fbpx

Европското јавно обвинителство – заштита на европските пари, но и повеќе од тоа

-

Дека градењето на институциите во ЕУ е долг и сложен процес добро го илустрира примерот на Европското јавно обвинителство. Институцијата се создаваше 25 години.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

По иницијалните предлози и дискусии, правната основа беше создадена со Договорот од Лисабон во 2007 година. За Предлогот на регулативата за основање поднесен во 2013 година се расправаше цели четири години и таа беше усвоена во 2017 година. Институцијата конечно почна со работа на 1 јуни оваа година.

Една од причините за вака долгото создавање е фактот што државите членки тешко предаваат надлежност во сферата на кривичното право, па основни прашања во текот на создавањето на Европското јавно обвинителство (ЕЈО) беа примената на принципите на субсидијарност и пропорционалност.

Надлежноста на ЕЈО е за кривични дела во врска со средства на Унијата пропишани во правото на ЕУ (со Директивата за заштита на финансиските интереси на ЕУ), поточно: измама во врска со расходите и приходите на ЕУ, вклучувајќи прекугранична измама на ДДВ со штета од најмалку 10 милиони евра; пасивна и активна корупција; проневера на средства на ЕУ; перење пари и организиран криминал, како и други поврзани дела, при што казниви се и поттикнувањето, помагањето или обидот.

Тоа е значајна надлежност, а на ЕЈО му е дадено правото на истрага и подигање обвинение во сите членки, по што се разликува од сродните институции (како, на пример, ОЛАФ), кои само даваат препораки на националните органи. Судат националните судови.

Во ЕЈО не учествуваат Данска, Ирска, Унгарија, Полска и Шведска. Данска има клаузула за изземање („опт-аут“) од областа на слободата, безбедноста и правдата уште со Договорот од Амстердам од 1997 година. Слична клаузула има и Ирска, но со можност за вклучување. Унгарија, Полска и Шведска решија да не учествуваат во ЕЈО, но има најави дека Шведска ќе се приклучи. Неучеството на држава членка не значи дека Обвинителството не може да спроведува истраги во неа, но истрагите мора да бидат потврдени од надлежните домашни органи.

Расправата за примената на принципите на субсидијарност и пропорционалност имаше влијание и на самата структура на телото. Конечно постигнатиот компромис содржи и создавање на т.н. „Колеџ на јавни обвинители“, со по еден јавен обвинител од секоја земја учесничка, кој е задолжен за стратешките прашања и обезбедување кохерентност. Клучна улога, покрај Европскиот главен обвинител, имаат делегираните јавни обвинители од секоја држава учесничка, кои ја спроведуваат истрагата и обвинението во нивните држави.

И самото назначување на романката Лаура Кодруца Кјовеши за европски главен обвинител беше долг и макотрпен процес. Без поддршка од сопствената романска влада, поранешната главна јавна обвинителка на романскиот Антикорупциски директорат, контроверзно разрешена во 2018 година поради наводна злоупотреба на службената положба, доби рехабилитација од највисоко европско ниво. Mнозинството во ЕУ беше убедено дека причина за нејзиното разрешување биле рекордниот број истраги и обвиненија за корупција против министри, политичари и други функционери. Сега таа е единствената од Источна Европа на висока позиција во институциите на ЕУ.

Ниту назначувањето на делегираните јавни обвинители од секоја држава не одеше лесно. Проблеми создаде токму претседавачот на Унијата – Словенија, која го одолговлечи нивното назначување, затоа што предложените обвинители во националната процедура беа блокирани од премиерот, а министерката за правда поднесе оставка поради овој случај.

Самата главна обвинителка Кјовеши ова го оквалификува како „саботажа“ на новата институција, напоменувајќи дека со тоа „сериозно се поткопува довербата во ефективно функционирање на системите за управување и контрола на фондовите на ЕУ во Словенија“.

Конечно овој месец Словенија ги предложи веќе кандидираните јавни обвинители како „привремени“, а Колеџот на јавни обвинители пред само неколку дена сепак ги назначи со петгодишен мандат, како и сите останати.

Кога официјално профункционира – на 1 јуни 2021 година, ЕЈО веќе имаше полни раце работа, зашто презеде предмети од државите учеснички кои преминаа во негова надлежност. Сега веќе оваа институција може да се пофали и со покренати обвиненија, конфискации, па и прва пресуда.

Пример од соседството е предметот против поранешната хрватска министерка за фондови на ЕУ и уште тројца нејзини колеги (веќе во притвор), како и две компании, за проневера на 1,2 милиони евра од европските средства. Еден од скорешните позабележителни предмети е за организирана криминална група за избегнување даноци во вредност од 23 милиони евра во Чешка, Романија и Словачка. Во Италија, пак, се конфискувани средства во висина од 900.000 евра во предмет на злоупотреба на европски пари – во случајов се купени луксузни чамци кои требало да бидат наменети за развој на туризмот во Калабрија, а завршиле во водите на Сицилија, за поголем профит. Првата пресуда е од пред една седмица – во предмет покренат од ЕЈО, словачки суд му определил условен тригодишен затвор и петгодишна забрана за вршење функција на поранешен градоначалник, зашто фалсификувал документи во обид да добие европски проект.

Ѝ требаше долго време на ЕУ да воспостави ваква институција со супранационална надлежност во исклучително осетливото подрачје на кривичното право. Нејзиниот успех ќе се мери не само по бројот на предмети и средства кои ќе ги „спаси“, туку и преку нејзиното влијание во борбата против криминалот и корупцијата во сите држави членки, па и кандидати.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...