Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Климатските промени влијаат на сите и поради тоа, климатските активности се наша работа. И покрај глобалната пандемија на ковид-19, Република Северна Македонија размислува да ги зголеми своите заложби и да ги зајакне своите напори во глобалната трка со времето за ограничување на глобалното затоплување. Што и да правиме, никогаш не смееме да заборавиме дека вистинската причина за жртвите што ги даваме денес е за благосостојбата на вашата генерација утре, рече претседателот Стево Пендаровски во видео обраќање до учениците по повод годинешниот почеток на Проектот за климатска акција.

Станува збор за меѓународен проект во кој учествуваат 130 земји, меѓу кои и училишта од Северна Македонија, кој е наменет за соработка помеѓу наставниците и учениците, а со цел подобро образование на учениците и менување на нивната свест во однос на климатските промени, одржливиот развој, намалувањето на емисии на штетни гасови.

„Можеме и мораме да го смениме текот на нашиот свет. Денес живееме во време на таканаречени инфлуенсери со милиони следбеници на социјалните медиуми. Сепак, луѓето кои навистина го имаат најголемо влијание и влијаат на начинот на кој децата го гледаат светот и нивното место во него не се инфлуенсерите, туку наставниците“ им се обрати претседателот на учениците, потенцирајќи дека наставниците се оние кои можат да ги натераат да бидат љубопитни, но и воедно да ги испровоцираат да поставуваат правилни прашања.

Тој рече дека на наставниците им е доверена клучната одговорност: пренесување на идеи и вредности кои не само што можат да ги одржат нашите животи, туку исто така можат да го трансформираат светот на подобро.

Пендаровски изрази целосна поддршка на Проектот за климатска акција и задоволство што многу ученици и наставници од неколку македонски училишта веќе се приклучија на овој проект.

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј и првиот советник во француската амбасада Мрозек денеска на Пендаровски лично му ја врачија поканата за учество на виртуелен настан посветен на климатските промени, на кој ко-домаќини ќе бидат генералниот секретар на ООН, премиерот на Обединетото Кралство, како и претседателот на Република Франција.