fbpx

Уште се чека на Управниот суд да пресече кој ќе управува со топловодната мрежа во Скопје

-

Уште една грејна сезона помина во Скопје, а прашањето за тоа кој ќе управува со топловодната мрежа во главниот град во иднина останува отворено. Сè уште се чека донесувањето на пресудата на Управниот суд во однос на тужбата што ја поднесе АД Градски енергетски ресурси (ГЕС) на почетокот од декември минатата година, против Решението на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за прекин на постапката за издавање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија на АД ГЕС.

Барањето за издавање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија од новоформираното претпријатие на Град Скопје беше поднесено на 14 октомври лани, додека на 1 ноември било донесено решението од РКЕ за прекин на постапката. Од оваа постапка пред Управниот суд, всушност би се добила појасна слика за тоа кој ќе биде корисникот што ќе управува со топловодната мрежа во Скопје и ќе го доставува парното греење до граѓаните.

Од РКЕ за „Мета.мк“ посочуваат дека ја чекаат одлуката на Управниот суд. Тие посочуваат дека донеле одлука да ја стават во мирување постапката за издавање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија, поради тоа што во моментов има паралелни активности по ова прашање што двете засегнати институции ги имаат покренато. Без оглед на правниот исход, од комисијата тврдат дека тие ќе ја гарантираат услугата за која граѓаните плаќаат сметки за топлинска енергија.

– Фактичката состојба во моментов е дека Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје има договор со Друштвото за дистрибуција на топлинска енергија ДИСТРИБУЦИЈА НА ТОПЛИНА БАЛКАН ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје, во кој има право на користење на топловодната мрежа до 31 декември 2047 година – потенцираат од РКЕ.

Наспроти ваквото тврдење на регулаторите, од АД ГЕС истакнуваат дека овој договор меѓу АДСДП и Дистрибуција на топлина Балкан енерџи ДООЕЛ нема правно дејствие од 8 август 2019 година, кога стапила на сила одлуката за давање на трајно користење на топловодната дистрибутивна мрежа на Градот Скопје. Од ГЕС посочуваат дека ваквиот договор е ништовен и нема правно дејствие.

– АД ГЕС-Скопје е единствено правно лице кое има востановено трајно право на користење на недвижните ствари – линиски инфраструктурни објекти, енергетска инфраструктура – топловоди – истакнуваат од ГЕС.

Тие потсетуваат дека владата на 30 јули минатата година ја донела одлуката за давање на трајно користење на топловодната мрежа на Градот Скопје, по што градскиот совет на 27 август 2019 година ја дал оваа инфраструктура на трајно користење на АД ГЕС. Станува збор за топловодната мрежа изградена во два засебни системи за дистрибуција на топлинска енергија – на подрачјето на општините Чаир и Бутел, како и на подрачјето на Карпош, Центар, Кисела Вода и Аеродром.

Од Регулаторната комисија за енергетика посочуваат дека Балкан Енерџи Груп (БЕГ) во моментов ги има трите лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, така што до донесувањето на поинаква одлука, тие ќе продолжат да ги снабдуваат скопјани со парно греење.

„Мета.мк“ пред четири дена испрати прашања и до компанијата „Дистрибуција на топлина Балкан енерџи ДООЕЛ“, но до денешен ден не добивме одговор од нивна страна на поставените прашања на оваа тема.

Затоа пак, од АД ГЕС тврдат дека не само што е правно издржано градската власт да биде корисник на топловодната дистрибутивна мрежа, туку тоа е и правично бидејќи Градот Скопје со сопствени средства до 2014 година изградил околу 15 километри од примарната и секундарната топловодна мрежа во Скопје. Од претпријатието ветуваат придобивки за граѓаните, доколку тие се стекнат со лиценцата за дистрибуција на топлинска енергија.

– АД ГЕС-СКОПЈЕ ќе обезбеди иста цена за топлинска енергија и ангажирана моќност за сите потрошувачи по категории приклучени на топловодната дистрибутивна мрежа, независно во која општина и населба живеат или ја остваруваат својата дејност – потенцираат тие.

Од ова претпријатие очекуваат во иднина да продолжи соработката со „Балкан Енерџи Груп“ во делот на производството на топлинската енергија, за кое лиценца за работа има друштвото Производство на топлина БАЛКАН ЕНЕРЏИ ДООЕЛ. Од АД ГЕС не очекуваат проблеми во функционирањето на парното греење во Скопје, бидејќи системот за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија ќе треба и понатаму да функционира во согласност со Законот за енергетика, со подзаконските акти и со доделените лиценци за работа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(АНАЛИЗА) Јавен сектор: вработени по етнички клуч и според образование

Во четири министерства застапеноста на етничките Македонци изнесува 70 отсто од вкупниот број на вработени. Во седум ресори застапеноста на етничките Албанци е над 30 проценти, пишува Порталб.мк. Во...