fbpx

Иако вети, Лога сè уште не ги презентирал измените во Кривичниот законик со кои се ублажија казните за функционерите

Освен промените во делот за службената положба, Кривичниот законик содржеше многу други сегменти, како на пример екоцидот и членови поврзани со заштитата на животната средина, но сето тоа беше ставено во сенка, бидејќи беа „протнати“ измените за злоупотреба на службата

-

Измените во Кривичниот законик во Северна Македонија, со кои се спасија или ублажија казните за корумпираните функционери, продолжуваат да генерираат негативни ефекти врз правниот систем на државата, но и остри критики од внатрешниот и меѓународниот фактор. Министерот за правда Кренар Лога пред четири месеци најави презентација на новите измени, но до денес тоа не го сторил. Нивното донесување во септември 2023 година, без претходна јавна расправа и без транспарентност, ја продлабочи уште повеќе недовербата на граѓаните во институциите, особено во правосудниот сектор, кој и така е на дното на листата, пишува Порталб.мк.

Министерот за правда Кренар Лога кон средината на октомври 2023 година најави дека за една недела заедно со работната група ќе ги презентира измените на Кривичниот законик, но оваа презентација сè уште не е направена.

Освен промените во делот за службената положба, Кривичниот законик содржеше многу други сегменти, како на пример екоцидот и членови поврзани со заштитата на животната средина, но сето тоа беше ставено во сенка, бидејќи беа „протнати“ измените за злоупотреба на службата. Оттаму, граѓаните останаа неинформирани за голем број новини во Кривичниот законик.

Од Министерството за правда за Порталб.мк кусо изјавија дека „презентацијата ќе се изврши во претстојниот период“, без да се прецизира датумот.

Министерот Лога неколку пати во јавноста изјави дека е против измените во Кривичниот законик со кои, меѓу другото, се предвидува и намалување на казната за оние државни функционери кои се вмешани во злоупотреба на јавните средства. Неговото образложение беше дека неговата заменичка, искористувајќи го неговото отсуство, ги предложила измените, кои добија одобрение од владата, беа доставени до Собранието и пратениците им дадоа поддршка. За време на седницата пратениците на Алијанцата за албанците, чиј претставник е и Лога, не гласаа „за“ измените на Кривичниот законик, но не гласаа ниту „против“.

Но, сепак, законските измени стапија на сила и покрај критиките и жестоките дебати.

Неодамна пристигнаа критики од Транспаренси Интернешнл, која го објави Индексот за перцепција на корупцијата. Измените во Кривичниот законик се наведуваат како главно предупредување за слабиот напредок на земјата во борбата против корупцијата. Но, причина за загриженост се и „именувањата и разрешувањата на судии со политички мотиви“.

„Само што почнаа да се појавуваат некои мали знаци на напредок, судскиот систем во Северна Македонија (42) беше значително „нарушен“ од недемократските измени направени во Кривичниот законик“, се наведува во извештајот.

Недостигот на ефикасна дебата пред усвојувањето на последните измени на Кривичниот законик беше и една од околностите што ја изненади Европската Унија. Ова го изјави еврокомесарот за правда, Диди Рејндрес, кој предупреди дека Европската комисија, нејзината загриженост за начинот на кој тие биле донесени и ставот во однос на самите измени, ќе и ги соопшти на земјава на билатерален состанок.

„Тука има два-три елементи. На почетокот бевме изненадени од недостатокот на ефективна дебата и консултации за таквата реформа. При донесување на измените, секогаш велам дека е важно да се разменат ставови со ЕК пред да се донесе ваков тип на законодавство. Како што кажав, со некои земји сепак треба да бидеме воздржани, да се избегне донесување закони со европско знаменце по забрзана постапка“, изјави Рејндрес, на 27 октомври.

Загриженоста на Европската комисија во врска со измените на Кривичниот законик ја изрази и европскиот амбасадор Дејвид Гир.

„Мислам дека ставот на ЕК е многу јасен. Нивниот став не е променет. Секако, од наша страна можеме да кажеме дека будно ги следиме сите случувања поврзани со судството, вклучително и сите промени или последици кои произлегуваат од измените на Кривичниот законик“, рече Гир на 18 октомври.

Потсетуваме, измените во Кривичниот законик кои Владата ги утврди „тајно“ и Собранието експресно ги одобри по скратена постапка (со европско знаменце), а ги потпиша претседателот Стево Пендаровски. Истите се објавени во „Службен весник“ од 07.09.2023 година.

Измените се однесуваат на 38 членови од Кривичниот законик, од кои Владата соопшти дека 35 се усогласени со директивите на ЕУ. Она што предизвика бура од негативни реакции во јавноста е тоа што измените опфатија измени во членовите кои се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353) и злосторничко здружување (член 394). Со гласањето пратениците ги намалија казните предвидени за двете кривични дела, поставија максимална казнена граница и укинаа став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со тоа предвидуваа побрза застареност на кривични дела.

Вакви законски измени ВМРО-ДПМНЕ бараше во 2018 година на тогашните состаноци на претседателството на Зоран Заев и Христијан Мицкоски, со цел да застарат делата на поранешните обвинети функционери од Владата на Никола Груевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...