По повеќемесечна предистражна постапка, под раководство на јавен обвинител од специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, денеска беше спроведена акција од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во која се приведени 17 лица, информира Обвинителството.

„Предметниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица, од кои за петмина постои основано сомнение дека во октомври лани, сториле кривично дело Овозможување бегство на лице лишено од слобода по чл.372 ст.2 од КЗ, додека едно лице се сомничи за помагање во сторување на кривичното дело“, наведено е во соопштението од Обвинителството.

Како што се наведува, на 26 октомври во приватна здравствена установа во Скопје, петмината осомничени – затворски полицајци при КПУ – КПД Идризово Скопје, како група, со умисла помогнати од шестиот осомничен затворски полицаец–приправник, овозможиле бегство на лице осудено за кривично дело „Убиство“.

„Додека осуденото лице било на медицински третман, согласно прописите било обезбедувано од затворската полиција на КПУ-КПД Идризово. Критичниот ден со придружба на двајца осомничени затворски полицајци, лицето се упатило во просторијата за пушење во непосредна близина на болницата. Таму, заедно со придружбата поминало околу половина час, по што осомничените затворски службеници заминале, овозможувајќи му на осуденикот да излезе од просторијата и да се даде во бегство. Осомничените не го пријавиле бегството кај непосредните старешини во КПУ- КПД Идризово, ниту тоа го сториле осомничените од втората смена, туку седеле без осуденото лице во празниот апартман во болницата каде биле затекнати од полициски службеници од ЕИП при МВР-СВР Скопје“, се наведува во соопштението.

Јавниот обвинител против 11 лица води предистражна постапка заради постоење на основи на сомнение дека, во временскиот период од 19 до 26 октомври, сториле продолжено кривично дело Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода по чл.373 в.в. со чл.22 од КЗ.

Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство денеска на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје му предложил определување на мерката притвор за шестмината осомничени.

„За единаесеттемина лица за кои се води предистражна постапка, предложи мерки на претпазливост и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање; забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело“, пишува во соопштението.