fbpx

Советот на јавни обвинители ќе ја достави до Етичкиот совет изјавата на Ленче Ристоска

„Сè додека членовите на Советот, на кандидатите кои аплицираат за повисоки позиции отворено им кажуваат дека некој треба да се јави за нив за да бидат избрани, јасно е дека Советот е изворот на тргување со влијание во Обвинителството“, рече Ристоска

-

Ленче Ристоска е обвинителка и таа треба како обвинителка да ги знае постапките, односно требало, исказите нејзини за наводно тргување со влијанија, да ги поткрепи со факти. Ова денеска го соопшти Антонио Јолевски, претседателот на Советот на јавни обвинители, по изјавата на Ристоска која кажа дека ова тело, од формирањето во 2008 досега, потфрлило во исполнувањето на примарната функција, професионализација на ЈО и изолирање на политички и други влијанија при избори и разрешување на обвинителите.

Ристоска завчера како еден од говорниците на конференција посветена за улогата на Судскиот и Советот на јавни обвинители во стекнувањето независност и интегритет во судството, организирана од Националната конвенција за ЕУ во Македонија кажа дека Советот на јавни обвинители треба да се реформира и да се разгледа опцијата да биде ад хок тело кое ќе се состанува по потреба, оти според неа, ова тело од формирањето во 2008 досега, потфрлило во исполнувањето на примарната функција, професионализација на ЈО и изолирање на политички и други влијанија при избори и разрешување на обвинителите.

„Дискутиравме за содржината на таа нејзина изјава. Оценивме дека таа изјава треба да биде пратена до етичкиот совет на јавни обвинители и да се види дали има прекршувања на етичкиот кодекс и откако ќе го добиеме мислењето на етичкиот совет, ќе имаме седица и ќе донесеме конкретна одлука. Советот не врши казнување“, рече Јолевски.

Тој кажа дека Ристоска го спомнувала Советот на јавни обвинители и тргување со влијанија, без притоа да наведе одредени докази или да посочи кој тоа го вршел.

„Ние не сакаме да сме во кош со сите останати. Паушалното вакво изнесување, штети на угледот и на Обвинителството. Таа спомена дека советот тргува со влијанија, дека од 2008 досега советот тргувал, што е долг период во кој и самата беше избрана во СЈО кога немаше ниту оглас, туку беа избрани со име и презиме. Тоа беше политичка одлука. Изнесувањето работи кои се однесуваат на работата на советот, вршењето влијанија врз одредени обвинители, треба да се провери и тоа треба да го провери етичкиот совет“, додаде Јолевски.

Тој кажа дека не би сакал да има член во Советот на јавно обвинители кој им ветува на кандидатите дека ќе бидат избрани.

„Ние сите гласаме подеднакво, сите кандидати за нас се еднакви“, потенцира тој.

Ристоска завчера рече дека повеќе пати се случувало изборите на обвинители да бидат одложувани без конкретно образложение за причините, поради што создава впечаток во јавноста дека изборот не е слободен. Како пример го посочи и огласот за двајца обвинители во Вишото обвинителство за кој вели повеќе од 7 месеци не се одлучува.

„Сè додека членовите на Советот, на кандидатите кои аплицираат за повисоки позиции отворено им кажуваат дека некој треба да се јави за нив за да бидат избрани, јасно е дека Советот е изворот на тргување со влијание во Обвинителството и затоа сметам дека треба да се реформира. Ова креира клиентелистички однос на јавните обвинители кон тие кои лобираат за нивниот избор и ова неминовно води кон систем кој не може да одговори на борбата со корупцијата и организираниот криминал“, рече Ристоска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...