fbpx

ДЗР: Државата недоволно одвојува за железнички превоз и инфраструктура

-

Владата преку надлежното министерство од годишниот буџет во 2018 година одвоила помалку средства од неопходните за нормално функционирање на железничкиот превоз и за одржување на пругите. Државниот завод за ревизија ја дава ваквата констатација во Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност за 2018 година на сметката на основен буџет (637) на Министерството за транспорт и врски.

Ревизорите во извештајот потврдуваат дека надлежното министерство од својот буџет е должно да покрие само дел од загубата на Железници на РСМ – Транспорт, но и притоа потенцираат дека државните субвенции за транспортниот оператор се недоволни за покривање на трошоците во патничкиот железнички сообраќај.

Остварените приходи од превозот на патници со воз лани изнесувале над 50,1 милиони денари, додека владата дала субвенции во висина од 430 милиони денари за патничкиот железнички сообраќај. Наспроти ова, железничката компанија прикажала дека трошоците за одржување на превозот со патнички возови лани изнесувале над 758 милиони денари.

„Ревизијата обрнува внимание дека со нецелосно субвенционирање на трошоците од патнички сообраќај како услуга од јавен интерес за кои не се обезбедени приходи од превозникот во државна сопственост се доведува во прашање обезбедувањето на квалитетна услуга од јавен интерес – превоз во железничкиот сообраќај“, се вели во извештајот.

Критики до државата ревизорите упатуваат и за одвојувањето помалку средства за одржување на железничката инфраструктура. Како што се наведува во извештајот, во членот 118 од Законот за железнички систем е наведено дека од државниот буџет на годишно ниво за железничката инфраструктура треба да се издвојат најмалку 0,3 отсто од планираните даночни приходи во централниот буџет.

Наместо ова, владата со годишната програма за финансирање на железничката инфраструктура за 2018 година издвоила средства во износ од 292 милиони денари. Наспроти ова, годишниот законски минимум што требало лани да му се исплати на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура – Железници на РСМ изнесувал над 343 милиони денари.

Ревизорите констатирале дека одвоените помалку средства лани можело да имаат влијание на одржувањето на постојната железничка инфраструктура како општо добро на земјата. Состојбата по ова прашање била корегирана во јуни 2019 година, кога Собранието ја донело Националната програма за железничка инфраструктура 2019 – 2021 година, со која конечно се предвиделе средства поголеми од законскиот минимум од 0,3 отсто од планираните даночни приходи во годишниот државен буџет.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...