„Сајбер шејк“: студентите можат да ја користат вештачката интелигенција како алатка, но пред сè треба да учат

Студентите на дебатата порачаа дека употребата на вештачката интелигенција за студирање е еднаква на употребата на Интернетот или другите алатки, додека професорите порачаа дека студентите може да користат вештачка интелигенција во трудовите, но на крајот сепак ќе мора да полагаат испит

Фото: Идлир Лума, Порталб.мк

Студентите можат да ја користат вештачката интелигенција (ВИ) како дополнителна алатка за време на нивните студии, но тие не треба целосно да се потпираат на таквите програми, бидејќи тие мора да го научат тоа што вештачката интелигенција им го нуди како готов материјал. Ова, меѓу другото, го кажаа учесниците на дебатата за млади „Сајбер шејк“ на тема „Зошто да учам кога има вештачка интелигенција?“ што се одржа на Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово, во рамките на 19-тото издание на Меѓународната конференција „Е-Општество.мк” на Фондацијата Метаморфозис, со поддршка на УСАИД, имплементирана од организацијата IESC во партнерство со Образовниот младински форум и CEED Hub Скопје, пишува Порталб.мк.

Секогаш кога Министерството бара да преземе каква било мерка, реформа или влијание врз буџетот, или да воспостави каков било механизам за позитивен притисок, универзитетите се повикуваат на тоа дека се автономни и дека сами одлучуваат за овие работи. Вака одговори министерот за образование и наука Јетон Шаќири на прашањето на модераторот Фисник Џелили околу тоа дали тие како министерство составиле некаков закон или правилник за употребата на вештачката интелигенција во високото образование. Но, тој додаде дека веќе од следната година за акредитирање на студиските програми, во нив ќе мора да се опфатат и дебати за актуелни теми.

„Кога станува збор за дебатите за студиските програми, од високообразовните институции сме добиле одговор дека се автономни и дека одлуките ги носат тие самите. За ова имаше критики минатата година, и оваа година, но од идната година од сите јавни институции е побарано во студиските програми што ги поднесуваат при отварање на конкурсот за следната академска година, барем да опфатат и теми и дебати кои се поактуелни. Јас сум за употребата на вештачка интелигенција, но до одреден степен и тука е прашањето за некои важни елементи за кои треба да се дискутира. Треба да се разгледа аспектот на безбедноста, етиката, менаџментот и да се предвидат корисните елементи што можеме да ги имаме, било тоа во однос на реформата на образовните програми или во однос на придобивките што можеме да ги имаме во образовниот систем – основно, средно или високо образование. Но, притоа користејќи ги најдобрите начини“, рече министерот Шаќири.

Според студентките Зана Речи и Њомза Бехадини, употребата на ВИ за студирање е еднаква на употребата на Интернетот или другите алатки, но тие ја нагласија важноста професорот да ги открие плагијатите и да не се поминат само колку да им даде поени или оценки на студентите.

„Прво, студентите користат ВИ за плагијат, а второ, како помош, како дополнителна алатка за учење. Верувам дека користењето на вештачката интелигенција е исто како и користењето на Интернетот, разните медиуми, енциклопедиите. Зависи од студентот и од пристапот како се одвива наставата или студирањето. Ако професорот бара само еден есеј, задача или само да се поднесе писмениот труд без оглед на тоа како сте го составиле, или ако наставниот пристап е само оценување со бодови или оценки, тогаш не е ни чудно што студентите ги користат овие средства, бидејќи знаат дека дури и ако се потрудат самите, нема да се вреднува поинаку од тоа што ќе го добијат од друго место“, нагласи студентката Речи.

„Како студентка по компјутерски науки мислам дека ние имаме поинаков пристап од другите, мислам дека ChatGPT е основната верзија на вештачката интелигенција. Злоупотребата на вештачката интелигенција од страна на многу студенти доаѓа од фактот дека постои тенденција да се прикаже вештачката интелигенција како нешто негативно, наместо да се научи истата да се користи на правилен начин. Има еден правилен начин, има начин на кој можеш да добиеш „фид бек“ од ChatGPT или другите форми, меѓутоа, ако зборувам за мене лично, студентите по информатика не се најдобри по уметничките и јазичните предмети, така што вештачката интелигенција ми помогнала многу со „фид бек“ во есеите, во секакви случаи кога непосредниот контакт со професијата не е можен. Користењето на ChatGPT не е ништо повеќе од користењето на Интернетот, или земањето на задачите од некој друг“, рече студентката Бехадини.

Универзитетскиот професор Адриан Бесими истакна дека универзитетите не можат да се заштитат од употребата на вештачката интелигенција, бидејќи таа достигнала едно многу високо ниво на ефикасност и материјалите што се произведуваат со неа се многу оригинални.

„Што се однесува до тоа дали студентите ја злоупотребуваат, не би рекол дека ја злоупотребуваат, туку дека ја користат. Во еден од моите предмети еден ден им реков на студентите да ја користат, но само како алатка, а не да напишат сè со помош на истата, затоа што за тоа ние сме платени, ние сме професорите, па се обидуваме да ја објасниме длабочината на еден проблем и ако не е нешто јасно, тогаш искористете ја. Но, употребете ја со доза на резерва затоа што во позадина е статистика, таа се базира на општи знаењa, и ако 100 луѓе кажат за нешто дека е погрешно, тогаш таа погрешно и ќе го научи. Затоа потребно е да се пристапи со одредена доза на резерва кога се работи за учење, но реално ChatGPT се алатки кои се однапред обучени и кои се засноваат на историја. Тие немаат свои нови знаења, затоа добро е да се користат како помош, како на пример во математиката, кога сметководителот користи калкулатор, може и на хартија, но калкулаторот е помошно средство“, рече професорот Бесими и истакна дека во основното образование воопшто не треба да се користи.

Според професорот Бесими, прашањето за употребата на вештачката интелигенција во високото образование не треба да се регулира со закон, а главниот проблем е во однос на изработката на трудовите од студентите.

„Ниту една алатка не е суперсофистицирана за да открие сè, алатките велат дека постои можност да е плагијат, но тоа можеби и не е вистина. Имавме случај кога тестиравме еден професорски труд од 2005 година, го ставивме во контролниот систем и добивме одговор дека е направен од ChatGPT – тоа не е точно затоа што ChatGPT излезе после 2018 година. Значи, во однос на изработката на научните трудови имаме потешкотии, ги имавме и порано, така што и без ChatGPT сепак мора да откриете дали се работи за плагијат. Сега, дали тоа ќе го открие менторот, студентот, комисијата или Министерството, тоа е друг проблем, но одговорноста е на тој што го изработува тој документ“, нагласи професорот Бесими, истакнувајќи дека се обидуваат да го злоупотребат образовниот систем за да постигнат одредена цел.

Координаторката на Форумот за образовни промени, Сабрије Тефики, истакна дека студентите можат да користат ВИ, но пред сè мора да учат.

„Кога зборуваме за вештачката интелигенција, ние зборуваме за еден поширок концепт, не само за делот на ChatGPT кој горе-долу е еден режим или генератор. Кога зборуваме за вештачката интелигенција мораме да нагласиме дека имаме софтверски и хардверски дел што ја прави алатката производ кој се натпреварува или обезбедува интелигенција на луѓето за решавање на проблеми или донесување на одлуки за тие да бидат поефикасни и на време и поисплатливи“, изјави Тефики.

Таа додаде дека студентите дефинитивно можат да го користат, но идејата е тоа да се користи како алатка.

„Ако треба да одговориме на прашањето дали треба да учат, можеби тоа е мој личен став и многу експлицитно и тоа и го правам, мислам дека треба можеби уште повеќе да учиме. Ние престанавме да учиме кога беше создадена Википедија, уште кога бев во основно училиште ни велеа да не ја користиме Википедија, со пишување само на име и презиме ни излегуваше цела биографија на одредена личност х, позната или не толку позната. Престанавме да учиме во моментот кога се појави телефонот, интернетот… па што знам, да почнеме со првата парна машина. Значи, точно е дека не чека поголем предизвик, можеби затоа што пазарот се менува и ако не се прилагодиме, ќе бидеме никој и ништо“, рече Тефики.

Во продолжение на разговорот во однос на развојот на високото образование во контекст на технолошкиот развој, министерот Шаќири ја истакна потребата универзитетите да ги дигитализираат сите процедури, бидејќи тоа е неопходност на процесите, а студиските програми да се дизајнираат врз основа на потребите на пазарот на труд, а не според кадарот што го имаат.

Професорот Бесими имаше порака до студентите кои користат вештачка интелигенција, нагласувајќи дека може да пробаат да ги пишуваат трудовите со ChatGPT, но сепак ќе мора да полагаат испит.

„Ако научил, без разлика дали со ChatGPT или од мене, или од книгата, ако научил, доволно ќе биде затоа што ќе може да го докаже тоа на испит – значи целта е да научи, дали со помош на ChatGPT или не, тоа не е некој голем проблем“, рече тој.

Тефики истакна дека професиите на иднината се нови концепти и потребно е повеќе да се инвестира во дигиталната инфраструктура и да се интервенира и по однос на законите, но и на локално ниво.

Студентката Бехадини нагласи дека професорите треба да ги учат студентите за правилна употреба на вештачката интелигенција, бидејќи нејзиното користење е од голема помош.

Студентката Речи нагласи дека треба да се направи разлика помеѓу употребата на вештачката интелигенција во хуманистичките-социјални и природните-компјутерски науки. Разликата е во етиката, би побарала да има едукација на студентите од општествените науки за тоа кои ризици може произлезат од користењето на ВИ, изјави таа.

Инаку, денеска во хотелот Мериот во Скопје се одржи главниот настан од конференцијата „Е-општество.мк“ на тема „Вештачка интелигенција и човекови права: Потрага по вистинскиот баланс помеѓу иновација и одговорност”. Целосната агенда можете да ја најдете TУКА.