Лаура Кодрута Ковеси, главната обвинителка на ЕУ. Фото: © CC-BY Flickr/usembassyromania

По четири години од неговото формирање, денеска треба да почне со работа Јавното обвинителство на ЕУ, кое ќе го раководи Лаура Ковеси, која стана позната во светот по нејзиното раководење со романската Антикорупциска Комисија, кога успешно го издржа притисокот на романските власти, кои и покренуваа тужби против неа.

Јавното обвинителство на ЕУ, со седиште во Луксембург, има за главна задача борба против корупцијата во земјите-членки на ЕУ, што ќе биде посебно обемна задача со оглед и на дополнителните милијарди евра што ќе се даваат во рамките на фондовите на ЕУ за решавање на проблемите предизвикани од пандемијата.

Обвинителството на Ковеси најмногу ќе истражува финансиски измами на штета на интересите на ЕУ, вклучително и оние поврзани со ДДВ, ќе гони и активна и пасивна корупција, како и секакви други кривични дејствија што нанесуваат штета на буџетот на ЕУ. Ќе соработува со ОЛАФ, службата за откривање измами. Инаку, ОЛАФ, како антикорупциска институција не се прослави многу при расчистување на случаите на злоупотреба на парите на ЕУ, а исто така недостигаа и обвинители што би ги довеле случаите до правна разврска.

По повод почетокот на работата на обвинителството, во заедничка изјава, потпретседателката на ЕК, Вера Јоурова, и еврокомесарите Јоханес Хан и Дидие Рејндер го нарекоа денешниот ден ново поглавје во борба против прекуграничниот криминал и корупцијата и перењето пари.

„Од денеска, Европското Јавно Обвинителство функционира. Ова отвора ново поглавје во борбата против прекуграничниот криминал. Првото наднационално обвинителство почнува со работа за да ги штити парите на даночните обврзници од ЕУ и има надлежности да истражува и гони криминал како перење пари, корупција и прекугранични измами со ДДВ. Само во 2019, земјите – членки пријавиле измами на штета на буџетот на ЕУ во износ од 460 милиони евра. Сега Европското Јавно Обвинителство стапува на сцена за да ја зајакне заштитата на буџетот на ЕУ. Ќе го надгледува спроведувањето на NextGenerationEU многу внимателно за да стори се фондовите да стасаат до нашата економија и до нашите граѓани. Во прашање се 750 милијарди евра во заеми и грантови“, порачаа еврокомесарите.

Обвинителството на Ковеси ќе вклучува и национални обвинители, што секоја земја-членка на ЕУ треба да ги именува. Но тука има проблеми – Малта одолговлекува со именувањето обвинители, а во тоа се приклучи и Словенија – премиерот Јанез Јанша го спречува именувањето на словенечкиот кандидат.

Најмногу одбиени предлози за обвинители досега има Бугарија – 6 од 10 предложени, пишува бугарски „Дневник“. Сега во новото обвинителство на ЕУ има тројца бугарски обвинители од потребните четиримина.

Најмногу делегирани обвинители имаат Италија (15) и Германија (11), и сите се прифатени од Ковеси и се назначени на функциите. Освен Бугарија, по четиримина обвинители што ќе гонат дела против интересите на ЕУ имаат и Франција, Летонија и Португалија. Грција ќе има петмина обвинители, а Романија шестмина – всушност, сите обвинители што беа предложени од Букурешт, Ковеси ги назначи.