fbpx

ГРЕКО бара од Северна Македонија да ги заостри санкциите за корупција

Најмногу внимание, секако, предизвикува неисполнетата препорака: министерот за правда да не биде член на Судскиот совет. Аргументацијата дека повеќе години министерот/ката за правда не учествува во работата на Советот не минува, па ГРЕКО препорачува и формална измена, што во нашиот случај значи измена на Уставот

-

Анализа на Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика за Портаб.мк

Групата држави против корупцијата (ГРЕКО) е посебен облик на активност на Советот на Европа, формирана во 1999 година и е отворена за членство и за држави кои не се членки на Советот, која сега брои 49 членови. Нејзин најпрепознатлив начин на дејствување е преку евалуација на анти-корупциските мерки во државите членки. Во секој круг на евалуација, кој вообичаено има тематски фокус, најпрвин се даваат оценки за состојбите и препораки. Потоа се следи нивната реализација, што резултира со извештаи за спроведување. Македонија е членка од 2000-та година и оттогаш е редовно предмет на евалуации, како  и сите други држави членки. Како рамноправна членка државата учествува во сите активности на ГРЕКО, вклучувајќи и со свои експерти во евалуација на други држави.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Неодамна објавениот втор додаток кон Извештајот е последен документ за земјата во четвртиот евалуационен круг, започнат уште во 2012 година. Тематскиот фокус на четвртиот круг на евалуација (за сите држави) беше спречувањето на корупцијата кај членовите на парламентот, судиите и обвинителите. Извештајот оценува дека четиринаесет од деветнаесетте дадени препораки се задоволително реализирани, четири – делумно, а една – не е исполнета.

Најмногу внимание, секако, предизвикува неисполнетата препорака: министерот за правда да не биде член на Судскиот совет. Аргументацијата дека повеќе години министерот/ката за правда не учествува во работата на Советот не минува, па ГРЕКО препорачува и формална измена, што во нашиот случај значи измена на Уставот.  ГРЕКО не се занимава со прашањето дали таков ризик ќе постои и по евентуалната формалната измена.

Три од делумно исполнетите препораки се однесуваат на механизмите за спречување корупција кај пратениците. Извештајот генерално поволно го оценува Нацртот на Кодексот за однесување на пратениците, како и механизмите за неговото спроведување (донесена програма за обука). Иако во новиот Кодекс се содржани одредби за лобирањето, стојат и натаму забелешките за непостоење интерни правила за контакти со лобистите, како што наложува Законот за лобирање, но и сфаќањето на лобистите само како „странски лица“. ГРЕКО ја прифаќа аргументацијата дека постојните правила за спречување на корупцијата се спроведуваат, но не е задоволен од одвраќачкиот ефект на санкциите во случај на нивно прекршување (пример: во случај на несовпаѓање на анкетните листови и имотната состојба). За ова е потребно заострување на санкциите во Законот за спречување на корупцијата. Преостанува и обврската Собранието да обезбеди механизми за редовно следење и почитување на правилата за „спречувањето судир на интереси и прифаќање на подароци, гостољубивост и други погодности“.

Преостанатата делумно реализирана препорака се однесува на проширувањето на опсегот на дисциплински санкции предвидени за прекршоци од страна на обвинителите, за да се постигне пропорционалност во казнувањето. Тоа значи дека во Законот за јавното обвинителство ќе треба да се предвидат повеќе видови дисциплински санкции, со цел разрешувањето да биде само крајна мерка при сериозни прекршувања.

Ако се спореди крајниот „резултат“ од четвртиот круг (14  исполнети препораки, 3 – делумно, 1 – неисполнета) со други земји, па дури и некои постари членки на ЕУ, не може да се каже дека Македонија е лош имплементатор на препораките на ГРЕКО. Меѓутоа, ако го разгледаме целиот, практично десетгодишен период на имплементација (2013 -2023 година) се забележува дека на почетокот на периодот динамиката на спроведување е ниска. Токму поради фактот дека до 2018 година биле реализирани само шест од четиринаесет препораки е покрената т.н. „постапка за неусогласеност“, по што реално забрзува спроведувањето. Иако е завршен четвртиот круг на евалуација за нас, властите имаат преземено обврски, кои допрва треба да се реализираат.

Очекувано е вниманието да се сврти кон петтиот круг на евалуација, започнат во 2018 година, чиј тематски фокус е спречување на корупцијата и промоција на интегритетот на ниво на централната влада (лица со високи извршни функции и органи за извршување на законот). Вториот извештај за спроведување за Македонија, објавен во ноември 2024 година, констатира дека Македонија не е во доволна мера усогласена со препораките, со оглед на тоа што од вкупно 23 дадени препораки, задоволително се спроведени 13, делумно – 9, а една не е спроведена. Владата до јуни оваа година ќе треба да поднесе извештај за напредокот. Се чини дека преостанува потешкиот дел од работата, особено што преостанатите обврски во голема мера се однесуваат на спроведувањето, но и на предвидувањето со закон на соодветни санкции за сите прекршоци.

Меѓу сите овие кругови на евалуации, се чини дека нам ни недостасува онаа сопствената, за што е неопходна поширока анализа од целосното учество на државата во оваа иницијатива. Тоа претпоставува и широка аргументирана дебата, за да се извлечат „научените лекции“ и  да се олесни патот кон спроведувањето на постојните и идните препораки.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...