!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Апелација денеска ќе ја соопшти одлуката дали „бомбите“ за „Титаник 2“ ќе станат докази


Скопје, 22 ноември, 2017 - 10:30 (META) 

Апелацискиот суд Скопје денеска треба да ја соопшти одлуката дали „бомбите“ ќе се користат како докази во предметот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за изборни нерегуларности „Титаник 2“.

На јавна седница во скопскиот Апелациски суд, СЈО ги изнесуваше своите аргументи зошто снимките од прислушуваните разговори треба да бидат вклучени како докази во „Титаник 2“.

Станува збор за две снимки од разговори, од кои во едниот, кој се водел меѓу поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, и Мендух Тачи, се слуша како тие се договараат за гласање по однос на приговори на изборите во ДИК.

Одбраната на обвинетите и обвинетите Мијалков, Тачи, како и поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими, сегашниот член на ДИК, Сашо Срцев, како и петтемина судии од Управниот суд, не дојдоа на вчерашната јавна седница.


Денеска е изборен молк – утре се прегласува на гласачко место во Чаир


Скопје, 11 ноември, 2017 - 10:39 (META) 

Од синоќа од полноќ почна изборниот молк поради утрешното прегласување во избирачкото место 2901 во општина Чаир. Тоа е единственото место на кое се прегласува по вториот круг од локалните избори.

Политичките партии по вториот круг од локалните избори, одржани на 29 октомври поднесоа 16 тужби, но Управниот суд отфрли 15 од нив, а ја прифати тужбата за избирачкото место 2901 во општина Чаир.

Ова избирачкото место има 719 гласачи. Поради неправилностите и тесната разлика од 209 гласа меѓу двајцата кандидати во оваа скопска општина, Управниот суд и ДИК одлучија да има прегласување.

Резултатите од утрешното гласање ќе утврдат кој од двајцата кандидати ќе ја добие градоначалничката функција.


ДИК одлучи да има прегласување во Чаир на 12 ноември


Скопје, 6 ноември, 2017 - 20:57 (META) 

Државната изборна комисија попладнево на седница го разгледа решението на Управниот суд и ја усвои одлуката за повторување на гласањето на избирачкото место 2901 во основното училиште Илинден во општина Чаир.

Во Чаир ќе се прегласува откако Управниот суд ја усвои тужбата на Беса.

На ова избирачко место запишани се 719 гласачи, број што може да влијае на конечниот резултат и на изборот. Гласањето ќе биде в недела, на 12 ноември.

Разликата во Чаир меѓу Висар Ганиу од ДУИ и Зекирија Ибраими од Беса во вториот круг беше 209 гласа, а на избирачкото место 2901 разликата е 66 гласа.

Во вториот круг во ова избирачко место гласале 278 избирачи, од кои 164 за Ибраими, а 98 за Ганиу.

Управниот суд претходно ги одби другите 15 тужби што политичките партии ги поднесоа по вториот круг од локалните избори. Најмногу тужби против одлуките на ДИК до судот поднесе Алијанса за Албанците – вкупно 11, четири поднесе Беса, а една тужба поднесе Народното движење за Македонија (НДМ).


ДИК ќе одлучува за прегласување на избирачко место во Чаир


Скопје, 6 ноември, 2017 - 15:06 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница, закажана за 16 часот, треба да го разгледа и да го усвои решението на Управниот суд за повторување на гласањето на избирачкото место 2901 во општина Чаир, од вториот круг на локалните избори, одржан на 29 октомври.

Инаку, повтореното гласање на ова избирачко место во Чаир може да влијае на конечниот резултат од изборите во оваа општина, односно да го одреди новиот градоначалник на општината.

Разликата во Чаир меѓу Висар Ганиу од ДУИ и Зекирија Ибраими од Беса во вториот круг од изборите беше 209 гласа, во прилог на Ганиу, а на избирачкото место 2901 разликата е 66 гласа. На ова избирачко место вкупно се запишани 719 гласачи.

Управниот суд претходно ги одби другите 15 тужби што политичките партии ги поднесоа по вториот круг од локалните избори. Најмногу тужби против одлуките на ДИК до судот поднесе Алијанса за Албанците – вкупно 11, четири поднесе Беса, а една тужба поднесе Народното движење за Македонија (НДМ).


Се чека Управен суд да каже што решил за приговорите на партиите


Скопје, 5 ноември, 2017 - 10:54 (META) 

Според соопштението објавено на веб-страницата на Управен суд вчера доцна вечерта, денеска судот би требало да соопшти какви пресуди донел за вчера разгледаните 10 тужби од политичките партии против одлуките на Државната изборна комисија (ДИК), што ги разгледуваше.

Од вкупно 16 примени тужби, судот вчера разгледуваше 10, а за денеска остануваат шест. Партиите незадоволни од неприфаќањето на нивните приговори во ДИК поднесоа тужби, и тоа Алијанса за Албанците – 11, Беса поднесе четири тужби и НДМ една тужба.

Според соопштението потпишано од претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини, донесена е одлука само за една тужба.

„Ве известуваме дека во текот на денешниот ден, 4 ноември 2017 година, во Управниот суд се одржаа 10 јавни седници по тужби на подносителите на кандидатски листи за локалните избори 2017 година, додека јавните седници за преостанатите шест тужби ќе се одржат во текот на утрешниот ден и тие се објавени на веб-страницата на Управниот суд. Исто така, Ве известуваме дека до овој момент донесена е одлука по една тужба, која на веб-страницата на судот ќе биде објавена и достапна за јавноста најдоцна утре, 5 ноември 2017 година“, стои во вчерашното соопштение објавено на веб-страницата на Управен суд.


Управен суд утре ќе ги соопшти одлуките за тужбите за приговорите што не ги прифати ДИК


Скопје, 4 ноември, 2017 - 20:34 (META) 

Управниот суд денеска разгледал десет од 16 тужби поднесени од политичките партии Алијанса на Албанците, Беса и Народно движење за Македонија, но одлуките ќе ги соопшти утре.

Незадоволни од неприфаќањето на нивните приговори поднесени до ДИК, партиите поднесоа тужби, и тоа Алијанса за Албанците – 11, Беса поднесе четири тужби, а НДМ – една тужба, односно вкупно 16 тужби се поднесени до 10 часот денеска.

Останатите шест тужби Управниот суд ќе ги разгледува утре. Тој има обврска да донесе одлука по жалбите во рок од 48 часа по нивниот прием.


Управен суд почна да решава по 16 тужби за вториот круг од изборите


Скопје, 4 ноември, 2017 - 14:45 (META) 

Вкупно 16 тужби од политички партии за вториот круг на локалните избори се поднесени до Управниот суд заклучно до денеска до 10 часот.  Во соопштението од Управниот суд, потпишано од претседателот на судот, се наведува дека 11 тужби се поднесени од Алијанса на Албанците, четири од Движењето Беса и една од Народно движење за Македонија.

ДИК на седница ги отфрли сите приговори поднесени за вториот круг од локалните избори. Управниот суд е должен да донесе одлука по жалбите во рок од 48 часа по нивниот прием, а постапките почнаа денеска во 11 часот.


ДИК ги отфрли приговорите на Беса, Алијанса за Албанците и на НДМ


Скопје, 2 ноември, 2017 - 21:16 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница, која заврши вечерва, ги разгледа и ги отфрли сите приговори поднесени од партиите Беса, Алијанса за Албанците и НДМ за гласање, сумирање и за утврдување на резултатите од вториот круг на локалните избори, што се одржа на 29 октомври.

Од вкупно 89 приговори поднесени од Беса, ДИК отфрли 88, а еден приговор бил повлечен од партијата. На барање на Беса, 84 приговори биле разгледани како еден бидејќи сите се однесувале на гласањето во општина Чаир и имале исти наводи.

Членовите на ДИК ги отфрлија и сите 13 приговори поднесени од Алијанса за Албанците за гласањето во Струга, како и еден приговор поднесен од НДМ.

Приговорите на Беса и на Алијансата за Албанците, Комисијата ги отфрли како неосновани, додека приговорот на НДМ е отфрлен како неуреден.

Против одлуките на ДИК, партиите можат да поднесат тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решенијата. Управниот суд е должен да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбите. Одлуките на Управниот суд се конечни.


Три жени на местата на пратениците што станаа градоначалници


Собрание, 26 октомври, 2017 - 11:30 (META) 

Откако Државната изборна комисија ги потврди освоените мандати во првиот круг на локалните избори, јасно е дека петмина досегашни пратеници во Собранието на Република Македонија ќе заминат од таа функција и ќе станат градоначалници.

На нивните функции ќе стапат нови имиња, од кои три се жени.

Така, во првиот круг на локалните избори, градоначалник на Скопје стана Петре Шилегов од СДСМ, неговиот колега Стефан Богоев, кој е градоначалник на општина Карпош, Сашо Поцков, градоначалник на Гевгелија, Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, и Коста Јаневски, кој стана градоначалник на Струмица.

Според кандидатските листи на СДСМ за парламентарните избори, се очекува нивните пратенички функции да ги преземат Анета Симеска-Димоска, Лидија Тасевска, Костадин Костадинов, Ристе Ташев и Татијана Лалческа.

Во трка за градоначалник сè уште се пратениците Јохан Тарчуловски, Благој Бочварски, Курто Дудуш, Бетиан Китев, Зијадин Села и Зеќирија Ибрахими, па можно е од кандидатските листи за предвремените парламентарни избори што се одржаа во декември лани, во пратеничките клупи да влезат уште неколку нови имиња.

Претходно осум пратеника го напуштија Собранието поради оставка или стапување на министерски функции. Тоа се Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Рената Дескоска, Дамјан Манчевски, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Зоран Заев, Радмила Шекеринска од СДСМ и Биљал Касами од Беса. Со исклучок на првиот и на последниот, кои поднесоа оставка поради лични причини, односно поради градоначалничка кандидатура, другите станаа премиер и министри во владата.

Сепак, престанокот на мандатите на новите градоначалници што победија во првиот круг на локалните избори ќе мора да почека до завршувањето на вториот круг, кога претседателот на Собранието ќе свика седница на која ќе се констатира завршувањето на пратеничките мандати.


ВМРО-ДПМНЕ: СДС му правеше притисок на Управниот суд да не дозволи прегласување


Скопје, 25 октомври, 2017 - 11:54 (META) 

СДС со притисокот врз Управниот суд и врз ДИК, за тие да одлучат во негова полза, мисли дека го прикрил поткупот на гласачи, заканите и уцените врз граѓаните, кои ги вршеа неговите активисти, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение до јавноста.

„Завчера, поради политичкиот притисок што во изминатиот период го вршеа СЈО, СДС и медиумите блиски до нив, Управниот суд подлегна на притисокот, реши да ги заобиколи законите и да не дозволи прегласување во ниту едно избирачко место каде што ВМРО-ДПМНЕ имаше поднесено тужби за еклатантни изборни нерегуларности. Полнење на кутиите со однапред заокружени ливчиња за СДС, со методот на т.н. бугарски воз, гласачки ливчиња од Карпош најдени во Велес, најдени и во Струмица, најдени ливчиња од Врапчиште во Гостивар, гласачки ливчиња со ист сериски број во Ресен, поткуп и агитација пред избирачки места, само го потврдуваат фактот дека во Република Македонија се случи изборен фалсификат од невиден размери“, велат од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, изборниот криминал што СДСМ го направил на овие локални избори ќе биде казнет. Од опозициската партија порачуваат дека со враќање на правната држава и на демократијата, ќе има индивидуална одговорност за секој што го прекршил законот.