fbpx

Конференција „Е-Општество.мк“: Вештачката интелигенција создава можности за иновација, но покренува и загриженост за заштитата на човековите права

Постигнувањето на рамнотежата меѓу иновацијата и одговорноста е суштинско за да се обезбеди дигитален пејсаж што го опфаќа адресирањето на прашања како што е приватноста, предрасудите, дискриминацијата и етичкото користење на ВИ за да се заштитат човековите права

-

Вештачката интелигенција (ВИ) создава можности за иновации во различни области, меѓутоа овој брз напредок на технологијата покренува загриженост за тоа како да се заштитат основните човекови права. Постигнувањето на рамнотежата меѓу иновацијата и одговорноста е суштинско за да се обезбеди дигитален пејсаж што го опфаќа адресирањето на прашања како што е приватноста, предрасудите, дискриминацијата и етичкото користење на ВИ за да се заштитат човековите права, пишува Порталб.мк.

Ова, меѓу другото, го кажа Мила Јосифовска Даниловска, програмски менаџер во Фондацијата Метаморфозис, на отворањето на 19-тата меѓународна конференција „е-Општество.мк“, која годинава е посветена на темата „Вештачка интелигенција и човекови права: Потрага по вистинскиот баланс помеѓу иновација и одговорност”.

„Додека ВИ продолжува да го формира нашиот свет, потребата за да се заштитат човековите права без да се загуши технолошкиот напредок станува најголемиот предизвик на нашето општество. Ова е причината зошто Метаморфозис формира една ВИ Коалиција од невладините организации, академијата, стопанството и активистите истомисленици, кои делат заедничка загриженост за заштитата на слободите на интернетот и дигиталните човекови права. И токму ова е причината поради која ние го организиравме овогодинешното издание на Е-Општество за на некој начин за да ја истражиме ВИ како една можност за подобрување на животот на граѓаните, но и како потенцијална закана по човековите права и демократијата, кои ќе ги третираме преку разни аспекти, меѓу кои се и дигиталната ера за граѓаните, важноста што стои зад опфаќањето на етиката во создавање на технолошки сеопфатни и неинвазивни решенија, одговорното користење на ВИ, и преглед врз дезинформациите на интернет како закана врз интегритетот на изборите“, рече Јосифовска Даниловска.

Отварањето на конференцијата Е-Општество.мк

Дритон Даути, шеф на кабинет на министерот во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) истакна дека заедно со технологијата, иновацијата, етиката, едукацијата, државата, а посебно министерството, треба да создава закони и правилници за сите овие да ги опфати во едно, бидејќи доколку една од нив недостига ние не можеме да имаме иновативен екосистем и ова може да создаде повеќе штета отколку да даде резултати.

„Како министерство, сме претпазливи и го знаеме суштинското влијание на ВИ врз општеството и особено врз човековите права. Поради оваа причина нашиот фокус е во поттикнувањето на еден иновативен екосистем што не само што е во линија со светските стандарди, туку исто така освен технологијата, ја има во центар и инклузивноста и заштитата на основните етички начела. Поради оваа причина МИОА и работните групи заедно со експерти од земјава и од странство работат во создавање на една стратегија и акционен план за воведување на ВИ во администрацијата“, рече Даути.

Тој додаде дека за ова се дефинирани четири приоритетни столбови за ВИ стратегијата во државната администрација.

„Прво, ќе ја анализираме технолошката инфраструктура на ниво на државните институции по што ќе излеземе со инвестиционен план, за да се осигураме дека ВИ се совпаѓа како со техничките стандарди, така и со етичките. Второ, имајќи ги во предвид подобрите европски пракси и стратегиите на неколку држави за воведување на ВИ во нивните држави, ќе бидеме сигурни дека и ние како држава ќе создаваме закони и стандарди за имплементација на ВИ во согласност со потребите и светските вредности. Трето, како одговорно министерство, бараме транспарентност во развојот на ВИ, дозволувајќи им на граѓаните, на стопанството и на НВО-ата да бидат дел од овие важни процеси и да веруваат во технологијата и формите за имплементација на истата. Последно, неформалните обуки се клучни за користење на ВИ во државната администрација и за ова ние ја основаме академијата за обуки во јавната администрација“, додаде Даути.

Меѓународната конференција „е-Општество.мк“ е организирана од Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, во синергија со проектите „Центар против дезинформации на Западен Балкан“ финансиран од Министерство за надворешни работи на Кралството Холандија, и проектот “Добро владеење во сајбербезбедност на Западен Балкан“ спроведен од Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (DCAF) и Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој на владата на Обединетото Кралство.

Конференцијата се одржа во хибриден формат, односно учесниците можеа да ја следат со физичко присуство, онлајн преку платформата ЗООМ и преку Фејсбук Лајв на Фејсбук страницата на Фондацијата Метаморфозис.

Да се потсетиме дека 19-тото издание на меѓународната конференција „е-Општество.мк“ од Фондацијата Метаморфозис започна синоќа со „Сајбер Шејк“ дебатата за млади „Зошто да учам кога има вештачка интелигенција?“

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...