Извор на фотографија: Влада на РСМ (јули 2020)

Владата на вчерашната седница го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести да се воведе ПЦР тест за влез на државјани на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина во државата. Одлуката стапува на сила од денеска и ќе трае сè до донесување на нова одлука на владата.

„Владата на 75. седница донесе дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на ковид-19, со која од државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина при влез на граничен премин на територијата на Република Северна Македонија, ќе се бара задолжително да приложат медицинска потврда со негативен резултат од тест RT PCR SARS-CoV-2, направен 72 часа пред влез на територијата на нашата земја и да приложат пополнета изјава со лични податоци за местото на престојување и временскиот период на престојот,“ се вели во соопштението на владината прес-служба.

Ваквата владина одлука доаѓа откако бројот на новозаболени лица од ковид-19 во овие земји значајно порасна во изминатиов период, а со тоа и опасноста на територијата на Македонија да се увезат нови случаи на ковид-19 што би допринеле за натамошно ширење на болеста.