fbpx

Еден обвинител лани во просек работел на 192 предмети

Со значително намален број јавни обвинители, со нецелосно пополнета јавнообвинителска служба и недоволни финансиски средства за работа, обвинителствата и во 2022 година успеале да го совладаат приливот на нови кривични пријави, се вели во Годишниот извештај за работата на обвинителствата во 2022 година

-

Обвинителствата лани во работа имале 33.355 предмети против познати сторители (од кои 13.421 се предмети пренесени од 2021 година), што пак покажува дека секој јавен обвинител во основно јавно обвинителство во текот на годината просечно имал во работа околу 192 предмети. Оваа бројка во одредени обвинителства, со оглед на нивната надлежност, е и значително поголема.

Ова се вели во Годишниот извештај за работата на обвинителствата во 2022 година, кој беше доставен до Собранието.

„Притоа, мора да се има предвид дека за секој предмет поединечно потребно е да се преземат повеќе дејствија и да се обезбедат докази неопходни за да се испита кривичната одговорност. Покрај тоа, обвинителите согласно Законот остваруваат и други задачи – дежурства, учество на вештачења, судења, изготвуваат обвинителски одлуки, жалби и повеќе други акти“, стои во извештајот.

Во документот се тврди дека со значително намален број јавни обвинители, бидејќи не се пополнети една третина од систематизираните места за јавни обвинители, со нецелосно пополнета јавнообвинителска служба и недоволни финансиски средства за работа, обвинителствата и во 2022 година успеале да го совладаат приливот на нови кривични пријави, и да го намалат бројот на нерешени предмети.

Одлучувајќи по предметите, основните јавни обвинители поднеле обвинителни предлози против 4.829 лица, предлози за казнен налог против 4.458 лица, од донесените 1.397 наредби за спроведување истрага против 1.087 лица поднесени се обвинителни акти, предлог спогодба во скратена постапка поднесена е против 114 лица. Против 849 лица пријавите биле решени на друг начин, а против 8.207 лица пријавите биле отфрлени врз основа на член 288 од Законот за кривичната постапка и од други причини.

Освен тоа, спрема 600 деца поднесени биле барања за подготвителна постапка, спрема 5 деца поднесен е директен предлог за санкција, а спрема 353 деца кривичните пријави се отфрлени.

„Во текот на целокупната постапка, јавните обвинители се грижеа за почитување на правата и на оштетените, но и на осомничените и на обвинетите. Така, мерка притвор беше побарана само за 3,2% од сторителите на кривични дела и само тогаш кога таа беше единствен начин за да се обезбеди натамошното непречено одвивање на кривичната постапка“, стои во Годишниот извештај за 2022 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...