Ковачевски: Албанскиот јазик е мој братски јазик

Фото: Влада на РСМ

Aлбанскиот јазик не е мој мајчин јазик, но албанскиот јазик е мој братски јазик, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски, на настанот организиран по повод 114-годишнината од стандардизацијата на албанската азбука. Тој кажа дека почитувањето и уважувањето на различните јазици е европски, цивилизиран и напреден начин на функционирање на општествата.

„Јазикот не е само средство за комуникација со кое ќе се разбереме, тој е дел од нашиот идентитет и од нашиот генетски код. Чинот на уважување и почитување на јазиците покажува еден европски, цивилизиран и напреден начин на функционирање во светот“, рече премиерот.

Тој кажа дека тој лично како прв од извршната власт и како Македонец е среќен што е сплотен со останатите на патот кон зачувување на неговиот мајчин, македонскиот јазик.

„И за тоа ќе сум бескрајно благодарен на сите кои помогнаа на тој пат. Кога преговаравме со ЕУ, до мене рамо до рамо седеше Бујар Османи. Јас и Бујар Османи на исти начин го браневме македонскиот јазик. На ист начин тој го почитува македонскиот јазик како што јас го почитувам албанскиот јазик“, рече Ковачевски.