Две нови „бомби“ за затворањето на А1 телевизија се појавија на јутјуб каналот Fenix A1.

Во првата бомба се објавени разговори на кои наводно се слушаат гласовите на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот обвинител Љупчо Шврговски. Во втората бомба пак наводно разговараат тогашниот директор на УЈП, Горан Трајковски, како и поранешниот главен и одговорен уредник на телевизија Сител, Драган Павловиќ-Латас.

„Да им се одземе роба, предаватели тоа е глупа работа, тоа ќе го снимаат и ќе прават театри. Треба да се има стечаен кој по закон ќе им даде отказ на сите. Мора да им се земе лиценцата, па нека плачат после. Со стечај во Европа секој ќе те разбере. Предизвикан е стечај на фирма која должи 9 милиони евра,“ вели гласот кој наликува на оној на тогашниот уредник на ТВ Сител, Павловиќ Латас во разговорот со Трајковски.

Поранешниот директор на УЈП, Горан Трајковски, од друга страна, вели дека „нема да ги раскажува решенијата за„Утрински весник“, „Глас на Европа“, „Глас на Америка“, веројатно мислејќи на прашањата кои медиумите ги доставиле до Управата за јавни приходи во врска со овој случај.

Во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, МВР отвори предмет „Пајажина“, во кој  сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски, неговите деца, блиски роднини и соработници беа обвинети за перење пари, за злосторничко здружување, затајување данок и злоупотреба на позицијата. Рамковски беше осуден на 13 години затвор, а одлежа седум годни. Вкупната казна за сите обвинети изнесуваше 109 години затвор. А1 Телевизијата, како прва приватна телевизија во земјата и еден од повлијателните медиуми, беше затворена со асистенција на полицијата во 2011 година.