fbpx

Прекина изградбата на пругата Куманово-Бељаковце, ќе има тендер за нов изведувач

-

Сопрена е изградбата на пругата Куманово-Бељаковце на барање на германскиот изведувач „Вибе“, информираат од ЈП Железници на РСМ-Инфраструктура. Државата ќе мора да бара нов изведувач за довршување на првата фаза од проектот за железничко поврзување со Бугарија, како и изготвувач на нова техничка документација за железничката делница долга 30,8 километри.

Од ЈП ЖРСМ Инфраструктура во изјава за „Мета.мк“ велат дека изведувачот на 29.05.2020 година доставил до нив известување за раскинување на договорот, со што и официјално запрела изградбата на пругата, додека фирмите подизведувачи ја повлекле механизацијата и материјалот од градилиштата.

Градежни работници кои изминатиов период работеле на изведба на пругата Куманово-Бељаковце за неколку медиуми вчера изјавија дека е запрена изградбата на првата фаза од проектот за железничко поврзување со Бугарија. Тие се жалат дека два месеца не земале плата и останале без здравствено осигурување, иако нивните договори за работа истекуваат на крајот на август.

– ЈП ЖРСМ како Работодавач ги врши редовно плаќањата на Изведувачот, за платите на нивните работници обратете се кај Изведувачот – е краткиот одговор од јавното претпријатие за состојбата со надоместоците за ангажираните градежни работници.

Тие тврдат дека со ваквиот расплет на настаните и одлуката на изведувачот да го раскине договорот, ЈП ЖРСМ Инфраструктура во соработка со владата ќе ги преземат „сите неопходни законски дозволени дејствија за заштита на своите права“. Од јавното претпријатие тврдат дека германската компанија „Вибе“ имала рок до септември 2017 година да ја заврши изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце, а поради пробивањето на рокот за изградба поради проблемите што се појавиле при изведбата, бил потпишан Анекс на договорот за продолжување на времето за завршување на работите до 20 февруари 2020 година.

Од ЈП ЖРСМ Инфраструктура тврдат дека изведувачот успеал да реализира само 54 отсто од вкупниот обем на работите.

Изградбата на пругата Куманово-Бељаковце започна во март 2014 година, со првично ветување на тогашната влада дека проектот ќе биде изведен во рок од две години. Во меѓувреме, пуштањето во функција на железничката пруга Куманово-Бељаковце се одложува неколку пати по ред. Германската компанија „Вибе“ досега не излегла во јавноста со официјално соопштение за причините поради кои се одлучи да го раскине договорот за изградба на железничката делница.

Пругата Куманово-Бељаковце е исклучително важна за Куманово, бидејќи со нејзината изведба ќе се добие нова железничка станица и стојалишта во неколку населени места, со кои на жителите на Куманово ќе им се овозможи подостапен патнички железнички сообраќај кон Скопје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сенатот изгласа 95 милијарди за Украина и Израел, но и потенцијална забрана за ТикТок

Сенатот на САД, односно горниот дом на Конгресот, изгласа предлог-закон кој вклучува хуманитарна и воена помош за Украина, Израел, Газа и Тајван во вредност од 95 милијарди долари, но...