fbpx

Османи пред Советот за безбедност на ОН: Итно повлекување на руските сили од Украина

Османи целосно ја поддржува истрагата што ја започна Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд и ги поздрави привремените мерки на Меѓународниот суд на правдата со кои ѝ се наложува на Русија веднаш да ги прекине воените операции

-

На една година од руската инвазија врз Украина, министерот за надворешни работи Бујар Османи се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации на отворената дебата за Украина на тема „Зајакнување на одговорноста и правдата за прекршување на меѓународното право“, информираат од Министерството за надворешни работи.

Оваа отворена дебата доаѓа по вчерашната 11-та Специјална итна седница на Генералното собрание на ОН, каде Претседавачот Османи исто така имаше свое обраќање. На седницата на ОН беше усвоена Резолуцијата за праведен и траен мир во Украина. Во тој контекст, пред Советот за безбедност Османи истакна дека Северна Македонија ја поддржува оваа резолуција и е меѓу нејзините главни ко-спонзори. За зачувување на мирот и безбедноста, рече тој, потребна е максимална акција за придржување кон меѓународното право и меѓународното хуманитарно право.

Тој во своето обраќање уште еднаш се осврна на нашата поддршка за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, во нејзините меѓународно признати граници. Ја обвини Русија за постојаните напади во урбаните области, оставајќи ги цивилите и градовите без пристап до основни човечки потреби.

„Досегашните истраги во повеќето нападнати градови во Украина водат до заклучок дека се извршени воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече Османи, споменувајќи и извршена сексуална злоупотреба и насилство врз жени и девојчиња, што е сериозно кршење на меѓународните човекови права и меѓународното хуманитарно право.

„Сторителите на овие злосторства мора да одговараат и да бидат изведени пред лицето на правдата“, потенцираше Османи. Тој нагласи дека како Претседавач со ОБСЕ сака да стави акцент на Московскиот механизам на ОБСЕ како важен извор, со цел да се утврдат фактите за можните воени злосторства и злосторствата против човештвото. Ова е, рече Османи, со цел извршените злосторства да се презентираат пред релевантните механизми за одговорност, како и пред меѓународните судови или трибунали.

„Го делиме ставот дека Меѓународниот кривичен суд е составен дел од мултилатералната архитектура која го поддржува владеењето на правото. Таа е централна институција во борбата против неказнивоста и потрагата по правда“, рече Османи во своето обраќање.

Тој додаде дека целосно ја поддржува истрагата што ја започна Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд и ги поздрави и привремените мерки на Меѓународниот суд на правдата со кои ѝ се наложува на Русија веднаш да ги прекине воените операции.

Османи повика и на целосно искористување на постоечките механизми за човекови права како клучни за поддршка на процесите на одговорност, зборувајќи тука за Советот за човекови права. Овој Совет, согласно своите специјални процедури, треба да ги истражи повредите и злоупотребите на човековите права и поврзаните злосторства во контекст на руската војна против Украина.

На крајот на своето обраќање, Османи ја повика Руската Федерација да ја прекине војната и го повтори барањето за итен прекин на воената агресија врз Украина, како и за целосно и итно повлекување на нејзините сили од територијата на Украина.

„Мора да го вратиме мирот и мора да надвладее одговорноста! Тие што направиле злосторства мора да бидат изведени пред лицето на правдата“, заклучи Османи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Грчкиот дипломат Рокас доаѓа на местото на Дејвид Гир како амбасадор на ЕУ за С. Македонија

Жосеп Борел, високиот претставник на Европската Унија, номинираше 44 нови шефови на делегации на ЕУ, вклучително и нови амбасадори на ЕУ во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна...