Пендаровски: Наредните 30 години за нас и за целиот свет ќе бидат дефинирани од климатските промени

Фото: Кабинет на Претседателот на РСМ

Претседателот на РСМ Стево Пендаровски денеска го отвори Младинскиот самит за климатски промени во Скопје, напоменувајќи дека за нас како земја и за целиот свет наредните 30 години ќе бидат дефинирани од најголемиот глобален предизвик, а тоа се климатските промени.

„Последниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени – IPCC недвосмислено укажува дека ние веќе ја живееме последната деценија во која ќе можеме да влијаеме за да го ограничиме глобалното затоплување. Меѓутоа, за тоа да го направиме ќе биде неопходно брзо и од корен да го промениме енергетскиот и производствениот систем во светот“, појасни претседателот Пендаровски.

Тој додаде дека сите ние ќе мора да стекнеме нови, одржливи животни навики и да покажеме многу поголема грижа за животната средина.

„Во спротивно, ако не успееме на глобално ниво драстично да ги намалиме емисиите на стакленички гасови во текот на оваа пресудна деценија, и ако не успееме да постигнеме нето нула емисии до 2050 година, тогаш неминовно ќе дојдеме до точката од која ќе нема враќање“, ја испрати до младите пораката Пендаровски.

Тој ги потсети младите учесници на годинешниве шумски пожари и поплави што се случија кај нас и во Европа, кои ни претскажуваат каква иднина не очекува.

„Особено ранлив на климатските промени е и ќе биде Медитеранскиот регион, на кој и ние припаѓаме. Тоа се констатациите и предвидувањата на науката. Но, што можеме ние да направиме во врска со тоа? Реално, самите можеме многу малку, но, заедно со другите држави во Европа и светот, можеме да направиме многу“, истакна Пендаровски.

За десеттина дена Пендаровски ќе учествува на Светскиот лидерски самит за климатски промени во Глазгов, каде ќе ги пренесе ставовите и политиките на нашата држава. Целта на Северна Македонија е да ги намали националните нето емисии на стакленички гасови за 72 отсто до 2050 година, во споредба со нивото од 1990 година.

„Вие сте најинформираната и најдигитализирана генерација во историјата на човештвото. За да излеземе на крај со овој глобален предизвик нам ни се неопходни вашиот ентузијазам, вашите иновативни и креативни идеи и решенија. Затоа сме денеска тука, да ги чуеме вашите размислувања за тоа како конкретно, на дело да ги оствариме споменатите стратегии, и да овозможиме побезбедна иднина и за вас и за идните поколенија“, им порача Пендаровски на младите.