Денеска премиерот, Зоран Заев преку видео обраќање се обрати на граѓани со апел за одговорно да се прослават претстојните празници.Посебно се заблагодари на сите оние кои се во првите редови во борбата со ковид-19.
„Годинава што изминува ќе остане запаметена по здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот, кај нас и во целиот свет. Беше и сѐ уште е многу тешко. Но, сите сме ангажирани – секој од нас е загрижен и придонесува со помош и поддршка бидејќи се работи за сопственото здравје, за здравјето на најблиските и за јавното здравје. Но во оваа борба, во првите редови сте вие, лекарите и целиот медицински и помошен персонал во болниците. Сите вие, изминативе месеци, сте на првата линија во борбата со опасниот вирус – го штитите нашето здравје, а тоа значи дека сопственото го ризикувате, заради сите нас. На првата линија сте и вие, припадниците на полицијата, на армијата и сите останати ангажирани за време на оваа кризна состојба. Сите вие на првата борбена линија, сте нашите херои. Ви благодарам за сета пожртвуваност и храброст,“ вели Заев во обраќањето.
Тој ги повика граѓаните на одговорно однесување и почитување на мерките, и на тој начин ќе се даде огромна поддршка и почит кон лекарите, кон медицинските работници, кон полицијата и армијата.
„Да си посакаме здравје, но пред сѐ да придонесеме со нашето однесување да имаме здравје. Ако имаме здравје, ќе можеме да работиме, да заработиме, да се дружиме, да живееме и да се сакаме во кругот на семејството и блиските. Затоа „Празнувај одговорно“ – носи маска, не се групирај, не слави, туку скромно одбележи. Мораме така додека не се спроведе вакцинацијата,“ додаде Заев.