fbpx

Пендаровски: Со одлагање на уставните промени ќе пропуштиме уште една прилика што може да нè чини деценија

Обновените странски пропаганди „одлично” си ја вршат својата работа, практично без прекин, повеќе од еден век, така што нема потреба ние дополнително да копаме за да го продлабочиме јазот меѓу нас, рече претседателот Пендаровски

-

Во своето денешно обраќање во Собранието на РСМ, говорејќи за уставните промени, претседателот Стево Пендаровски порача дека поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза.

Со одлагање на уставните измени, рече Пендаровски, ќе пропуштиме уште една прилика која може да нè чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување.

„Во таа деценија сигурно нема да ги вратиме младите од Канада, Австралија и Нов Зеланд, ниту од новите дестинации на емигрантска Македонија – Емирати, Малта, Хрватска или Словенија. Поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза. Во таа смисла, обновените странски пропаганди „одлично” си ја вршат својата работа, практично без прекин, повеќе од еден век, така што нема потреба ние дополнително да копаме за да го продлабочиме јазот меѓу нас“, рече претседателот Пендаровски.

Крајно неодговорно е да се игра со чувствата на Македонецот, додаде тој, и на темата страв од наводно губење на идентитетските атрибути да се печалат ситни политички поени.

Претседателот посочи дека во јавниот простор, на социјалните мрежи последниве години се водат вистински војни за тоа кој е поголем патриот или предавник и порача дека е крајно време да го дефинираме патриотизмот, кој во една модерна форма, индивидуално и колективно треба да се темели на интегритетот на личноста и лојалноста кон државата.

„Патриотизам е кога не ја злоупотребувате функцијата за лично богатење, кога квалификувани лица доаѓаат на чело на институциите. Патриотизам е кога оставате простор вашите политичките противници слободно да го кажат своето мислење, кога покажувате витешки однос кон оние со кои не се согласувате, патриоти се оние кои работат за подобри јавни услуги, подобро образование и здравство, патриотите не ја загадуваат животната средина“, рече Пендаровски во македонското собрание.

Странските санкции не се доволни за борба против корупцијата

Претседателот од Собранието зборуваше и за правосудниот систем, за чии суштински реформи рече дека со години постои отпор од повеќе страни. Како причина за тоа ја посочи спрегата помеѓу делови од политичката и бизнис заедницата со дел од судиите и обвинителите, која во изминатите децении создаде атмосфера во која се развива ендемска корупција што ја загрозува виталноста на државата.

„За жал, се стекнува впечаток дека САД и Европската Унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од нашите институции. Меѓутоа, странските санкции не се доволни, не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем, бидејќи корупцијата, во меѓувреме, стана начин на живот за многумина или како што неодамна ја опиша еден странски амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето кој мора да се менува“, рече Пендаровски.

Тој посочи дека процесите на висока корупција се исклучително бавни и неизвесни, а малубројните успешно завршени судски процеси се ограничени на конкретен временски период, при што, речиси секогаш отсуствува континуитет во акциите на државата, особено по промените на власта на централно или локално ниво.

Пендаровски на следниот парламент му порача веднаш по изборите да спроведе прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но прво кај политичарите.

„И за секого, за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следи не само оставка, туку кривична постапка“, порача претседателот Пендаровски.

Во своето обраќање пред пратениците, Пендаровски рече дека крајот на 2023 година ни ја донесе најголемата тага во последната деценија и оти преку личната трагедија на малата Вања и нејзиното семејство можевме „како на дланка да ја видиме целата патологија на македонската транзиција, амбиентот кои сите ние, повеќе или помалку, го создававме во изминативе 32 години“.

„За жал, потфрли и севкупниот општествен систем затоа што во името на некаков погрешно разбран демократски плурализам не ги оневозможи овие индивидуи од натамошно загадување на јавниот простор“, констатираше претседателот.

Тој истакна дека механизмите на правната држава мораат на време да ги санкционираат сите оние кои користат говор на омраза кон политичките противници, кои навредуваат или се закануваат на луѓе од друга вера или нација и порача дека мора да бидат забранети политички партии и невладини организации кои работат спротивно од декларираното во основачките документи и, во суштина, ја злоупотребуваат демократијата како неспорна вредност на модерниот свет.

„Со други зборови, државата мора системски и навреме да ги маргинализира оние кои пропагираат антицивилизациски вредности за да превенираме некои идни убијци кои освен наши граѓани, деца, возрасни или старци, можат повторно да ја убијат и нашата колективна совест“, рече претседателот Пендаровски во обраќањето во македонското собрание.

Пендаровски додаде дека во неговиот мандат се трудел да биде достапен за секој граѓанин, да ги слушне нивните маки, а секаде каде што можел да помогне – помагал, некој пат и неформално, убедувајќи се со оние кои биле формално надлежни да им помогнат на луѓето.

„Сметав дека е моја морална обврска да ги застапувам ставовите на маргинализираните, оштетените од неправдите или невидливите, заборавените од системот чиј глас не допира до институциите. И од тој аспект, мојата совест е мирна“, рече Пендаровски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...