fbpx

Долгите истраги ги скараа Министерството за правда и обвинителството

Министерството за правда и Јавното обвинителство се судрија околу Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2022 година. Два дена двете инситуции се допишуваат преку медиумите, откако Министерството за правда до јавноста ги испрати забелешките во однос на работата на обвинителствата

-

Министерството за правда и Јавното обвинителство се судрија околу Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2022 година. Два дена двете инситуции се допишуваат преку медиумите, откако Министерството за правда до јавноста ги испрати забелешките во однос на работата на обвинителствата. Од обвинителството денеска одговорија дека „штом Министерството за правда одлучило јавно да ги објави своите поединечни забелешки за Годишниот извештај и тие исто така треба јавно да се изјаснат“.

Од Министерството за правда вчера напишаа дека во Извештајот за работата на јавните обвинителства нема податоци за покренати дисциплински постапки ниту пак, за изречени дисциплински мерки против обвинители.

„Со тоа, иако од повеќе меѓународни институции е нотирано дека јавните обвинители не ги почитуваат роковите за истражни постапки, во практиката не се констатирани дисциплински повреди за истото“, изјавија оттаму.

Понатаму, Министерството за правда нотираше дека во доставениот Извештај не се наведени статистички податоци за времетраењето на истрагите.

Инаку, во Законот за кривичната постапка (ЗКП) е уредено дека јавниот обвинител ја завршува истражната постапка кога ќе оцени дека состојбата на работите е доволно разјаснета за да може да подигне обвинение или да ја запре истражната постапка. Ако истражната постапка не се заврши во рок од шест месеци јавниот обвинител е должен за тоа да го извести вишиот јавен обвинител, кој во сложени предмети може овој рок да го продолжи за уште шест месеци. По исклучок, овој рок може да се продолжи уште за три месеци од страна на јавниот обвинител на РСМ.

„За долгото времетраење и за неажурноста на истрагите е констатирано и во Извештајот на Стејт Департментот на САД за човекови права за 2021 година каде што се наведува дека во постапките пред Јавното обвинителство истрагите траеле долго и засегнатите страни не биле информирани за статусот на предметите“, нотираа од Министерството за правда.

Тие додаваат дека и во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава е наведено дека истражните центри при основните јавни обвинителства треба да се зајакнат за да ги постигнат своите цели за зголемување на ефикасноста на истрагите и дека се потребни дополнителни активности за да се обезбеди непристрасна, брза и ефективна истрага.

Од Јавното обвинителство велат дека не е точно оти во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства во 2022 година нема податоци за траењето и ефикасноста на истражните постапки.

Таму наведуваат дека основните јавни обвинителства во 2022 година донеле наредби за спроведување истражна постапка против 1.398 лица, постапувале и во истраги поведени против 768 лица од претходната година, така што вкупно во работа имале истраги против 2.166 лица. Во однос на ажурноста на истражните постапки, во 2022 година завршени биле истрагите против 1.433 лица или 66,1% од вкупниот број истраги во работа.

„Бројот на завршени е поголем од бројот на новоотворени истражни постапки во текот на годината, што укажува на намалување на бројот на отворени постапки во обвинителствата. Во 1.087 предмети истрагите завршиле со поднесено обвинение“, велат од обвинителството.

Оттаму наведуваат дека роковите за водење на истраги предвидени во ЗКП се инструктивни, а не задолжителни и дека во пракса се случува понекогаш тие да се надминат за што како причини се наведуваат недоволни ресурси и сложеност на соодветните предмети.

„Својата загриженост за ефикасноста на постапките, министерот за правда би било добро да ја демонстрира со соодветни квалитетни предлози за законски решенија за надминување на состојбите со долготрајност на вештачењата, што е една од најчестите причини за траењето и на предистражните и на истражните постапки“, велат од обвинителството.

Оттаму додаваат дека „Европскиот извештај многу прецизно бара на Јавното обвинителство да му се овозможат сите материјални и кадровски услови за работа и непречено вршење на функцијата, а во забелешките од Министерството за правда нема коментар за тоа дали и како ќе се залага за обезбедување на тие услови за работа на обвинителствата“.

За крај, од обвинителството велат дека Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства не содржи и не може да содржи податоци за дисциплинските постапки против јавни обвинители, бидејќи дисциплинската постапка ја води дисциплинска комисија, која е целосно независна во постапувањето и чија активност не може и не смее да биде дел од извештај за работа на јавните обвинителства.

По овие преписки, Министерството за правда ја спушти топката – до медиумите беше испратено соопштение во кое се вели дека „целта на даденото мислење по Извештајот е да се лоцираат слабостите кои се појавуваат во јавнообвинителската организација заради преземање соодветни мерки за нивно надминување“.

„Министерството за правда нагласува дека еден од приоритетите за наредниот период е зголемување на ефикасноста во справувањето со корупцијата и криминалот, а посебно со неговите организирани форми. Во таа насока се и нашите дадени сугестии во мислењето заради преземање конкретни мерки и активности за постигнување на наведените цели“, изјавија од Министерството, додавајќи дека досега имале одлична соработка со јавното обвинителство на различни нивоа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...