Mладите од политички партии со различни идеи за образованието, не се одзваа на поканата на УСМ

Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Унијата на средношколци разговараа со учениците, ги истражуваа проблемите на училиштата и наставниците за конечно да дојдат до документот „Пет точки за образованието“ со единствена цел, истиот да биде потпишан од политичките партии кои учествуваат на изборите, а потоа да се имплементираат.

Тие заедно со евроамбасадорот Самуел Жбогар ги чекаа партиите во Скопје за да кажат дека ќе се заложат за да ги донесат потребните и неопходни измени во областа на образованието, но поддршка добија само од две политички партии, пишува „Порталб.мк“.

Петте точки на документот се однесуваат на тоа да се поправат грешките во учебниците и навремено да се обезбедат учебници за учениците, да се ​​намали административната работа за педагошкиот и психолошкиот персонал во средните училишта, да се ​​инвестира во развој на вештини за информатичка технологија на наставниот кадар за истите поефикасно да се справат со предизвиците на оналјн учењето и за време на непредвидени природни или други кризи, да се ​​прилагодат наставните планови во основните и средните училишта, земајќи ги предвид образовните методите што се користат во земјите со прогресивно образование на Европската унија, училиштата да имаат доволно хигиенски услови за да го заштитат здравјето на учениците и наставниците.

Претседателот на УСМ, Бленди Ходаи рече дека овие точки се исклучително важни за основните потреби на учениците во образованието, бидејќи училиштата немаат ниту хигиенски услови во училиштата, ниту учебници.

„Пет точки за образовниот систем е многу важен документ за посветеност за основните потреби на учениците во образованието. Трагично е што во 2020 година, училиштата немаат хигиенски услови, учебници, психолози, а образованието нема стратегија за дигитализација “, рече Ходаи.

Во меѓувреме, за политичките партии кои не го потпишаа документот, тој вели дека „со овој чин тие покажаа дека не придаваат приоритет на образованието и на потребите на учениците“. Сепак, тој информира дека оваа иницијатива ќе продолжи и по изборите на 15 јули, и партиите што се заинтересирани, а кои не го потпишаа документот ќе можат да се приклучат.

Што велат младите од политичките партии?

Омер Ајдини од коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива, го оправдува не учеството во потпишувањето на овој документ со недостиг на координација внатре во партијата. Сепак, ветува дека, доколку ја преземат власта, ќе се погрижи секоја точка од тој документ да се реализира.

„Во време на кампања, дополнително оптоварено со пандемијата, понекогаш правиме непотребни пропусти како овој. Затоа се извинуваме и бараме разбирање од УСМ. Ние сме целосно подготвени да го прифатиме документот и да го потпишеме“, рече Ајдини.

Според него „образованието е еден од секторите кои се најзагрозени од политизирање и лошо управување“ од страна на како што вели „владата во заминување во последните две децении.“

„Состојбата со квалитетот во нашето образование најдобро ја покажаа резултатите од Програмата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за меѓународно оценување на учениците (ПИСА), при што Северна Македонија беше рангирана двапати по ред како една од земјите со најслаби резултати во светот,“ додава Ајдини.

Михаил Новковски, од младински форум на коалицијата „Обнова“ рече дека документот не е потпишан затоа што имаат забелешки за четвртата точка на документот, додавајќи дека образованието во земјата треба да се заснова на традиционалното и на македонското.

„Што се однесува до петте точки што ги подготви Унијата на средношколци, ние како коалиција имаме забелешки само на четвртата точка, но лицемерно е истиот да го потпише Владата која за три години не мрдна со прст за образованието во земјата, туку се грижеше само за сопствениот џеб. Во однос на четвртата точка, ние сме против копирање книги од странство, за кои и во минатото видовме дека не се во прилог на нашето образование „примерот со Кембриџ“, а  македонското образование треба да се базира на традиционалното, да биде автохтоно креирана од наши експерти, зошто да копираме нечии книги кога имаме наши експерти чии дела се препознаваат и се ценети ширум светот“, истакна рече Новковски.

За жал, иако се обидовме неколку пати, не добивме одговор од младите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за тоа како ги оценуваат петте споменати точки, и зошто не го потпишаа документот. Од оваа политичка партија, покрај тоа што не го потпишаа документот, исто така одбиваат да дадат образложение.

Документот на УСМ е потпишан од коалицијата „Можеме“ помеѓу СДСМ-БЕСА и Демократската партија на Албанците  (ДПА) и истите ветија дека веднаш по предвремените парламентарни избори ќе ги засукаат ракавите за да ја реализираат секоја точка од документот.

Во најновите резултати од меѓународното тестирање ПИСА, кое беше спроведено во 79 земји, средношколците од Северна Македонија се рангираа на 67. место во читање и математика, а на 62. место во природните науки, со што останаа на дното на списокот на земји во регионот.

И покрај ова, министерот за образование и наука Арбер Адеми не сметаше дека треба да преземе одговорност, и наместо тоа, резултатот го оцени како позитивен чекор бидејќи, како што рече, земјата успеала да се искачи на неколку места повисоко во текот на последните два теста.

„Мислам дека ова е значаен чекор напред. Ова е одличен показател дека сме на вистински пат, и секако дека мора да продолжиме“, рече Адеми.