Oбвинителството на проширена седница ќе решава што понатаму со предметите на СЈО


Скопје, 6 февруари, 2019 - 13:06 (META) 

Јавниот обвинител Љубомир Јовески денеска свикал проширена седница на обвинителите во Јавното обвинителство, на која треба да се дискутира за побараното мислење од скопскиот Кривичен суд. Скопскиот суд побара известување кој обвинител ќе ги работи случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) по мислењето од Врховен суд со кој се посочува дека СЈО повеќе од година и пол нема мандат да покренува истраги и да поднесува тужби. Истовремено, судиите од Кривичниот суд побараа Јовески од Собранието да побара автентично толкување на член 22 од Законот за СЈО.

На утрешната седница на Стручниот  колегиум на јавните обвинители во Јавното обвинителство, ќе учествуваат и вишите јавни обвинители на Вишите јавни обвинителства и јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.


Обвинителствата дадоа позитивно мислење за уште четири амнестии


Скопје, 28 декември, 2018 - 14:03 (META) 

Основните јавни обвинителства, согласно пред некој ден изгласаниот Закон за амнестија, денеска до Основниот суд Скопје 1 доставиле мислења за преостанатите барања за амнестија и позитивно мислење дале само за четири од нив. Интересното е што Основното јавно обвинителство – Скопје, од 37-те барања се изјаснило позитивно само за едно, а другите ги оценило како неприфатливи.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска ги достави мислењата по преостанатите 17 барања за амнестија. Дадено е позитивно мислење по три барања, а негативно за 14. Со тоа, од вкупно примени 29 барања за амнестија, доставени од надлежниот суд, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција даде позитивно мислење по 15 барања за амнестија, а за другите 14 дадено е мислење дека по барањата не се исполнети условите од Законот.

Основното јавно обвинителство Скопје постапуваше по 37 барања за амнестија. Денеска по сите е испратено мислење до Основниот суд Скопје 1 Скопје.

Само во еден случај надлежен обвинител има дадено позитивно мислење, а за другите 36 лица мислењето од надлежните јавни обвинители е негативно.


СДСМ: Мицкоски ја потврдува поврзаноста на ВМРО-ДПМНЕ со насилството од 27 април


Скопје, 10 декември, 2018 - 10:36 (META) 

За владејачката СДСМ е неприфатливо барање на Христијан Мицкоски да се формира независно тело кое ќе ги преслуша снимките на судиите и обвинителите во изминатите две години.

„Мицкоски ги потврдува сведоштвата за сериозна поврзаност на насилниците со ВМРО-ДПМНЕ во организацијата и координацијата на насилството од 27 април. Преку нелогични, несериозни и неосновани барања, интерпелации, измислици, Мицкоски се обидува да ги закочи реформите, да ги блокира процесите за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ. Не му беа доволни 11 години прислушување на Мицкоски па бара нови снимки да преслушувале „експертите“ од ВМРО-ДПМНЕ, одговори вчера СДСМ.

Мицкоски своите вкупно шест барања ги упати вчера од Кочани, каде ВМРО-ДПМНЕ одржа протест.

„Веднаш да се формира независно тело предводено човек предложен од опозицијата, коешто ќе ги преслуша, анализира, систематизира сите материјали коишто се собрани  изминативе две години како резултат на црниот Вотергејт на Заев, односно прислушувањето на сите судии и обвинители. Да ги видиме нарачаните пресуди  за поткуп, да ја видиме нарачаната пресуда за „Глобал“ , да видиме како нарачувате обвиненија за луѓето од 27 Април, да видиме како нарачувате обвиненија за ВМРО-ДПМНЕ, побара претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од Кочани.

Тој рече дека после секој протест ќе има нови барања и побара оставки од министрите Спасовски и Димитров.

– Итна и неотповиклива оставка на министерот којшто својата нација ја нарече искомплексирана нација. Министерот кој благодарение на ова нација која го полни буџетот зема плата, ужива во привилегиите да се школува неговото семејство надвор од Република Македонија со стипендиите кој овој народ ги обезбедил. Итна и неотповиклива оставка на министерот за терор и прогон т.е. полиција, Оливер Спасовски затоа што откако е министер само порази шпиунски акции, претреси и омаловажувања на нашите браќа и сестри, граѓани на Република Македонија – рече Мицкоски.

Тој побара веднаш да сопре иницијативата од Владата за покачување на даноците „и да престане осиромашувањето на бизнисот и на граѓаните.“ Побара и соодветни мерки за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот.

– Ги лажевте граѓаните испентарени на падините на преубавото Водно и велевте само да падне режимот и ќе започне да дува алпски воздух. Овде во Кочани им велевте на луѓето најзагаден град сте, многу скара вртите па затоа ви е загаден градот – рече Мицкоски, кој исто така побара „почитувања на јасно изразената волја на народот на референдум“.


Обвинителство почна предистражна проверка на тендерот за биореагенси


Скопје, 10 август, 2018 - 9:59 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција почнало проверка за тендерот за лабораториски реагенси што предизвика бројни реакции и повици за оставка на министерот за здравство, Венко Филипче.

Тоа се прави поради на индиции за повреда на законот при постапки на доделување на договори за јавни набавки во Министерството за здравство, но сепак не станува збор за отворање предмет. Обвинителството и претходно од јавноста и од партиите беше обвинето дека молчи за овој случај.

„Предистражната постапка е како резултат на објавените написи од страна на повеќе медиуми во Република Македонија во врска со неправилностите при спроведување на постапките за јавни набавки во Министерството за здравство. Предметот се однесува на постапката за јавна набавка за биореагенси и тестови на крв во износ од 35 милиони евра и за набавка на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени установи без тендерска постапка во износ од 24,6 милиони денари“, соопштија од Обвинителство.


ГРЕКО: Македонија не напреднала во спречувањето корупција на пратениците и судиите


Стразбур, 9 август, 2018 - 12:07 (META) 

Во својот втор извештај за усогласеност, објавен денеска, ГРЕКО (Група на земји против корупцијата), организација што функционира во рамките на Советот на Европа порача дека „Поранешна југословенска република Македонија не направила суштински напредок во спроведување на препораките за спречување корупција меѓу пратениците, судиите и обвинителите.“

Извештајот за усогласеност е направен според Ситуацискиот извештај со дополнителни информации за спроведувањето на 19-те препораки доставен од македонските власти на 31 јануари годинава.

Нарекувајќи го постигнатото во оваа фаза „навистина разочарувачки“, антикорупциската група на Советот на Европа ги повикува властите да преземат порешителни и пофокусирани активности за спроведување на препораките издадени уште пред четири и пол години. ГРЕКО  констатира дека има многу ниска усогласено со препораките, односно нивото е „генерално незадоволнително“.

Поточно, само шест од вкупно 19 препораки се спроведени на задоволително ниво. Од останатите, шест се делумно спроведени, а пет останале неспроведени.

Во однос на пратениците, ниту една од препорачаните измени не е спроведена ниту делумно, со исклучок на донесувањето на Кодексот на однесување на пратениците, кое претходно беше во блокада од крајот на 2016 година.

Во однос на спречувањето корупција меѓу судиите и обвинителите, вториот извештај за усогласеност посочува дека е направен ограничен прогрес, посочувајќи на измените на Законот за Судскиот совет, донесени во декември минатата година и во мај годинава.

ГРЕКО напоменува дека се креираат нови советодавни и надзорни тела за судиите и обвинителите, како нивна поддршка во примената на правилата на постапување. Сепак, на ова антикорупциската група на Советот на Европа поподробно ќе се осврне откако ќе добие повеќе сознанија.

Што се однесува до анкетните листови, односно пријавувањето на имотот и конфликтите на интереси, ГРЕКО со жалење констатира дека не е направен значителен напредок за засилување на контролната функција, како и на политички понезависен пристап на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Антикорупционерите од Советот на Европа го посочуваат и случајот поради кој речиси сите членови на Антикорупциска си поднесоа оставки.

Следниот извештај се очекува на 30 јуни 2019 година.


Груевски: Во судот треба да ми дадат канцеларија и плата, толку често доаѓам


Скопје, 14 февруари, 2018 - 14:20 (META) 

Во судот веќе доаѓам толку често што треба да ми дадат канцеларија, а и да добивам плата, изјави поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски пред новинарите по завршувањето на денешното рочиште за случајот  „Траекторија“.

Тој повторно се пожали дека против поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ се води политички прогон и рече дека „судството“ е претворено во „политичка гилотина“. Зборувајќи за сите случаи што се водат против него, Груевски истакна дека на сите рочишта забележливи се неколку работи, кои покажуваат дека се води политички прогон преку судството.

Според него, одбраната и обвинетите немаат еднаков третман од судот во однос на СЈО.

– Кон обвинителите се однесуваат со почит, спокојно и мирно, додека кон одбраната судот реагира нервозно, што како да покажува на која страна е. Судот воопшто не се обидува да го скрие тоа. Барем да глуми малку објективност за јавноста – рече Груевски.


Напредокот во спроведувањето на реформите – основа за преговорите со ЕК


Скопје, 16 ноември, 2017 - 15:46 (META) 

Реформите на македонското правосудство треба внимателно да бидат испланирани врз основа на анализите и на оценките, а консултациите да бидат транспарентни и да вклучуваат повеќе фактори. Треба да се одвојат и доволно пари на самиот почеток на реформите за да може да дојде до нивно целосно спроведување, е една од пораките од ЕУ искажана на 12. состанок на Подкомитетот за правда и внатрешни работи во рамките на Договорот за стабилизација и придружување.

Состанокот се одржал завчера и вчера во Скопје, извести Делегацијата на Европската Унија.

На состанокот се разговарало за состојбите со судските реформи, темелните права, антикорупциските политики, внатрешните работи и граничната контрола, азилот и миграциите, во функција на услогласување до легислативата на ЕУ (acquis), според поглавјата 23 и 24, како и за спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и придружување во погоренаведените области.

„При дискусиите, особено внимание е посветено на реформските приоритети и на препораките на Високата експертска група за владеењето на правото, како и на мерките од владиниот план „3-6-9“. Напредокот во спроведувањето на мерките пропишани во овие документи ќе ги постават основите за понатамошните разговори со Европската комисија“, се вели во заедничкото соопштение што го испрати Делегацијата на ЕУ во Скопје.

На состанокот Европската комисија понудила помош во ревидирање на материјалите. Се дискутирало и за постигнувањето правна одговорност за кривичните дела што произлегуваат од содржината на прислушуваните разговори, односно за „бомбите“.

Европската комисија констатирала напредок во медиумската сфера и ѝ порачала на власта да продолжи со сеопфатни консултации за тековните реформи и да промовира поттикнувачка средина за слободата на изразувањето.


Оставката на Аневски денеска ќе се најде пред Советот на јавни обвинители


Скопје, 31 август, 2017 - 9:43 (META) 

Советот на јавни обвинители денеска треба да расправа за оставката на претседателот, Петар Аневски, кој во вторникот ја поднесе поради лични и семејни причини.

Аневски во вторникот соопшти дека без разлика на оставката, тој и понатаму останува на функцијата член на Советот на јавни обвинители, каде мандатот му завршува во 2020 година.

Аневски, кој доаѓа од Вишото обвинителство во Битола, беше избран за претседател на Советот на јавни обвинители на 30 јуни 2014 година.

Во согласност со Законот за Советот на јавни обвинители на РМ, претседателот на Советот го избира 11-члениот Совет, од редот на избраните јавни обвинители, со мнозинство гласови од вкупниот број членови, со тајно гласање.


Заев – Бјорнстад: Норвешка ќе помага во области значајни за евроинтеграцијата


Скопје, 8 август, 2017 - 11:30 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорот на Кралството Норвешка, Арни Бјорнстад. На средбата била договорена поддршка од Кралството Норвешка на Македонија во повеќе области значајни за евроатлантските интеграции на земјава.

„Станува збор за помош од Норвешка во подобрување на административните и на законските капацитети, во судството, за исполнување на условите од поглавјето 24 од Извештајот на ЕК за Македонија, важно за преговарачкиот процес и со приоритет на обвинителската дејност, во областа на животната средина, за исполнување на условите од поглавјето 27, за чиста вода и превенција на храна, во унапредувањето на контролните механизми за заштита од корупција и од злоупотреби на јавните фондови“, се вели во соопштението од Влада.

Во периодот што престои ќе следува поврзување на институциите со амбасадата на Кралството Норвешка за утврдување на начините за аплицирање за фондовите преку кои треба да се реализира поддршката.


Советот за утврдување факти вели дека неговото укинување би било чекор назад


Скопје, 26 јули, 2017 - 17:20 (META) 

Заложбата на официјалните институции надлежноста на Советот за утврдување факти повторно да се инкорпорира во идниот Судски совет на Република Македонија не е ништо друго туку прифаќање на принципот „кадија те тужи – кадија те суди“, кој е ретрограден и напуштен во многу области, вели Сашо Поцевски, претседател на Советот за утврдување на факти и за поведување постапка за утврдување одговорност за судија.

Во обраќањето до јавноста, тој вели дека Советот бил формиран со закон токму за да се избегне можноста Судскиот совет, кој ги избира судиите, да решава за нивната дисциплинска одговорност и да ги разрешува, но и да ги наградува, односно дека таа состојба претставува сконцентрирана моќ во еден орган.

Поцевски вели дека уште од конституирање на Советот за утврдување факти во декември 2015 година и од почетокот на неговата работа во март 2016 година, „се одвивала хајка против ова тело, најнапред во судската елитна бранша, која изрично барала, а и ден-денес бара надлежноста на тоа тело да се врати во закрилата на Судскиот совет, каде судиите најверојатно се чувствуваат покомотно и посигурно“.

Во обраќањето на Поцевски се негира дека било можно поранешната гарнитура на власт силно да влијае врз Советот, бидејќи всушност постои неможност или многу мала можост да се врши притисок и да се влијае на работата на пензионираните стари правосудни кадри, оти пензијата никој не може да им ја земе.