Камил Сливовски: Вештачката интелигенција нè прави попродуктивни, но потребни се регулации и свесно користење

Полскиот експерт дискутираше како најдобро може да се користи вештачката интелигенција на конференцијата е-Општество.мк

Фото: Мета.мк

Возбудувачки е на колку сè нови начини ќе се користи и веќе се користи вештачката интелигенција (ВИ) во нашите животи, но мора да сме претпазливи со новоотворената „Пандорина кутија“. Ова беше заклучокот на Камил Сливовски, дизајнер на активности и содржини за учење од полската организација ИНКО (Полска), за време на 19-тото издание на меѓународната конференција е-Општество.мк што се одржува денеска на темата „Вештачка интелигенција и човекови права: Потрага по вистинскиот баланс помеѓу иновација и одговорност“. Настанот е организиран од Фондацијата Метаморфозис.

Во својот инспиративен говор, Сливовски истакна дека истражувањата веќе покажуваат дека ВИ технологија ја зголемува продуктивноста. Конкретно, таа помага при генерирање идеи при пишувањето, при формирањето на првични верзии на текстови, како и при олеснувањето на извршувањето на одредени репетитивни и „досадни“ задачи.

„Вештачката интелигенција ни ја зголемува продуктивноста, без притоа да треба да научиме многу нови вештини. Ова се разликува од претходни дигитални алатки кои ни овозможија пристап до поголема креативност, како што се програмите за монтажа на видеа или за графички дизајн. Иако тие алатки се релативно едноставни за користење, особено во споредба со нивните аналогни претходници, сепак е потребно да се научат одредени вештини за да се користат истите. Генеративната ВИ технологија е толку едноставна за користење, што ја зголемува продуктивноста на многу почетници. Всушност, таа помалку ја зголемува продуктивноста на експерти“, објасни Сливовски.

Сливовски потенцира дека иднината на ВИ не лежи само во популарните алатки за генерална употреба, како ChatGPT, туку и во специјализирани алатки, кои ќе им помогнат на фирми и на невладини организации. На пример, постои услуга која користи ВИ што специфично помага при формулацијата на кампањи за јавно собирање средства.

Дополнително, друго поле кое има многу потенцијал во иднината се т.н. „мултимодални“ ВИ услуги, односно тие кои комбинираат вчитување и генерирање на содржини со текст, слики, аудио и други медиуми. На пример, тој покажа како Бард, конкуренцијата на ChatGPT развиена од Гугл, може да интерпретира слика од дијаграм, да го преведе текстот и потоа да го вметне преведениот текст во сликата.

Конечно, Сливовски го истакна видот на ВИ кој е потенцијално најстрашен, а тоа е технологијата која овозможува имитирање на ликот и гласот на други луѓе. Тој посочи како видео од сопствен едноминутен говор го „превел“ на неколку јазици, каде тешко се познава која е оригиналната снимка.

При одлучување на тоа дали да се користи ВИ при извршувањето на одредена задача, Сливовски апелираше да се внимава на неколку аспекти: дали се потребни прецизни резултати, дали се работи за лични податоци, дали се осетливи податоците и чие е авторското право на податоците кои се користат.

Но, Сливовски потенцира дека не е доволна претпазливост на лично ниво при користењето ВИ, туку дека се потребни регулации, особено за транспарентноста на големите ВИ фирми за тоа кои податоци ги користат при тренирањето.

„Конечно, ако сакаме да зборуваме за одговорно користење на ВИ, мора да се земе предвид импактот врз животната средина и работните услови. Користењето на ВИ технологија користи многу повеќе струја во споредба со пребарувањето нешто на Гугл, на пример. Веќе постојат земји кои го чувствуваат овој импакт. Градењето на центри каде може да се тренира ВИ бара многу енергија и работници“, заклучи Сливовски.

Инаку, меѓународната конференција „е-Општество.мк“ е организирана од Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, во синергија со проектите „Центар против дезинформации на Западен Балкан“ финансиран од Министерство за надворешни работи на Кралството Холандија, и проектот “Добро владеење во сајбербезбедност на Западен Балкан“ спроведен од Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (DCAF) и Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој на владата на Обединетото Кралство.