Патнички воз излета од шините откако удрил во карпа, повредени нема


Гостивар, 18 февруари, 2019 - 11:10 (META) 

Патничкиот воз кој сообраќа на линијата Кичево – Скопје утрово излетал од шините во близина на гостиварските села Лакавица и Падалишта, објави Центарот за управување со кризи.

Во несреќата немало повредени.

Возот удрил во карпа, а пото аизлетал од шините. Предизвикана е материјална штета, сообраќајот на тој дел од пругатa е во прекин и се врши увид.

Ова е втор инцидент во јавниот сообраќај, по автобуската несреќа во средата попладнето животите ги загубија 14 лица, кога автобусот на „Дурмо Турс“ што сообраќал на редовна линија од Скопје до Гостивар излета од автопатот Скопје – Тетово и се преврте кај селото Ласкарци.


Аерозагадувањето и пругата кон Бугарија на дневен ред на владина седница


Скопје, 22 јануари, 2019 - 9:54 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи 116-та редовна седница, која ќе биде отворена со презентација на приоритетите на Романија за време на претседателството со Советот на Европската Унија, што ќе ја одржи амбасадорот на оваа земја во Република Македонија, Виорел Станила.

Министрите потоа ќе расправаат за донесувањето одлука во врска со информацијата за потребата од обезбедување на финансиски средства за реализација на проектот „Изградба на железничка пруга од Крива Паланка до граница со Република Бугарија“, што ќе ја презентира ЈП „Македонски Железници инфраструктура“.

Генералниот секретаријат на Владата, велат од владината прес-служба на денешната седница ќе ја предложи на усвојување Предлог-програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година, а на предлог на Министерство за животна средина и просторно планирање на седницата ќе се најдат и Предлог-годишната програма за заштита на природата за 2019 година, и информацијата за поддршка на иницијативата за прогласување на планината Јабланица за заштитено подрачје.

Како што информираат од Влада, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, на денешната седница ќе ја претстави својата програма за работа и финансиски план за 2019 година, а на предлог на Агенцијата за млади и спорт, Владата ќе ја разгледа Предлог – програмата за изградба и реконструкција на спортски објекти за оваа година.

На денешната седница исто така предвидено е да се расправа и за информацијата за Програмата на економски реформи 2019-2021 година, на Министерството за финансии.


ЕУ ќе обезбеди 68,6 милиони евра за модернизација на железницата


Скопје, 14 декември, 2018 - 13:15 (META) 

Владата потпиша Договорот за грант во износ од 68,6 милиони евра наменет за ко-финансирање, доделен од Европската унија преку Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ), за модернизација на железницата.

Овој грант ќе биде искористен за ко-финансирање на изградбата на приближно 34 километри железничка инфраструктура, од Бељаковце до Крива Паланка, втора фаза на проектот за Коридор 8, кој откако ќе биде финализиран, ќе биде дел од трансевропската транспортна мрежа, поврзувајќи ја Македонија со Албанија на запад и Бугарија на исток.

Поддршката следи по одобрување на двата суверени кредити од 46,4 милиони евра и 145 милиони евра од страна на ЕБОР на македонската влада, за натамошно имплементирање, преку Јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“.

Првата фаза на проектот, рехабилитација на железничкиот сектор во должина од околу 31 километар помеѓу Куманово и Бељаковце, е во фаза на имплементација. Втората фаза на активности поврзани со набавки веќе започна, и се избира изведувачот кој ќе ги реализираат работите поврзано со проектот.

ИПЗБ обезбедува и грантови за техничка соработка во износ од 5,7 милиони евра, за подготовка на проекти и имплементација. Развојот на македонската економија зависи од поврзаноста на главните меѓународни транспортни копнени рути, по кои стоката може слободно да се транспортира. Низ земјата поминуваат и 215 километри од железничкиот Коридор 10.

На церемонијата на потпишување на Договорот за грант присуствуваа министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за финасии, Драган Тевдовски, амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар, и Анка Јоана Јонеску, претставник на ЕБОР за Македонија.


Владата ќе му биде жирант на ЈСП за кредитот за набавка на еколошки автобуси за Скопје


Скопје, 28 ноември, 2018 - 10:34 (META) 

Владата на вчерашната, 105-та, седница го усвоила Предлог-Законот за гаранција на Република Македонија за Договорот за заем за набавката на нови автобуси за Град Скопје (ЈСП), кој ќе се склучи меѓу Европската,  банка за обнова и развој (ЕБОР) и Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.

Вкупниот износ на проектот е 12 милиони евра, од кои 10 милиони евра ќе бидат обезбедени преку заем од ЕБОР, додека 2 милиони евра ќе бидат обезбедени од буџетот на ЈСП Скопје. За парите што ЈСП ќе ги добие како заем од ЕБОР, Владата ќе издаде државна гаранција.

На вчерашната седница била усвоена Информацијата за Договор за грант во износ од 70 милиони евра,за проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце – Крива Паланка – источниот дел од железничката пруга на Коридор 8, фаза 2“, помеѓу Министерството за финансии и Европската банка за обнова и развој.

Исто така, било наложено на Секретаријатот за европски прашања да ја достави до Европската Комисија Единствената листа на проекти најдоцна до денеска. Според таа листа, меѓу четирите приоритетни проекти се реконструкцијата на патната делница Крива Паланка – Деве Баир, како дел од Коридорот 8, изградбата на граничниот премин Табановце, изградбата на автопатска делница Скопје – Блаце, како и гасоводна интерконекција со Грција.

На вчерашната седница, Владата во однос на финансискиот план на „Јавно радиодифузно претпријатие Македонска радио телевизија“ за 2019 година донела одлука да му препорача на Собранието на РМ, МРТ да го усогласи овој финансиски план со препораките за остварување на целосна уредувачка независност, на зајакнување на кадровските капацитети, со цел да биде остварен јавниот интерес за објективно и точно информирање.


Сугарески: Патот Ранковце – Крива Паланка е од регионално значење за економијата


Крива Паланка, 25 септември, 2018 - 14:56 (META) 

Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка кој е со вкупна должина од 25 километри почна да се гради јуни годинава и треба да биде завршен за три години, информираше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој денеска изврши увид во градежните работи.

– Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка како дел од доизградбата на Коридор 8 е од особена економска важност за Македонија. Со него овозможуваме брза врска на пан-европскиот Коридор 8 кој нè поврзува со Бугарија, а со тоа отвораме можност за подобрување на економските врски со Европската Унија. Покрај регионално поврзување, со комплетирање на Коридор 8 и создавање на модерна патна мрежа ќе придонесеме за брз и безбеден транспорт на стоки и услуги и ќе им овозможиме на домашните компании полесно да се пробијат на нови пазари. Во таа насока го потпишавме и договорот со ЕБОР за реконструкција и проширување на патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, со што создаваме комплетно нова патна делница на овој Коридор од значење не само за нашата земја, туку и за целиот регион – изјави Сугарески.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 58,5 милиони евра.


Владата на денешната седница ќе расправа за пругата Куманово – Бељаковце


Скопје, 22 август, 2018 - 9:51 (META) 

Владата на Република Македонија денеска во 9 часот ќе ја одржи 84 седница на која Македонски железници ќе информира за имплементацијата и состојбата на проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII фаза 1 делница Куманово – Бељаковце“.

На денешната седница министрите во владата ќе ја разгледаат и Информацијата за потребата од склучување на Договор за грант меѓу Република Македонија и САД за развојната цел: „Република Македонија како просперитетно, самоодржливо и инклузивно демократско општество“.

На предлог на Министерство за надворешни работи точка на дневен ред ќе биде и информацијата за потпишување Договор меѓу Генералниот секретар на Обединетите нации и Владата на Република Македонија за обврска да се елиминира сексуалната експлоатација и злоупотреба.

Министерството за внатрешни работи ќе го претстави извештајот за извршените преговори со усогласен текст на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за реципрочно признавање на возачки дозволи.

Министрите ќе ги разгледуваат и предлозите на Министерството за одбрана за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција на Организацијата на Обединетите Нации „УНИФИЛ“, во Република Либан, како и за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“, во Исламската Република Авганистан.

Владата ќе ги разгледа и информациите за задолжување на ЈСП, со државна гаранција кон меѓународна кредитна институција, за набавка на КПГ автобуси.


Експропријација на земјиште за потребите на пругата на Коридор 8, на владина седница


Скопје, 24 јули, 2018 - 11:49 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи редовната 81. седница на која министрите ќе одлучуваат за неколку предлог-одлуки за давање на согласност за склучување на договор за доделување на државна помош.

„На предлог на Јавното претпријатие „Македонски железници -инфраструктура“ ќе се разгледа информација за процесот на експропријација на земјиште, кое е потребно за реализација на проектите за реконструкција и изградба на железничката пруга од источната делница на Коридор 8 ( Куманово – Бељаковце – Крива Паланка – Р. Бугарија).

На денешната седница министрите ќе разгледаат и неколку извештаи за работа на државни претпријатија.


Сугарески: До крајот на годината ќе заврши изградбата на пругата Битола – Кременица


Битола, 28 мај, 2018 - 13:43 (META) 

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески заедно со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска извршија увид во изградба на пругата Битола – Кременица.

Пругата е со должина од 16 километри, а инвестицијата е во вредност од 17, 2 милиони евра. Од нив, шест милиони евра се грант од Европската унија, а 11 милиони евра се обезбедени од буџетот.

Сугарески потенцираше дека ова е најзначајниот проект во Пелагонискиот регион, бидејќи после триесет и две години овој регион железнички повторно ќе се поврзе со Грција. Изградбата на пругата е стратешки проект на Владата, кој според министерот Сугарески економски ќе го зајакне Пелагонскиот регион.

– После триесет и две години со изградба на оваа пруга, повторно од овој регион ќе го заживееме железничкиот сообраќај со нашиот јужен сосед. Знаете дека претходно оваа пруга започна да се гради, но поради слабото извршување на градежните работи договорот беше прекинат. Заради стратешката позиција и огромната потреба Пелагонија повторно железнички да се поврзе со Грција, минатата година во номеври потпишавме нов договор со друга компанија – изјави Сугарески.

Тој додаде дека со изградба на пругата ќе се обезбеди брз пристап со железница од Пелагонискот регион до Солунското пристаниште, а понатаму ќе се поврземе и со Коридор 4 се до Турција.

– Ова е многу значајно ако се има предвид дека близу до нас се наоѓа и индустриската зона Жабени со што ќе овозможиме брз и поевтин транспорт на стоките и услугите за компаниите, не само во зоната, туку и сите останати во Пелагонскиот регион – додаде Сугарески.


Железничкиот сообраќај на пругата Велес – Гевгелија се одвива нормално


Скопје, 22 март, 2018 - 15:02 (META) 

Железничкиот сообраќај Скопје – Велес – Гевгелија функционира нормално и неточни се информациите дека е во прекин, информираат од „МЖ-Инфраструктура“.

„На 14 март кога имаше одрон на карпите на пругата Велес – Гевгелија, односно помеѓу станиците Велес – Згрополци, екипите веднаш излегоа на терен со целата механизација и за краток временски период во целост ја расчистија пругата од карпите. Со брзото расчистување на пругата, работниците овозможија железничкиот сообраќај на пругата Велес – Гевгелија да функционира нормално уште од 15 март, односно само еден ден после одронот на карпите“, се вели во соопштението на „МЖ-Инфраструктура“.


Словенечкиот премиер Миро Церар поднесе оставка


Љубљана, 15 март, 2018 - 12:59 (META) 

Словенечкиот премиер, Миро Церар објави дека поднел оставка пред парламентот. Церар соопшти дека се повлекува по одлуката на Врховниот суд да се поништи резултатот од септемврискиот референдум, со кој, беше одобрен железничкиот проект вреден една милијарда евра, најголемиот инвестициски проект на неговата влада.

Референдумот го поддржа владиниот план за изградба на пруга во должина од 27 километри од пристаништето Копер до границата со Италија.

Оставката на Церар се случува само три месеци пред парламентарните избори најавени за јуни. Засега е нејасно дали оставката на Церар ќе го забрза распишувањето на изборите.

Владината коалиција која ја презеде власта во септември 2014 година, ги вклучува партијата на Церар, како и Социјалдемократите и партијата на пензионерите Десус.