Во моментов во Бугарија од автобуската несреќа има 44 тела, а според сведочењето на еден од преживеаните можно е да има уште патник кој ја преживеал трагедијата, посочи портпаролката на бугарскиот јавен обвинител Сијка Милева на денешната прес-конференција. Сепак, таа додава оти посои можност и да станува збор за лошо сеќавање на преживеаниот.
„Во моментот кај нас има 44 тела што чекаат точна идентификација и во најбрз можен рок, можеби уште утре ќе ги добиеме ДНК примероците од роднините што се земени од македонските колеги и веднаш ќе направиме точна идентификација и ќе ги предадеме телата на македонската држава“, вели Милева.
Таа посочува дека еден од преживеаните кој се наоѓа во болница во Софија недвосмислено тврдел дека се спасиле 8 патници, а не 7, колку што се сега сместени во болницата.
„Се сретнав со момче на моја возраст, му реков „Вие сте херои“, а тој ми раскажа како нашол чекан и го скршил прозорецот се спасиле 8 луѓе. Јас му реков ‘Нели сте 7?’ а тој одговори ‘Не, бевме 8’“, објасни Милева.
За причините за несовпаѓањето на бројките таа немаше конкретен одговор, но рече дека е можно и да станува за лошо сеќавање на преживеаниот сведок.
„Се најдоа 44 мртви тела. Според податоците дека имало 52 патница во автобусот, а во болница се седум лица – четири мажи и три жени, останува загатка каде е 8-то лице. Не сакаме да прејудицираме, може станува збор и за лошо сеќавање. Главната истражна служба ќе го испита тој пациент со кој разговарав. Тој категорично рече, зборувајќи преку преведувач, дека се спасиле 8 лица“, рече Милева.
Таа рече дека официјално досега се земени изјави од само двајца од преживеаните што се на болничко лекување.
Во однос на несовпаѓањето на досега соопштените бројки, Обвинителството во Софија уште ја очекува документацијата за автобусот, но досега е јасно дека од Турција преку граничниот премин „Капитан Андреево“ во Бугарија во автобусот имало 52 лица. Се остава можноста да имало потоа на бугарска територија прекачување на патници во автобусот.
Како што посочија Милева и нејзините колеги, утре во Скопје ќе пристигнат двајца бугарски обвинители што ќе поднесат официјално барање за меѓународна правна помош, и со документацијата што ќе се добие ќе продолжи понатамошната истрага, за сите аспекти на несреќата. Многу е веројатно двајцата бугарски обвинители утре да ги донесат од Скопје во Софија ДНК примероците и да почне идентификацијата.
Инаку, во однос на земањето примероци од мртвите 44 тела, на постапките присуствувале и судски патолози од Македонија, беше појаснето на прес- конференцијата.
На новинарско прашање за отпуштените македонски цариници што го пуштиле автобусот да излезе на „Деве Баир“ од Македонија, бугарските обвинители рекоа дека чекаат документи од бугарската Царина и ако се утврди кои бугарски цариници пуштиле автобусот да влезе на територијата на Бугарија, ќе се преземат мерки и против нив.
„Но, истрагата очекува документација, експертизи и вештачења. Кога ќе ги имаме соодветните сознанија, ќе ги презентираме“, рекоа обвинителите.
Во однос на новинарско прашање за парче гума пронајдено кај местото на несреќата, обвинителите кажаа дека тоа парче не е од автобусот на „Беса Транс“, дека било на неколку стотини метри од местото на несреќата и било очигледно дека не е „ново“, бидејќи на него имало песок и кал, што зборува дека било на местото подолго време.