Фото: Арбнора Мемети

Погрешна е перцепцијата во јавноста дека пресудата во случајот „Монструм“ е укината само поради евентуално постоење на прислушувани разговори. По жалбата на обвинетите, Врховниот суд утврди дека вистинитоста на решавачките факти се доведува под сериозно сомневање и укажа дека при повторната постапка потребно е да се изврши реконструкција на настанот и од аспект на исказот на загрозениот сведок, дека на одбраната не ѝ е овозможен увид во возилото со што е повреден принципот на еднаквост на оружјето, но и на други околности од утврдената фактичка состојба, вели во интервју за Дојче Веле, републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески.

„Не се согласувам со констатацијата дека при повторената постапка не се доби ништо ново освен нападите врз јавните обвинители кои го застапуваат обвинението, од причина што за еден обвинет е повлечено обвинението, а за другите обвинети прецизирани се дејствијата од кривичното дело и се подведени под соодветна правна квалификација“ додава Јовески.

Тој посочува дека повторената постапка со утврдување на сите релевантни факти за делото на обвинетите и нивната кривична одговорност ги отстрануваат сомнежите дека се работи за монтиран процес.

„Нема победници, ниту губитници во судскиот случај. Заради жртвите и оштетените, извршителите мора да се изнесат пред лицето на правдата. И тоа да е сторено на законит начин и со цврсти и издржани докази. Најзначајно од сѐ, е тоа што сторителите на ова тешко дело се обвинети врз основа на неспорни и цврсти докази во законита постапка“ вели јавниот обвинител.

Минатата недела беше организиран протест за случајот „Монструм“ каде организаторите побараа разрешување на обвинителката Фатиме Фетаи, откако таа на повтореното судење за случајотпобара за тројца од обвинетите доживотни казни затвор, за двајца долгогодишни казни затвор, додека за еден обвинет побара ослободителна пресуда.

Следното судско рочиште за „Монструм“ е закажано за 3 февруари, кога одбраната на обвинетите треба да изнесе завршни зборови.

Инаку случајот „Монструм“ се однесува на петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година. На лице место беа убиени четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски и 45-годишниот Борче Стевковски од селото Црешево.

Во претходна постапка за овој случај на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.

По ова, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење. По згаснувањето на СЈО предметот е повторно во рацете на ЈАвното обвинителство, судскиот процес за „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.