fbpx

Кражби ја прекинуваат работата на телекомандата по пругата на Коридор 10 и на патните премини

Пругата долж Коридорот 10 се управува преку далечинско управување со сообраќајот. Кражбите на делови предизвикуваат прекини во работењето на телекомандата. Во таков случај се исклучува телекомандата во делот на пругата каде е детектирана кражба и недостиг на некој пружен елемент, а регулирањето на сообраќајот во тој дел го врши станичниот персонал

-

Опасни инциденти со кражби на железничката инфраструктура се случуваат во Македонија, кои предизвикуваат прекини на функционирањето на патните премини преку пругите, а во одредени случаи и ја прекинуваат работата на телекомандата, преку која се раководи сообраќајот по пругата на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија.

По тешката железничка несреќа во Грција, во која животот го загубија 57 лица во судирот на товарен и патнички воз на пругата Солун-Атина, грчките власти утврдија дека системот за далечинско следење и сигнализација на оваа пруга не функционирал, а наместо употреба на телекоманда, шефовите на најблиските железнички станици комуницирале едни со други и со машиновозачите преку радио станица – кој е застарен систем што во европските земји не се применува со години наназад, пишуваше агенцијата Ројтерс во своја анализа на оваа тема.

За состојбата во земјава, од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ велат дека причинетата штета од кражби на делови од железничка инфраструктура лани изнесувала над 19 милиони денари, додека во првите месеци од годинава штетата е речиси 3,6 милиони денари.

„Во 2022 година кај нас се евидентирани 47 кражби, а во 2023 година досега се евидентирани 8 кражби. Ако се направи споредба со бројот на кражби во 2021 година може да се каже дека бројот на кражбите и оштетувањата е намален, но вредноста на украденото и оштетеното е поголема“, информираат за Мета.мк од ЈП за железничка инфраструктура.

Во случаите кога се крадат делови од системот за обезбедување на патните премини, ова јавно претпријатие е принудено во тие моменти да ги исклучува од работа патните премини на пругите, што може да предизвика сообраќајна несреќа меѓу воз и возило. При вакви кражби, од ЈП за железничка инфраструктура велат, имало случаи кога се пренасочувал сообраќајот, што пак предизвикувало повеќе пари и време одвоени од ова претпријатие.

„Се крадат сигнали, а како што знаете на возот му треба од 700 до 1.000 метри да застане, а без сигнализација би дошло до нагло кочење, коешто ги доведува во опасност и патниците и околината“, велат од ЈП за железничка инфраструктура Железници на РСМ.

Особено опасни се кражбите на делови од инфраструктурата долж пругата на Коридорот 10 меѓу Гевгелија и Табановце, на која минува и најголемиот дел од железничкиот сообраќај во земјава.

„Пругата долж Коридорот 10 во земјава се управува преку далечинско управување со сообраќајот, телекоманда. Кражбите на делови на инфраструктурата предизвикуваат исто така прекини во работењето на системот на телекомандата. Во таков случај се исклучува телекомандата во делот на пругата каде е детектирана кражба и недостиг на некој пружен елемент, а регулирањето на сообраќајот во тој дел го врши станичниот персонал“, објаснуваат од ЈП за железничка инфраструктура.

Откога ќе се увиди дека е украден дел од железничка инфраструктура, тогаш кражбата се пријавува во МВР, а нивни претставници излегуваат на терен, прават увид и записник. Казни се предвидени со Кривичниот законик во делот кражби и загрозување на безбедноста во сообраќајот. Крадците во голем дел се наоѓаат, но има друг проблем.

„Казните не се така големи, со што тие не се обесхрабруваат да продолжат со кражба, несвесни дека со нивните дела го загрозуваат животот на учесниците во железничкиот сообраќај“, велат од јавното претпријатие.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за Мета.мк информираат дека лани биле регистрирани 28 кривични дела за „тешка кражба“, при што објект на кривично дело биле делови од железничка инфраструктура. По преземените мерки, расветлени се осум кривични дела, додека материјалната штета била околу 9.711.000 денари.

Во првите два месеца од 2023 година, според податоците на МВР, регистрирани биле четири кривични дела за тешка кражба, при што објект на кривично дело се делови од железничка инфраструктура. Материјалната штета била од околу 119.000 денари.

Според податоците на ЈП за железничка инфраструктура, електрифицираната пруга од Табановце до Гевгелија е опремена со уреди за телекоманда со постројки за електровлеча. Железничките станици долж Коридорот 10 се вклучени во системот на телекоманда за регулација на сообраќај, а центарот од каде се управуваат возовите е лоциран во ранжирната станица Трубарево во Скопје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Путин: Немаме намера да нападнеме земји членки на НАТО

Русија нема планови за напад на земјите членки на НАТО и нема да ги нападне Полска, балтичките земји или Чешка, но доколку Западот испорача ловци Ф-16 на Украина, тогаш...