Фото: Општина Центар

Изречената забрана за работа од 30 дена не го спречи скопскиот кафе-бар „Интермецо“ да продолжи со работа. По извршените контроли на кафе-барот, вчера вечер истиот продолжил со работа и покрај изреченото решение и забраната за работа од 30 дена, соопшти градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ на својот Фејсбук профил.

„Пломбата поставена на влезот на локалот е отстранета што согласно членот 389 од кривичниот законик, претставува кривично дело казниво со парична казна или со затвор до три години“ напиша тој, најавувајќи дека по добивањето на записниците, општината до надлежните органи ќе поднесе кривична пријава за симнување на службен печат.

Инаку Секторот за инспекциски надзор на Општина Центар донесе решение со кое му забрани на локалот да врши дејност во рок од 30 дена, по претходни пријави и континуирани поплаки од страна на жителите за преголема бучава. Кафе-барот во август доби казна од 6.000 евра поради гласна музика.