Собранието денеска го донесе Законот за помилување, предложен од Министерството за правда, со кој претседателот на државата може да даде помилување само за правосилно осудени, а не и за лица кои се гонат кривично или се предмет на истрага.
При изготвувањето на законот беа разгледани повеќе компаративни искуства како што се решенијата содржани во правните системи во државите членки на Европската Унија и од оние држави со кои имаме слични правни системи, соопшти Министерството за правда.
Причините за донесување на Законот за помилување, велат од Министерството, произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со предлогот.
Во него има прецизни рокови и докрај се прецизаат ингеренциите на сите засегнати страни кои учествуваат во процесот.
„Меѓу другото, се врши и терминолошко усогласување на одделни називи и поими, oдносно, со овој Предлог на закон за помилување се уредуваат поимот и видовите на помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето“, велат од Министерството.