Заев: Ова беше татковинска акција, донесовме голема, одговорна и историска одлука


Скопје, 12 јануари, 2019 - 13:26 (META) 

Премиерот Зоран Заев, во денешното пладневно обраќање, на еден ден по гласањето во Парламентот за измените на уставот во врска со Договорот со Грција, им се заблагодари на пратениците за големата и одговорна одлука и на сите за, како што рече, оваа „татковинска акција“.

Тој вели дека оваа одлука ќе значи дека кон НАТО и ЕУ, Северна Македонија ќе пристапи како полноправна членки, а земјата ќе биде и економски силна.

– Одлуката во Парламентот е одлука против изолација, несигурност и сиромаштија, одлука што им дава сила на младите да бидат рамо до рамо со европските врсници – рече Заев.

Тој очекува Договорот да биде ратификуван и од грчкиот Парламент, а потоа Грција да го потпише протоколот за пристапување кон НАТО, за да бидеме 30 членка на Алијансата.

– Ја подготвивме почвата и засадивме семе, но секој знае дека тоа е само чекор до плодна жетва и резултати – вели Заев.

Премиерот побара од опозицијата постојано да ја потсетуваат власта на своите одговорности, но и опозицијата да биде одговорна.

Што се однесува до повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори, Заев не ја отфрли идејата, но рече дека тоа прашање ќе се отвори на партиските тела и за тоа ќе се разговара, па ќе ја извести јавноста.

Заев обраќањето го заврши со зборовите „Да живее Македонија, да живее Република Северна Македонија“.


Иванов: Пандорината кутија е отворена и сега секој си зема право да го негира она што е наше


Скопје, 28 декември, 2018 - 13:50 (META) 

Македонскиот јазол не може да се пресече туку треба внимателно да се разврзува. Работев на разврзување на тој јазол. Бев свесен дека има црвени линии преку кои не се преминува. На власт дојде некој кој мислеше дека може да го пресече јазолот и да го реши македонското прашање по секоја цена. Пандорината кутија е отворена и сега секој си зема право да го негира она што е наше.

Вака претседателот на државата Ѓорге Иванов го започна неговото последно годишно обраќање во Собранието, како носител на оваа функција.

За Договорот од Преспа рече дека и става крај на Република Македонија каква што ја знаеме и дека е изготвен без национален консензус и без негово знаење и согласност.

– Оваа влада побара од народот сам да се согласи на таа промена за да може правното укинување на македонскиот народ да се протолкува како негова сопствена волја. На референдумот народот се соочи со лажна алтернатива. Избор меѓу просперитет и идентитет. Референдумот беше неуспешен, народот се изјасни против избрзани и штетни решенија. На 30 септември тивкото мнозинство донесе гласна одлука дека никој нема право да го менува Уставот. Народот препозна дека е уценет и ја отфрли уцената. Мнозинството не само што не ја почитува одлуката на народот туку оди и спротивно од волјата на народот. Македонија е нашиот заеднички дом, вие сакате да ги разнишате носечките столбови и да ги раскопате темелите – рече тој.

Со слободното толкување на Договорот со Бугарија, вели тој, Македонија е втурната во лавиринт од кој тешко се излегува и дека Бугарија сега најавува анекс на Договорот.

Иванов рече дека иако некои ја негираат т.н. тиранска платформа, делата гласно зборуваат и смета дека Законот за јазиците ќе предизвика целосно блокада на институциите бидејќи секој негов член го прекршува Уставот.

Тој потенцираше дека долго време инсистира на попис, но дека тој е бесцелен без графата етничка припадност и вели дека без таков попис нема Охридски рамковен договор.

Иванов рече дека на 27 април минатата година, политичкото насилство довело до физичко насилство и праша која е разликата помеѓу неговите помилувања и амнестијата на власта.

– Вашата цел е обезбедување уставна поддршка преку уценувања. Јас ги дадов помилување за да се спречи хаос. Овој закон го потпишав за да ги разоткријам вашите вистински цели и намери. Овој закон за амнестија нека биде сведоштво за двојните стандарди. Го девалвирате и простувањето и помирувањето. Тоа ќе настане кога сите ќе побараме прочка од оние на кои што сме им згрешиле и ќе побараме прошка, а тоа оди рака под рака со одговорноста. Мене никој не може да ме уцени, не ми најдовте криминал, затоа го уништувате мојот углед со лаги и манипулации, а имав и закани по животот. Ме навредуваа и омаловажуваа – вели Иванов.

На 27 април, Иванов рече дека немало сценарио за воена и вонредна состојба, освен ако некој не го злоупотребил неговото име за свои цели.

– Постојано ми стигнуваат информации дека врз основа на усна наредба се врши следење, снимање и прислушување на мене, мојот кабинет и членовите на моето семејство. Се менуваат системи, називи, влади, директори а по се изгледа УДБА си останала УДБА – заклучи претседателот.

Тој вели дека не гледа друга перспектива освен членството во ЕУ и НАТО за кое смета дека ќе го сплоти целото општество, но вели дека тоа нема да се случи само со реализирање на Договорот со Грција.

– Мора да дадеме решение за клучните структурни проблеми наместо да чекаме да се решат кога ќе влеземе во ЕУ и НАТО. Не уверуваат дека Спогодбата од Преспа ќе ни ја отвори вратата. Премолчуваат дека дури и да се отвори вратата останува железната решетка на реформи – рече тој.

Иванов неколку пати го прекина говорот поради дофрлањето од страна на пратениците на владејачкото мнозинство, кои ги искара да слушаат кога им се обраќа претседателот.

– Потиснете ги вашите лични фрустрации, јас ве слушам цела година, слушнете ме вие сега. Ве молам слушајте, претседател на држава ви се обраќа – повтори Иванов во повеќе наврати.

Пратениците од ДУИ не беа присутни на седницата, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го поздравија обраќањето на Иванов со стоечки аплауз.


Последни пратенички прашања годинава, утре обраќање на Иванов


Скопје, 27 декември, 2018 - 9:54 (META) 

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 72 седница на која пратениците ќе поставуваат прашања.

Собранието вчера по скратена постапка ги донесе Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за лековите и медицинските средства.

Претседателот на Собранието Талат Џафери потоа ја прекина 77. седница, а продолжението го најави за в петок.

Во петок на 73 седница свое обраќање ќе има претседателот на државата Ѓорге Иванов.


Иванов: Против мене се води хајка и линч со нарачани лажни искази


Скопје, 7 декември, 2018 - 20:13 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов демантира дека на 27 април планирал да прогласи воена состојба и дека наводно под притисок на меѓународната не го направил тоа. Претседателот во обраќањето рече дека против него се води хајка и линч со очајно смислено сценарио со нарачани лажни искази и генерирање лажни вести.

– Ако УБК се дрзнува без никакви основи да ги следи активностите на мојот кабинет и да ме става мене како претседател во службени белешки кои опишуваат непостоечки настани, се плашам од помислата што сè се случува во оваа институција и како се креираат извештаи со фиктивни извори за да се постигне определена цел. Со планиран истек на калисфицирани податоци се гради лажна перцепција за на крај да се конструира судско-полициски случај – рече Иванов.

Тој потврди дека генералниот секретар во неговиот кабинет, Борис Јосифовски, на 27 април минатата година бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Кога почнале настаните во Собранието рече дека веднаш го повикал Јосифовски да го свика кабинетот.

За советникот за национална безбедност Синиша Алексовски, пак, рече дека тој ден тргнал на службен пат кон Вашингтон.

– Му реков веднаш да се врати од Истанбул и по полноќ околу 1 часот пристигна, сите извештаи што ги има ги има пратено на обвинителството – рече Иванов.

Тој вели дека во неговиот Кабинет на 27 април никогаш не се разговарало, ниту се размислувало за прогласување воена или вонредна состојба.

– Ги отфрлам и сите шпекулации дека меѓународната заедница вршела каков било притисок врз мене да отстапам од некаков наводен план за прогласување воена или вонредна состојба. Во овој момент, јавно ги повикувам странските претставници да излезат и да ги посочат тие кои ми вршеле притисок. Сценарио за воена и вонредна состојба немало, освен ако во Република Македонија не функционирал паралелен врховен командант на вооружените сили и паралелен Генералштаб на Армијата на Република Македонија – рече Иванов.

За сведочењата на дел од обвинетите за настаните на 27 април кои посочија дека наводно во кабинетот на Иванов се разговарало за прогласување воена состојба, Иванов рече дека таквите искази се лажни.

– Деновиве сме сведоци дури и на лажни искази дадени во судскиот процес за настаните од 27 април. Прво, сакам да укажам дека за давање лажен исказ пред суд, кривично се одговара. Второ, ги охрабрувам сите оние кои ме обвинуваат слободно да се обратат до надлежните институции, Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, Управата за безбедност и контраразузнавање и други институции кои се споменуваат, и да побараат веродостојни информации за планските и дневните активности на секој старешина, командант и војник. Овие институции треба да одговорат на прашањата каде биле одговорните лица на 27 април или претходно, и дали постојат какви било административни записи за подготовки на некакви сценарија за воена или вонредна состојба – рече Иванов.

Иванов потврди дека поранешните министри Миле Јанакиески и Владимир Пешевски биле во неговиот кабинет за консултации во врска со процесот за помирување.

Иванов не го коментираше бегството на експремиерот Никола Груевски.


ВМРО-ДПМНЕ побара Мицкоски да се обрати пред пратениците, Џафери не дозволи


Скопје, 16 октомври, 2018 - 13:19 (META) 

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, во процедурална забелешка прочита писмо од пратеничката група до претседателот на Собранието Талат Џафери со барање нивниот лидер Христијан Мицкоски, кој не е пратеник, да има обраќање пред пратениците.

– Со оглед на ситуацијата во која се наоѓа Македонија, ние како пратеници и граѓаните, јас мислам и апелирам бидете на ниво на задачата која што ја извршувате и овозможете нашиот лидер Мицкоски да се обрати и пред Собранието и пред пратениците и пред македонските граѓани. Имало такви пракси во историјата на овој парламент – рече Данев.

Џафери, читајќи го член 72 од Деловникот на Собранието рече дека таква можност не е пропишана со Деловникот и го одби нивното барање.

– Немам основ по кој би го поканил Мицкоски да учествува во работата на Собранието. Не се работи за моја волја туку за Деловник. Јас немам никаков проблем со тоа, но немам деловнички можности да го овозможам  – рече Џафери.

Еве што пишува во Деловникот:

Член 72

(1) На седницата на Собранието можат да присуствуваат и во работата да учествуваат претседателот на Републиката, претседателот на Владата, министрите и овластениот претставник на предлагачот на закон поднесен од најмалку 10.000 избирачи.
(2) Претседателот на Собранието може да покани на седницата на Собранието да присуствуваат и во работата да учествуваат претставници и на други органи и организации кога се разгледуваат прашања од нивна надлежност.

Член 73

Претседателот на Собранието може да покани на седницата на Собранието да присуствуваат како гости и да одржат говор високи парламентарни и државни претставници на други држави и на меѓународни организации и други видни странски личности.


Иванов во посета на САД, ќе се обрати на 73. сесија на Генералното собрание на ОН


Њујорк, 20 септември, 2018 - 12:38 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, од денеска ќе престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, по повод учеството на 73. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, информираат од кабинетот на претседателот.

Иванов на 27 септември ќе има обраќање на генералната дебата на 73. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации на тема: „Да ги направиме Обединетите нации релевантни за сите луѓе: Глобално лидерство и заедничка одговорност за мирни, рамноправни и одржливи општества“.

Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН Иванов ќе се сретне Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и ќе има повеќе билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание.

Предвидено е Иванов да присуствува на настанот на високо ниво – Глобален повик за акција за светскиот проблем со дрогата, со кој ќе претседаваат Претседателот на САД, Доналд Трамп и Генералниот секретар на ОН, Гутереш. Македонскиот претседател ќе присуствува и на Мировниот самит Нелсон Мандела 2018, пленарен состанок на високо ниво посветен на глобалниот мир, а по повод 100-годишнината од раѓањето на поранешниот јужноафрикански лидер.

Претседателот Иванов во Њу Џерси ќе оствари средба со претставници на македонската заедница.

Во рамки на работната посета на САД, на Иванов во Детроит ќе му биде врачена наградата Глобален државник, највисоко признание што го доделува Обединетата Македонска Дијаспора. Во Детроит претседателот Иванов ќе одржи предавање на Државниот универзитет Вејн, во чии рамки е Мајк Илич Школата за бизнис, и ќе оствари средба со македонската црковна заедница во Детроит.

Сопругата на претседателот, Маја Иванова ќе присуствува на настанот со првите дами учеснички на 73. Генерално Собрание на Обединетите Нации во организација на Првата дама на САД, Меланија Трамп, како и на настан кој го приредува Првата дама на Република Турција, Емине Ердоган.


Ова ќе биде референдум за втора независност, рече Заев во Европскиот парламент


Стразбур, 13 септември, 2018 - 13:19 (META) 

За нашиот македонски народ ова е историски момент. Ова е прв пат, еден премиер на нашата земја да одржи говор пред Европскиот парламент, на својот, мајчин јазик, рече премиерот Зоран Заев, за време на неговото обраќање во Европскиот парламент во Стразбур.

Говорејќи за референдумот на 30 септември, Заев рече дека тој е шанса која Македонија долго ја чекале и потенцираше дека тој ќе биде референдум за втора независност.

– Во 1991 година гласавме за независност. На референдум. Сега, повторно на референдум треба да го направиме следниот чекор: Да создадеме реална можност да станеме 30-та земја членка на НАТО, и да го започнеме, да затвораме поглавје по поглавје до членство во Европската Унија, во европското семејство. Референдумот на 30 септември, е многу повеќе отколку само референдум за Договорот од Преспа. Тоа е референдум за иднината. Тоа е референдум за нашата втора независност – рече Заев пред европратениците.

Заев им се заблагодари на колегите Борис Борисов и Алексис Ципрас и повика да се следи моделот на договорот кој го постигнаа Скопје и Атина за да да се решат и други билатерални прашања во Западен Балкан.

– Ние сакаме да послужиме како пример и инспирација за решавање на сите билатерални прашања на Западен Балкан и даваме силна поддршка на изнаоѓање одржливи решенија, засновани на европските вредности и меѓународното право, кои трајно ќе го стабилизираат регионот и ќе го подготват за интеграција во ЕУ – истакна македонскиот премиер.

Според него успешен Балкан е Балкан интегриран во ЕУ и додаде дека оваа визија била мотивација за историскиот чекор кој ги поттикнал процесите на помирување, градење заедништво и сојузништво во регионот.

– Ги знаеме препораките, тие се нашите приоритети: независни и демократски институции, владеење на правото и борбата против корупцијата и професионална јавна администрација како сервис за граѓаните – додаде премиерот.

Заев посочи и дека верува оти референдумот ќе биде успешен и дека граѓаните ќе гласаат за Европа, а за денешната покана да се обрати од ЕП Заев кажа дека е голема чест и значи силна поддршка.


Заев денеска ќе се обрати пред Европскиот парламент


Стразбур, 13 септември, 2018 - 10:39 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска треба да се обрати на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур.

Заев синоќа на собирот во Крива Паланка најави дека во ЕП ќе зборува за перспективите на Македонија. Се очекува да се осврне и на договорот со Грција, претстојниот референдум и за реформите поврзани со интеграцијата на земјата во Европската унија.

Пред два дена во ЕП обраќање имаше и грчкиот премиер Алексис Ципрас. Тој ги истакна дипломатските успеси на неговата влада во регионот, нарекувајќи го Преспанскиот договор „врвот на нашите напори“.

– Со премиерот Заев успеавме да стигнеме до заеднички прифатливо решение без употреба на сила, туку преку дипломатија и дијалог. Овој договор може да биде модел за решавање на споровите во нашиот регион – изјави Ципрас пред европратениците.


Мицкоски: За каква сплотеност говорат кога на сила туркаат референдумско прашање


Струга, 2 август, 2018 - 14:28 (META) 

Гледаме како премиерот и естаблишментот околу него силно се удираат во гради дека биле за Европската унија, а демек сите ние останати кои што не ја споделуваме нивната капитулација не сме биле за ЕУ.  Од една страна имаме премиер кој заедно со својот естаблишмент, за да го сокрие своето минато и за да може да ги покрие сите оние работи кои ги прави заедно со луѓето околу него, го покриваат со една реченица, ние сме за ЕУ. Не, ЕУ не почитува такви вредности.

Ова денеска го порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод празникот Илинден, во струшкото село Ташмаруништа.

„ЕУ се брани од таков тип на политичари. Тоа е мојата порака. И затоа ќе им порачаме од овде, колку повеќе се удираат во градите и велат ДА, толку повеќе вие и сите оние луѓе во Македонија ќе им кажат едно големо и громогласно НЕ. Доста е!“, порача Мицкоски.

Тој праша „за каква сплотеност се говори кога на сила без консултации туркааат референдумско прашање за смена на името.“

„Вистинската сплотеност треба да започне преку одбрана за државните и национите интереси, и тука доколку се согласи СДСМ секогаш ја имало нашата подадена рака затоа што Македонија е пред и над  се, не треба тоа да го заборават ниту тие, ниту ние, а ниту секој граѓанин во нашата Македонија“, додаде Мицкоски.


Заев: Ако референдумот не успее, институциите ќе одлучат за граѓаните


Скопје, 31 јули, 2018 - 13:15 (META) 

Секој од нас е должен да ја преземе одговорноста за нашата иднина и за нашата земја. Вашиот глас е ваше право, не дозволувајте некој да го одземе. Јас се обврзувам дека ќе го почитувам исходот од вашиот избор, без разлика на резултатот, на таа волја.

Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето пред граѓаните, на кое присуствуваа сите министри во Владата.

Тој ги повика граѓаните слично како на референдумот во 1991 година да донесат историска одлука, односно да излезат и да гласаат за иднина во ЕУ и НАТО и да не дозволат некој да ја држи Македонија во заложништво. Заев се обрати и на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи ги да преземат одговорност.

– Раководството на опозицијата сака да ја попречи и да ја одложи нашата иднина. Тие велат дека би можеле да добијат подобар договор. Имаа 10 години да направат договор, но поважно им беше да не држат искарани со соседите, додека си играа со стиропор и споменици отколку да изградат иднина. Со години бараа референдум и сега кога Собранието носи одлуки дека треба да се чуе гласот и волјата на грaѓаните, истите тие срамно го напуштија парламентот и бегаа од одговорност – рече Заев и додаде дека им се обраќа и на членовите на ВМРО-ДПМНЕ на кои им рече дека вратата им е отворена.

– Лично јас презедов ризик за себе, направив чекор зашто е важно за Македонија и за иднината. Имате и вие обврска како и сите граѓани да направите чекори и да ја обезбедите индината на нашата заедничка Македонија – додаде Заев.

На новинарско прашање што доколку не се исполни условот за доволна излезност и дали во тој случај резултатот од народното изјаснување ќе биде релевантен, Заев рече дека е убеден дека граѓаните ќе изберат правилно и ќе излезат, а ако не го сторат тоа, ќе го дадат правото за одлучување на инстиутциите.

– Ако граѓаните заклучат дека прашањето им е тешко и дека не се доволно информирани, може да одлучат и да останат дома, без разлика на политичките партии. Во таков случај тие ја пренесуваат одлуката на институциите. Не сакам да помислам што ако не биде исполнет цензусот. Апелирам граѓаните сериозно да го сфатат процесот. Не размислувам за неуспешен референдум, за неисполнет цензус. Уверен сум дека повеќе од 50 отсто од граѓаните ќе излезат и голем број ќе гласаат за евроатланска иднина на земјата – рече Заев.

Премиерот повика со одлуката за иднината на Македонија и Европа, граѓаните да го направат референдумот решавачко „не“ на авторитаризмот.

-Референдумот е точката во која ќе се спојат иднината на нашата Mакедоннија и на нашата Eвропа. Да го направиме, почитувани граѓани, овој референдум последен одговор на авторитаризмот! Јас сум апсолутно уверен дека вашиот збор ќе дојде од препознавање на местото на нашата земја во ЕУ и НАТО – порача Заев..