fbpx

Контраспин: За кусокот судии и обвинители поради пензија виновна е Владата

-

За последната состојба со пензионирањето на 60-тина судии и 13 јавни обвинители од 01.07.2022, поради исполнување услови за старосна пензија виновна е единствено Владата, односно министерот за правда Никола Тупанчески, како најнадлежен за обезбедување услови за функционално правосудство. Имено, тој и други одговорни лица навреме биле предупредени за состојбата, а измените на ЗРО како ад-хок решение со кое имаа намера да го бајпасираат проблемот е поднесено на самиот крај од јуни. Другите две решенија кои наводно ги испитувал Тупанчевски се неспроведливи и нелогични, па оттаму оценуваме дека станува збор за спин, пишува „Вистиномер“.

Контраспинот подолу го пренесуваме во целост:

Министерот за правда Никола Тупанчески даде изјава по повод прекинатата седница за измените на Законот за работни односи, при што може да се детектира спин:

Спин: Последното што го слушнав е дека седницата е прекината…Тоа ќе значи дека ќе има сериозни импликации затоа што одењето во пензија на судиите и јавните обвинители ќе значи дека голем дел од постапките ќе треба да почнат одново…Едниот предлог за решавање на актуелниот проблем бил да се даде можност на лица коишто имаат одредено искуство во сферата на правосудството како што се адвокати, стручни соработници со пократка обука да бидат дел или да бидат решение од овој проблем. Втората опција беше да се зголеми бројот на слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители, исто така некој вид на бајпасирање на актуелната состојба и третата опција беше оваа со измени на Законот за работни односи, меѓу другото да се продолжи, меѓутоа, потенцирам, да се продолжи три години работниот век на судиите и јавните обвинители.

[Извор: 360 степени – Тупанчевски за одложената… – датум: 30.06.2022]

 

 

Контраспин: Министерот за правда Никола Тупанчески за проблемот што ќе се јави со кусокот на 60-тина судии и 13 обвинители во нашиот правен систем, а кои мораат да заминат поради исполнување услови за пензионирање од денеска 01.07.2022 г., не ги обвини праtениците, ниту опозицијата, но, појаснувајќи, искажа спин во смисла дека имало три предлога за решавање на проблемот.

Тупанчески сака да искомуницира со јавноста дека, ете, биле сторени сите напори, но проблемот се усложнил, па не се успеало (во „12 и 5“) да се реши со измените на ЗРО, со кои само за овие судии и обвинители рокот за одење во пензија би бил продолжен за уште три години, додека не дојде нова генерација судии и обвинители произведена од Академијата за судии и обвинители. Но, де факто, не постои ниту една од овие опции, освен на време да се мислело на проблемот за кој е алармирано уште од минатата година кога беше направена оваа измена за стриктно почитување на условите за пензија според ЗРО.

ЕУ не дозволува никакви скратени обуки

А не постоела друга опција, едноставно затоа што по инсистирање на Европската унија, која одблиску ги следи промените во правосудството, Академијата мора да биде и да остане единствен филтер за промоција на нови генерации судии и обвинители и не се дозволува никаква скратена обука.

Тоа може да се види и од последниот извештај на ЕК за напредокот на РСМ кон евроинтеграциите од 2021 година, каде во областа на правосудството се наведува:

„Важно е да се продолжи со спроведувањето на правната рамка и стратешките планови поврзани со реформата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Секој нов предлог-закон за Академијата за судии и јавни обвинители треба да ја одржува Академијата како единствена точка за влез во правосудството и обвинителството и треба да обезбеди праведен и транспарентен пристап до овие професии

Понатаму, во Извештајот на ЕК се наведува дека предложениот нацрт закон треба да ја има предвид и загриженоста од модифицирање на обуката што се извршува во Академијата:

Предложениот Нацрт-закон за Академијата за судии и јавни обвинители треба да ја одржува Академијата како единствена влезна точка во правосудството и обвинителството, да обезбеди праведен и транспарентен пристап до овие професии и мора да ги следи препораките на оценската мисија од 2018 година во врска со правосудната обука, како и да одговори на прашањата поврзани со загриженоста на Европската комисија за можното ограничено преструктурирање на почетната обука.

Подолу во извештајот, Академијата повторно е спомената како единствена влезна точка во правосудните органи:

Предложениот Нацрт-закон за Академијата за судии и јавни обвинители треба да ја одржува Академијата како единствена влезна точка во правосудството и обвинителството, да обезбеди праведен и транспарентен пристап до овие професии…

Ова е така затоа што откако е е донесен првиот Закон за Академијата во 2015 година постоеја повеќе обиди и од страна на Судството и од страна на Обвинителството, соочени со кусокот судии и обвинители што ги нагласуваат во секој годишен извештај за својата работа, да се изнајде модифициран или поинаков модел со кој на стручните соработници во судовите и обвинителствата или од редот на адвокатурата – зашто и оттаму имаше притисоци да можат да бидат промовирани во судии и обвинители, бидејќи на самите почетоци Академијата произведуваше релативно мал број кандидати за судии и обвинители. Сите овие заложби што ги истакнувале првите луѓе во судството и обвинителството останувале без одзив кај ЕУ, затоа што констатирале дека овој модел е најдобар за моменталната состојба во правосудството во земјата и не само тука, туку и за регионот на Западен Балкан, иако во самата ЕУ постојат и други модели.

Судскиот совет и ЈО исто така предупредувале

Што се однесува до конкретниот проблем со соочувањето на одење во пензија на голем број судии и извесен број јавни обвинители, извршната власт е предупредена на време. Тоа на „Вистиномер“ му го предочија и правни експерти, но запишано е и во конкретни документи, како што е Годишен извештај за работата на Судскиот совет за 2021 година, кој е доставен до Собранието уште пред март годинава. Во овој документ на стр.16 се наведува:

„Доколку се споредуваат 2020 и 2021 година може да се забележи дека на почетокот на 2021 година има три судии помалку во однос на почетокот на 2020 г. На крајот од 2021 г. има 20 помалку судии во однос на крајот на 2020 г….Овој проблем ќе се продлабочи во текот на 2022 година поради последните измени во Законот за работни односи кој предвидува дека условите за старосна пензија се стекнуваат со навршување на 64 години возраст без можност за продолжување на мандатот на судиите“ – се наведува во годишниот извештај за работата на Судскиот совет.

Годишниот извештај за работата на Јавното обвинителство за 2021 година сè уште не е изготвен или доставен до Собранието, но уште во Годишниот извештај за 2020 година се истакнува проблемот со недостиг на јавни обвинители во делот Кадровска состојба на стр. 6.:

Согласно Одлуката за определување на бројот на јавни обвинители на јавните обвинителства и јавните обвинители во јавните обвинителства донесена од Советот на јавни обвинители, се предвидуваат 258 јавни обвинители. Од овој број пополнети се само 194 јавни обвинители, така што неопходно е да се пополнат и другите систематизирани места на јавните обвинители

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во својата анализа на капацитетите на јавното обвинителство, имајќи го предвид Законот за кривичната постапка и улогата на јавниот обвинител во кривичната постапка, со кој зголемени се надлежностите на јавниот обвинител во постапката, утврди дека е потребно зајакнување на капацитетите на јавните обвинителства со јавни обвинители, јавнообвинителска стручна служба и технички персонал.

Оттука, сосема е јасно дека и Владата и Министерството за правда, кое е одговорно за условите во кои функционира правосудството, ги имале сознанијата за проблемите со кои ќе се соочат судовите и обвинителствата во 2022 година, од аспект на одливот на кадри поради исполнување услови за пензионирање. Затоа, поднесувањето на предлогот за Измени на ЗРО на 22 јуни, само осум дена пред да стапат во сила измените и условот за пензионирање, не е ништо друго туку задоцнето решение што го иницира Тупанчески, а предлогот го поднeсе министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, како надлежна за ЗРО. Решение за кое и Тупанчески и другите одговорни морале да предвидат дека во услови на активна блокада од страна на ВМРО-ДПМНЕ, ќе наиде на сите можни опструкции да биде усвоено.

Спиновите од страна на ВМРО-ДПМНЕ за овој закон се лесно детектибилни за опструкцијата за ова решение, зашто тој е главниот закон за работни односи, но спинот што го комуницира со јавноста Тупанчевски, кога вели дека биле трагани други две решенија, е исто така јасен, зашто тие се неспроведливи, односно, де факто, не постоеле. Тој и другите одговорни морале со време да мислат да не дојде до овој проблем кој дополнително ќе ја намали ефикасноста на судството, затоа што како што рече и самиот, многу постапки ќе мора да почнат од ново, а некои случаи ќе бидат и застарени.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...