fbpx

Седницата на Судскиот совет се одложи, Министерството за правда бара увид во вчерашниот записник

Се одложи седницата на Судскиот совет на која, по вчерашното разрешување на претседателката Весна Дамева, која експертската јавност го оцени како скандалозно, требаше да се избере нов претседател

-

Се одложи седницата на Судскиот совет на која, по вчерашното разрешување на претседателката Весна Дамева, која експертската јавност го оцени како скандалозно, требаше да се избере нов претседател.

Заменик-претседателот Селим Адеми рече дека причина за одложувањето е тоа што е потребно присуство на седницата на сите 13 членови. За одложувањето гласаа осум, додека четири членови беа против.

Седницата е презакажана за 2 мај во 11 часот.

Адеми не даде изјава за новинарите, кои побараа појаснување на забелешките на невладините и експертите дека вчерашното разрешување на Дамева е незаконско и против процедурите и Деловникот, а не одговори ниту како вчера за разрешувањето не се барало присуство на сите членови, а денеска за изборот на нов се бара.

Првично, денешната седница беше закажана во 11 часот, но новинарските екипи коишто биле присутни, не биле пуштени да влезат. Новинарите на терен сведочеа дека преку отворените прозорци се слушало викање и расправии, а потоа седницата беше презакажана за 13 часот, кога влегоа и новинарските екипи.

Вчера по долги расправи и кавги, со шест гласа, на иницијатива на заменикот Селим Адеми беше разрешена Дамева од претседателското место. Блупринт групата за реформи во правосудството оцени дека разрешувањето било направено спротивно на Законот за Судски совет и на Деловникот, а за случајот реагираше и Државната комисија за спречување на корупцијата и претседателот Стево Пендаровски.

Жестоки реакции по разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, се бара преиспитување на одлуката

Во меѓувреме, Министерството за правда побарало од Судскиот совет да ги достави на увид Записникот од вчерашната седница како и усвоениот дневен ред.

„Министерството за правда со голема загриженост ги следи настаните во Судскиот совет. И покрај тоа што Судскиот совет е самостоен и независен орган кој треба да ја обезбеди самостојноста и независноста на судската власт, она што во моментов се случува во голема мера ќе влијае на натамошната доверба на граѓаните во судството. Заради добивање на повеќе информации,Министерството за правда испрати барање до Судскиот совет да ги достави на увид Записникот од 438-та седница како и усвоениот дневен ред. Се надеваме и посакуваме да се надмине целокупната ситуација а Судскиот совет да биде орган кој ќе води грижа за угледот на судството“, се вели во соопштението на Министерството за правда.

Дека ќе има разрешување на претседателката на Судскиот совет прв објави порталот Сдк.мк, кој отвори сериозен сомнеж дека зад случајот се кријат партиски и политички мотиви. Ова го потврди вчера и Дамева, која по нејзиното разрешување, рече: „Оваа одлука ќе биде противзаконска, но очигледно нечии желби треба да бидат исполнети. Одредени лица од политиката ќе бидат и те како задоволни ако успеат во ова“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гете-медалот оди во Северна Македонија, во рацете на Искра Гешоска

Од 1955 година Гете-институт, еднаш годишно го доделува Гете-медалот како официјално почесно одликување на Сојузна Република Германија и е најважната награда на надворешната културна политика. Кандидатите/кандидатките се номинирани од...