Локацијата на која требаше да се гради рудникот за бакар и злато во Иловица | Фото: граѓански активисти

Владата сè уште не ја добила пресудата на Управниот суд со која се уважува тужбата на поранешниот концесионер на рудниците во Иловица и Штука иако таа е донесена на крајот на март.

„До Владата на Република Северна Македонија не е пристигнат никаков официјален документ за донесена пресуда од Управниот суд во полза на поранешниот концесионер Еуромакс Рисоурсес – Скопје“, се вели во одговорот од службата за информирање на Владата на прашањето на Мета дали државата ќе се жали на одлуката на Судот.

„Веднаш штом ќе пристигне пресудата Владата ќе одговори во законски утврдените рокови“, беше соопштено од Владата.

Минатата недела јавноста дозна за пресудата на Управниот суд со која судот го врати на повторно одлучување барањето на компанијата за дозвола за експлоатација на минерални суровини.

Ова барање во октомври минатата година го одби Второстепената владина комисија поради неисполнети услови, по што Министерството за економија еднострано го раскина договорот за концесија.

Одлуката на Судот беше држена во тајност од 31 март до средината на мај кога канадската компанијата објави на својата веб-страница. Откако јавноста бурно реагираше, Судот експресно објави неколку соопштенија за јавност на 13 и 14 мај, двете потпишани од претседателот на Судот, Бурим Сејдини.

Во првото соопштение Судот само кратко информираше дека е донесена ваква пресуда, додека во второто соопштение беше посочен „итниот карактер“ на предметот поради што морало да се одлучува за време на вонредна состојба.

Судот исто така посочи дка главниот аргумент на Еуромакс е дека Второстепената комисија пред да го одбие барањето за дозвола за експлоатација на минерални суровини требала да ја почека владината одлука по претходно доставено барање за спојување на двете концесии кои ги поседуваше Еуромакс.

Рокот за жалба на ваквата одлука тече по завршувањето на вонредната состојба.

И покрај тоа што Управниот суд официјално информираше дека одлуката била уредно доставена до странките во управниот спор, и од Владата и од Министерството за економија велат дека не го добиле решението на Судот.

Од Владата велат дека, согласно информацијата којашто пред Владата ја презентираше Министерството за економија, утврдено е дека компанијата не ги доставила сите потребни документи кои се бараат согласно Законот за минерални суровини за добивање на дозвола за експлоатација.

„Оттука произлезе дека се исполнети условите за одземање на концесијата.
Одлуката за исполнетост на условите за одземање на концесијата ќе биде правосилна откако ќе заврши жалбената постапка согласно позитивните законски прописи на Република Северна Македонија“, велат од Владата.

Активистите од Струмица се изненадени и огорчени по одлуката на судот. Велат не ги чуди тоа што на пресудата и треба толку време за да стигне до Владата.

„Изгледа многу е далеку и ние таа пресуда ја најдовме во официјален сервер на канадската влада, а не бевме информирани од надлежните во нашата земја, како што беше ред“, вели во изјавата за Мета претставникот на здружението „Здрава Котлина“ од Струмица, Ѓорѓи Танушев.

Тој посочува дека во пресудата на Управниот суд стои и дека правните застапници на државата во овој спор до Судот ги доставиле само бараните документи но, иако им било побарано од страна на судијата, тие не ги дале потребните објаснувања.

Струмичките активисти посочуваат дека имаат непотврдени информации за конфликт на интереси во Министерството за економија.

„Жестоко ќе реагираме. И нашата организација заедно со граѓаните и сите останати организации во Југоисточна Македонија. Нема да дозволиме корумпирани судии и политичари да нè трујат заради профит па кои сака нека бидат“, дециден е Танушев.