Најголемиот дел од 13-те препораките на Групата земји против корупцијата при Советот на Еропа (ГРЕКО) за пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, како и за судиите и обвинителите, се или делумно спроведени или се неспроведени, додека само неколку се целосно спроведени, од што произлегува дека Северна Македонија генерално не си ги исполнила обврските дадени на 22 јуни 2018 година, а за кои имала рок до 30 септември минатата година.

Препораките дадени за подобрување на состојбите се во рамките на Четвртиот круг на евалуцијата, а нивното исполнување е оценето во Времениот извештај за усогласеност, кој ги изнесува забелешките од ГРЕКО. Сега земјата има уште една година да ги исполни во целост препораките од ГРЕКО, односно мора да ги преземе мерките за спречување на корупцијата на пратениците, судиите и обвинителите најдоцна до 30 септември 2021 година.

Препораката целосно да профункционира механизмот за спроведување на Кодексот за етичкото однесување на пратениците во Собранието, и тоа преку усвојување постапки и правила за спроведување и дефинирање прекршоци, како и заострување на казнените мерки, се смета дека е делумно исполнета. Како еден чекор кон таа цел ГРЕКО го оценува изменувањето на Кодексот, но и донесувањето на „Правила за водење на постапката за утврдување на сторени лесни и тешки повреди и изрекување на мерки утврдени во Кодексот за етичко однесување на пратениците на Собранието“. И двете постапки се направени во јули 2019 година.

Со измените на Кодексот се вметнати и правила за судир на интереси, подароци и казнени мерки. Но, вели ГРЕКО, тоа е недоволно.

„Во некои аспекти не ја подобруваат јаснотијата или доследноста на Кодексот. Одредбите за конкретни мерки што треба да се преземат во случај на можен судир со приватен интерес на пратеникот не се јасни. Одредбите за подароците се повторливи и контрадикторни. Одредбите кои се преклопуваат не се прилагодени на начинот којшто беше побаран претходно. Сепак, казнените мерки за прекршување на Кодексот се проширени. Се чини дека сè уште треба да се развива подигањето на свеста и едукацијата на пратениците за Кодексот. Според тоа, потребен е натамошен напредок на ова поле“, порачува ГРЕКО.

Во однос на втората препорака за развивање интерни механизми и водичи во рамките на Собранието во однос на превенцијата на судир на интереси и прифаќање на подароци, гостољубивост и други погодности и соодветно да се следи постапувањето по овие правила, ГРЕКО потсетува дека во февруари е направено Упатство за пратениците за јасно проблематичните ситуации и поведението. Сепак, посочува дека генерално Кодексот не содржи одредби за начинот на однесување и постапување, а донесеното упатство е кратко, со што се наметнува препораката за поопширен документ. Затоа, и оваа препорака се смета за делумно спроведена.

Во однос на препораката да се воведат правила за односите на пратениците со лобисти или други лица што сакаат да влијаат, ГРЕКО одбележува дека иако во декември 2018 година е почната постапка за изготвување нацрт закон за изработка на нов Закон за лобирање, кој би требало јасно да ги дефинира ваквите ситуации, тој не е донесен, а дополнително, и во Кодексот за пратениците оваа материја не е дефинирана, поради што според ГРЕКО, оваа препорака не е спроведена.

Во однос на препораката за измена на релевантните закони за да се предвидат соодветни казнени мерки за пратениците за повреда на правилата, ГРЕКО пофалува тоа што антикорупциска комисија известува за анкетни листови за податоците, но забележува дека нема доследни и убедливи податоци за конечниот исход по постапките или за изречени казни според регулативата. Се поздравува новиот закон за спречување корупција и судир на интереси, но истовремено ГРЕКО дава и забелешка дека со него се намалени казните во однос на претходниот закон.

Во однос на спречување на корупција кај судиите, ГРЕКО забележува дека за разлика од порано, кога министерот за правда полноправно учествувал во работата на Судскиот совет, сега учествува без право на глас или нема право да присуствува на седници на кои се утврдува одговорност на судии и претседатели на судии, или за нивен избор или разрешување. Отстранувањето на министерот за правда од Судскиот совет да се направи преку уставни реформи. Затоа, оваа препорака се смета за неисполнета.

ГРЕКО го пофали спроведувањето на препораките за воведување на правила за прифаќањето подароци и други предности од страна на судиите и соодветното спроведување на тие правила, преку Новиот кодекс за етика на судиите и судиите поротници.

Во однос на препораката за јасни стандарди за спречување корупција кај обвинителите, ГРЕКО пофалува што е на сила еден етички кодекс, но укажува дека Упатствата за негово спроведување се недоследни и е неопходно усогласување на целата нормативна рамка, односно и оваа препорака се смета за делумно спроведена.