјата успеала да се искачи на неколку места повисоко во текот на последните два теста.

„Мислам дека ова е значаен чекор напред. Ова е одличен показател дека сме на вистински пат, и секако дека мора да продолжиме“, рече Адеми.

Во јули има 66 нови лиценцирани доктори на медицина, половината изразиле желба да работат со пациенти со ковид-19

Министерството за здравство информира дека во јули, 66 доктори на медицина го положиле стручниот испит и се стекнале со лиценца за работа од Лекарската комора.

Министерството за здравство стапило во контакт со сите 66 ново лиценцирани доктори на медицина, а повеќе од половината од нив изразиле желба да работат со ковид пациенти.

„Во услови кога се соочуваме со најголемата светска здравствена криза, имаме 66 лекари повеќе, нови, млади сили во нашиот здравствен систем. Согласно измената која ја направивме на Законот за здравствена заштита од јануари минатата година, секој дипломиран доктор кој се стекнал со лиценца треба да обави шест месечна пракса која за прв пат му е платена со 30.000 денари месечно. Младите лекари се иднината на нашето здравство и ние продолжуваме да вложуваме во нив, во нивната до-едукација и стручност,“ изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Работата во траење од шест месеци се спроведува во јавните здравствени установи – здравствени домови и општи болници со проширена дејност што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа.

Во наредните десетина дена почнуваат подготовки за ослободување на дел од капацитетите во ГОБ „8 Септември“

Министерот за здравство Венко Филипче оствари средба со синдикатот на ГОБ „8 Септември“ и претседателот на самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита – Љубиша Каранфиловски.

На средбата е разговарано по барањето на вработените во болницата, ковид пациентите да останат на првиот каде има централен довод на кислород и инфективното одделение, а другиот дел од болницата да се ослободи и да продолжи да функционира за останататите пациенти.

„Имаат сосема легитимно барање и во овој момент не е тешко, ниту невозможно да се одговори на ова. Барањата се да се ослободи еден од катовите во болницата „8 Септември“, за да може дел од вообичаената работа, особено во делот на кардиологијата да започне да се организира, онака како што беше организирано претходно. Тоа би значело дека од сегашниот број на кревети, помеѓу 70 и 75 и натаму ќе бидат наменети за пациенти со ковид-19, а останатите 20 ќе се ослободат,“ вели Филипче.

Министерот за здравство ги извести вработените на болницата дека во наредните десетина дена ќе почнат подготовките за ослободување на капацитетите на болницата „8 Септември“, со активирање на модуларната болница која располага со капацитет од 72 болнички кревети и целата потребна опрема, а таму е завршено и поставувањето на централниот довод на кислород.

Уметничка акција во Тетово против неодговорноста на граѓаните: Свадба во време на ковид-19

Двојките почнаа да склучуваат брачен сојуз без оглед на загриженоста поради корона вирусот. Без почитување на каков било протокол за заштита, во Тетово, на масовни свадби во своите дворови, двојките почнаа да ја запечатуваат својата љубов.

Во текот на денешниот ден, тивките револуционери спроведоа уште една акција поврзана со неодговорното однесување на граѓаните во време на пандемијата.

„Владата забрани јавни масовни собири, а тука спаѓаат и приватните собири за одбележување на семејната радост или тага. Се затворија рeстораните кој функционираат само за свадбени прослави, а истите работат со доставување на храна по дома. Но оваa не е пречка за младоженците Вирус и Корона, кои во весела атмосфера во центарот на градот ја одбележаа нивната љубов со огромна свадба. На свадбата се поканети над 300 гости, кои мораат да го почитуваат кодот на облекување – маски, коишто треба да ги држат на рака а не на лице, а истите да се комбинирани со облеката,“ се вели во соопштението на активистите.

„Да се игра оро како човек, вирусот го снема – тој е прогласен за мртов,“ пишува на поканата за свадба која е поставена во центарот на градот, од страна на младите активисти од Тетово.

Целта на оваа акција е да се подигне јавната свест кај граѓаните за почитување на мерките, да бидат одговорни, солидарни, а се со цел да го заштитиме колективното здравје во нашиот град.

„Масовните веселби сепак да ги оставиме за некои подобри времиња,“ апелираат активистите.

ЗНМ: Осуда за дисквалификациите упатени кон новинарката Марина Костова од Агенцијата за филм

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ги осудува грубите дисквалификации кон новинарката Марина Костова и онлајн медиумот СДК.мк искажани во вчерашното соопштение за медиуми, од страна на Агенцијата за филм, насловено како: „Дали во новата милионска драма на Милчо Манчевски главните улоги ги толкуваат Марина Костова, Тања Пепељуговска и Слаѓана Тасев?“, велат од ЗНМ.

„Агенцијата за филм, вчера преку непотпишано соопштение упатено до медиумите a потоа објавено и на официјалниот „фејсбук пејџ“ на Агенцијата, со низа реторички реченици и прашања, лично ја навредува и дискредитира колешката Марина Костова поради претходните натписи на СДК.мк поврзани со работата на оваа Агенција. Во нивното соопштение се вели дека новинарката Костова е здружена во идејата да ја компромитира работата на Агенцијата и на нејзиниот директор Горјан Тозија без притоа да се аргументираат овие обвинувања туку само преку неосновани констатации и прашања во самиот текст,“ се вели во соопштението на ЗНМ.

Во него се додава дека „преку ваквата непримерна комуникација со новинари Агенцијата за филм која се финансира пред се од буџетот на државата и има законска одговорност да биде транспарентна и професионална, илустрира како не треба да се негува професионален однос со новинари кои работат во интерес на јавноста.“.

„Доколку директорот на Агенцијата за филм, ако воопшто тој стои зад ова скандалозно соопштение, имал проблем со начинот на кој известуваат новинарите и медиумите за неговата работа можел да се обрати до Советот за етика или Советот на честа но не и да се користи имиџот и ресурсите на Агенцијата за јавна пресметка со критични новинари,“ потенцираат од ЗНМ.

За овој инцидент ќе биде известен претседателот како и четирите членови на Управниот одбор на Агенцијата за филм, кои се именувани од страна на Владата и ќе биде побарано од нив Агенцијата јавно да се извини на новинарката Костова.

Изминатиот период јавноста е сведок на меѓусебни обвинувања на филмските работници за работата на Агенцијата за филм.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Општините ќе се стимулираат да воведат безготовински плаќања, 41 од 66 имаат ПОС терминали

Од 66 општини, 41 имаат ПОС терминали за безготовинско плаќање, покажува анализата која Министерството за финансии ја направило за безготовинското плаќање и ја доставило до Владата.

Препораките се дека потребно е зголемување на бројот на општини кои ќе воведат ПОС терминал, зголемување на бројот на услуги кои може да се плаќаат со картичка и стимулирање на безготовинските плаќања со вградување на провизијата на трансакција во цената на услугата.

„Ковид-19 нуди можност за побрза транзиција од кога било кон безготовинско општество која треба да ја искористиме. За да ја искористиме можноста сите треба да го дадат својот придонес Владата, банките, граѓаните, компаниите, стопанските комори. Вклучително и општините, за подобри и поквалитетни услуги за граѓаните. На месечно ниво, вкупно во сите општини се реализираат околу 6.000 плаќања на општински услуги преку ПОС терминалите (173 по општина). Општини со најмногу трансакции и промет на ПОС терминали се општините Штип и Прилеп кои прават над 40 проценти од вкупниот реализиран промет од јануари 2019 до мај 2020,“ информираат од Министерство за финансии.

За општините да се стимулираат за безготовински плаќања, постои иницијатива за наградување на општината која ќе биде лидер во безготовински плаќања со грант средства за капитален проект кој им е најпотребен на граѓаните – за подобра средина, подобар и повалитетен живот.

ААВМУ преведе публикација посветена на дезинформациите и изборните кампањи

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ја преведе публикацијата  „Дезинформации и изборни кампањи“, имајќи ја предвид тековната изборна кампања за предвремените парламентарни избори.

Публикацијата содржи преглед на состојбата со дезинформациите од технички и од политички аспект, препораки и мерки за справување со нив.

„Земајќи ја предвид новата европска Општа регулатива за заштита на личните податоци, чија цел е почитување на личните податоци и добивање согласност од корисниците, а која на платформите за социјални медиуми им наметнува построги правила отколку во минатото, и земајќи предвид дека заради немање регулатива земјите-членки на Европската унија и на Советот на Европа немаат делотворно правно средство да се заштитат од дигиталните механизми за манипулирање за време на изборна кампања,“ се вели меѓудругото во публикацијата.

Проектот е дел од „Хоризонталната програма за Западен Балкан и Турција II“ на Европската Унија и Советот на Европа.

Во ДИК за гласање се пријавиле 697 болни од ковид-19 и лица во самоизолација

За гласање на претстојните парламентарни избори, во Државната изборна комисија (ДИК) до ноќеска на полноќ се пријавиле вкупно 697 болни од ковид-19 и лица во самоизолација. Тие ќе го остварат своето право на глас на 13 јули (понеделник). За гласање на претстојните избори се пријавиле и 9.020 немоќни лица и хронично болни, кои ќе гласаат на 14 јули (вторник).

Пријавувањето за гласање на лицата во домашен притвор завршува на 11 јули.

Лицата чии резултати ќе бидат позитивни од ковид-19 после 8 јули или ќе бидат ставени во самоизолација по овој датум, нема да може да се пријават за гласање и нема да можат да гласаат на овие избори, информираат од ДИК.

Исто така, сите лица болни од ковид-19 или оние што се наоѓаат во самоизолација, а не се пријавиле до вчера во ДИК, нема да можат да гласаат на претстојните парламентарни избори во земјава.

Државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и БиХ за влез во земјата мора да приложат негативен ПЦР тест

Владата на вчерашната седница го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести да се воведе ПЦР тест за влез на државјани на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина во државата. Одлуката стапува на сила од денеска и ќе трае сè до донесување на нова одлука на владата.

„Владата на 75. седница донесе дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на ковид-19, со која од државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина при влез на граничен премин на територијата на Република Северна Македонија, ќе се бара задолжително да приложат медицинска потврда со негативен резултат од тест RT PCR SARS-CoV-2, направен 72 часа пред влез на територијата на нашата земја и да приложат пополнета изјава со лични податоци за местото на престојување и временскиот период на престојот,“ се вели во соопштението на владината прес-служба.

Ваквата владина одлука доаѓа откако бројот на новозаболени лица од ковид-19 во овие земји значајно порасна во изминатиов период, а со тоа и опасноста на територијата на Македонија да се увезат нови случаи на ковид-19 што би допринеле за натамошно ширење на болеста.

Со зборови кои шират говор на омраза, испишан графитот-виножито во Штип

Ѕидот на Градскиот стадион во Штип стана место на содржини што шират говор на омрaза, кои беа испишани преку свежо обоениот графит-виножито, симболот на ЛГБТ-заедницата. Виножитото што го исцртале активисти од Битола, со издадена дозвола од Општина Штип, „преживеа“ само 12 часа, за во текот на вечерта да осамне со испишана порака со големи бели букви, во кои се посакува „смрт од СИДА“.

Први за овој вандалски чин алармираа корисниците на социјалните мрежи.

„Сторителот на ова се знае, ама како и претходно така и сега полицијата нема да превземе ништо бидејќи се нивни блиски луѓе,“ пишува корисник на Твитер.

Со години, оградата на Градскиот стадион од Штип е место за уметнички графити. Неретко тоа биле акции на уметници во рамките на одредена манифестација или уметничка инсталација. И овој пат, за цртањето на графитите е добиена дозвола од Општина Штип. Меѓутоа, како што соопштуваат од Општината, не одело сè според договореното.

– Дозволата е издадена на активисти од Битола за илустрирање на ѕидот со графити. Меѓутоа, се работи за недоразбирање, бидејќи активистите не се придржувале на договорот – изјави Трајче Стојановски, портпарол на Општина Штип.

За какво недоразбирање се работи и дали виножитото ќе значи и повлекување на дозволата, од Општината не одговорија.