Училиштата да се затворат единствено кога ќе нема други алтернативи, вели претставничката на УНИЦЕФ во земјава

Фото: Арбнора Мемети

Кога се размислува дали да се укине наставата со физичко присуство треба да се направи добра проценка за придобивките наспроти ризиците имајќи ги предвид здравствените, образованите и другите социо-економски фактори. Она што со сигурност го знаеме е дека затворањето на училиштата има јасни негативни ефекти врз здравјето, образованието и развојот на децата, семејниот приход и вкупната економија, истакнува Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава.

„Повикуваме училиштата да бидат последни што ќе се затворат, а први што ќе се отворат кога за тоа ќе се создадат безбедни услови. Затворањето на училиштата треба да се разгледува единствено тогаш кога нема други алтернативи. Во време кога земјата се соочува со зголемен број заразени со ковид-19, најдобриот интерес на децата мора да биде од централно значење при носење на секоја одлука за тоа кога и како училиштата да останат отворени“ вели Ди Џовани.

Како што истакнува таа, одлуката за повторно отворање на училиштата за учениците од I до III одделение со препорачаните превентивни и заштитни мерки, претставува позитивен чекор кон намалување на негативните ефекти од продолженото затворање на училиштата.

Претставничка на УНИЦЕФ посочува на светските примери кои покажуваат дека затворањето на училиштата не претставува значаен фактор кон намалување на пренесувањето на ковид-19 во заедницата, особено што кај децата под десет години е помал степенот на распространување на вирусот отколку кај поголемите деца.